Регион

Ослободени од обвинението за предизвикување на омраза поради изјава за Сребреница

Судот на Босна и Херцеговина ги ослободи од обвиненијата за поттикнување на омраза и нетолеранција, Милан Мандиќ и вработените во една локална телевизија, поради изјава дадена во 2014 година, дека масакрот во Сребреница е „божја правда“.

Пишува: Адмир Муслимовиќ, Сараево

Судот на БиХ. Фото: Суд на БиХ

Претседателот на Здружението на семејствата на исчезнати лица од Сараевско-романискиот регион, Милан Мандиќ, и вработените во телевизија Елта, Дејан Ракита, Маријана Савиќ и Мира Костовиќ, се ослободени од обвинението за предизвикување на национална, расна и верска омраза, поради изјава дадена во 2014 година.

Мандиќ беше ослободен од обвинението дека со изјавата што ја дал за Елта, оти злосторствата во Сребреница извршени над Бошњаците биле праведна одмазда и „божја правда“, предизвикал омраза или нетрпеливост.

Останатите обвинети беа ослободени од обвинението дека биле помагачи во извршувањето на ова кривично дело.

Објаснувајќи ја пресудата, судијата Билјана Ќуковиќ рече дека судот не препознал ниту еден елемент од обвинението и дека прегледувајќи ја снимката на емисијата што се емитувала на Елта, утврдил дека Мандиќ не го извршил кривичното дело за кое е обвинет.

„Мандиќ својата изјава ја коригира на самиот крај, велејќи дека злосторниците немаат вера, ниту нација и дека сите се исти, што, според мислењето на судот, дава друга димензија. Обвинителството во обвинението ставило само дел од изјавата на Мандиќ, што претставува ‘вадење од контекст’, што е неприфатливо“, рече Ќуковиќ.

Таа додаде дека судскиот совет заклучил оти Мандиќ не ги негирал злосторствата извршени врз Бошњаците во Сребреница и дека обвинителството не докажало оти постојат елементи на кривично дело.

„Судот смета дека Мандиќ има право да ги толкува своите уверувања, што претставува право на слобода на изразување“, рече Ќуковиќ.

Со истата пресуда, вработените во телевизија „Елта“, Ракита, Савиќ и Костовиќ, како и сопственикот на телевизиската станица – компанијата „Стјена херц“, беа ослободени од вината, како и од плаќање на судските трошоци.