Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, изјави дека поранешниот генерал на Војската на Југославија, ВЈ, Владимир Лазаревиќ, кој издржуваше затворска казна за воени злосторства во Косово, а кој сега ќе биде предавач на Воената академија во Белград, треба да биде „пример”.
Филип Рудиќ, Белград
Владимир Лазаревиќ, поранешен командант на Приштинскиот корпус на ВЈ, кој отслужи две третини од својата 14-годишна затворска казна, на која беше осуден за воени злосторства извршени во конфликтот во Косово, ќе биде предавач на Воената академија во Белград, изјави во среда, министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, за „Вечерње новости“.
„Воведовме правило, најистакнатите старешини од војните што се зад нас, да добијат простор на Воената академија … Тоа, на одреден начин, е исправање на неправдата што им беше нанесена во претходните години”, додаде Вулин.
Истакна дека Србија се лишува „од најскапоцените искуства”, кога се одрекува од командантите кои учествувале во југословенските војни.
„Пример за кадетите, мора да бидат српските генерали, особено оние кои се докажале во најтешките времиња”, рече тој.
Лазаревиќ беше ослободен во 2015 година, а српските власти, кога тој по издржувањето на казната се врати во Србија, му организираа херојски дочек.
Неодамна се појави на насловните страници на медиумите, поради неговото присуството на средбата на поранешните старешини на Третата армија на ВЈ, заедно со Никола Шаиновиќ, исто така, осуден воен злосторник, при што беа поздравени од министерот Вулин.
Вулин, за време на својот говор на овој настан, истакна дека Србија повеќе нема да се срами од оние кои ја „бранеле”, оти тоа време исчезнало, а дошло времето за „тивка гордост”.
Критика кон Вулин, поради овој говор, упати американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот, кој за возврат беше нападнат од медиумите во Србија.
На списокот на нови предавачи на Воената академија е и генералот Божидар Делиќ, командант на 549 моторизирана бригада на ВЈ. Тој, според истражувањето на белградскиот Фонд за хуманитарно право (ФХП), наводно, е одговорен за напади на осум косовски села во 1999 година, кои резултирале со 885 мртви.
Делиќ никогаш не беше процесиран заради своето учество во војната.
Меѓу предавачите е и актуелниот началник на Генералштабот на Војската на Србија, Љубиша Диковиќ, кој за време на војната во Косово бил командант на 37. бригада на ВЈ.
Во документарниот филм, што на почетокот на оваа година го објави ФХП, се наведува дека во 1999 година, во Косово, на територијата која била во зоната на одговорност на бригадата на Диковиќ, биле убиени околу 1.400 цивили.
Против Диковиќ, исто така, никогаш не беше спроведена истрага во врска со наводите за сторени воени злосторства. Тој во 2016 година го доби случајот што го покрена против ФХП, во кој на оваа организација ѝ беше наложено да му исплати надомест на Диковиќ, бидејќи го обвинила за вмешаност во воените злосторства во Косово и во Босна и Херцеговина.
Одлуката, Лазаревиќ да биде предавач на Воената академија, ја осуди опозициската Либерално демократска партија, која ова го нарече „скандал”.
„Тој (Вулин) е промотор и заштитник на воените злосторници, личност што ги поддржува и слави, и на тој начин им го ускратува правото на граѓаните на целата вистина, која мора да се каже, кога се зборува за војните”, се вели во соопштението на партијата.
Сепак, Вулин, за „Вечерње новости“ изјави дека генералите како Лазаревиќ, Диковиќ и Делиќ, имаат „многу важни работи” да им пренесат на помладите колеги.