Вести

Поднесено обвинение против 30 лица за настаните од 27 април

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и портпаролката на обвинителството Елизабета Недановска | Фото: БИРН

Основното јавно обвинителство за организиран криминал поднесе обвиненија за 30 од 35 осомничени за настаните од 27 април за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Од овие 30 лица, двајца се гонат за помагање.

Денеска до судот е поднесено обвинението, а судот треба да одлучи дали ќе го прифати. Доколку обвинението биде прифатено, ќе треба да се утврди датумот на започнување на судскиот процес.

Обвинителството нема да ја гони пратеничката Жаклина Пешевска, бидејќи, како што рече државниот обвинител Љубомир Јовески, немало доволно докази. За четири од осомничените лица постапката е запрена бидејќи се во бегство, а обвинителството ќе ја продолжи постапката за нивно пронаоѓање.

На денешната прес-конференција, на која присуствуваа голем број новинарски екипи, обвинителството не даде конкретен одговор кој е организаторот на настаните од 27 април.

„Обезбедивме докази дека обвинетите извршувале повеќе поврзани и усогласени дејствија за мобилизирање на членството на неколку здруженија и други лица за насилно влегување и вршење насилство во Собранието“, рече портпаролката на обвинителството Елизабета Недановска.

Јовески не кажа кој бил главниот организатор на настаните од 27 април | Фото: БИРН

Во обвинителниот акт вклучени се и тројца припадници на МВР, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор на БЈБ Митко Чавков, кои „иако биле континуирано известувани дека животот им е загрозен на пратениците од новоформираното пратеничко мнозинство, новинарите и вработените и овластените лица во Собранието, не издале наредби за распоредување на дополнителни специјални полициски сили, не издале наредба за евакуација и со тоа допринеле толпата да влезе во законодавниот дом и да го оствари насилниот напад“.

„Десетмина од обвинетите организирале поголема група луѓе на кои им делеле маски – фантомки и заедно со нив, по претходен телефонски повик, се упатиле кон зградата на Собранието“, рече Недановска.

Таа ги повтори настаните од 27 април, кога, сега обвинетите, насилно влегле во Собранието, фрлале предмети кон пратениците и новинарите, им нанеле тешки повреди на поголем број пратеници и поставиле две импровизирану експлозивни направи под работните бироа во две канцеларии.

„Додека траело насилството, двајца од обвинетите, припадници на МВР, одзеле два хард диска со цел да ги прикријат трагите и да не се откријат регистрираните дејства од насилниот напад“, велат од обвинителството.

Еден од напаѓачите посегнал по пиштолот кој го носел со себе и се упатил кон лидерот на СДСМ Зоран Заев, но не испукал, затоа што бил заштитен од обезбедувањето и од други присутни лица.

Еден од напаѓачите посегнал по пиштолот кој го носел со себе и се упатил кон лидерот на СДСМ Зоран Заев, но не испукал, затоа што бил заштитен од обезбедувањето и од други присутни лица.

Во овие настани, вклучени биле и засега непознати лица, за што судот вели во наредниот период ќе продолжат истражните дејства.

Вчера Врховниот суд одлучи поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески, да бидат пуштени од истражниот затвор, односно им го замени притворот со куќен притвор. Тие минаа три месеци во притвор по одлука на судија од скопскиот Кривичен суд.

Врховниот суд одлучи од притвор да се пуштат и Митко Пешев, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски и Мунир Пепиќ, сите вработени во МВР, на кои исто така им е одреден куќен притвор.

За настаните од 27 април во притвор остануваат уште четири лица, меѓу кои членовите на патриотското здружение од Велес, Горанче Анѓелов и Илија Славевски.