Регион

Протестна нота на МНР на Србија поради палење на неделникот „Новости“

Откако во Загреб, во текот на викендот, членови на хрватската десница го запалија неделникот на српското малцинство во оваа земја, Министерството за надворешни работи (МНР) на Србија, упати протестна нота до Хрватска, во која се наведува дека се работи за чин на „омраза и заплашување”.

Свен Милекиќ, Загреб

Дражен Келеминец, претседател на А-ХСП, го пали неделникот „Новости“ во Загреб. Фото: Бета/Хина/Дамир Сенкар/ДС

Министерството за надворешни работи на Србија, во понеделник соопшти, дека на хрватскиот амбасадор во Белград, му врачило протестна нота, затоа што се членовите на хрватската десничарска партија, Автохтона хрватска партија на правата, А-ХСП, запалила примерок на неделниот весник на српското малцинство во Хрватска, „Новости”.

Имено, членови на екстремно десничарската А-ХСП, во саботата се собраа пред редакцијата на неделникот „Новости”, во центарот на Загреб, за да протестираат против можноста, од спомен-плочата поставена во Јасеновац, во близина на озлогласениот усташки концентрационен логор од Втората светска војна, да биде отстранет натписот „За дом спремни”.

Десничарите го предупредија лидерот на Србите во Хрватска, Милорад Пуповац, кој е на чело на организацијата која го издава неделникот „Новости“, како и хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, оти отстранувањето на таблата, за нив, би можело да биде опасно.

Српското МНР потенцира дека инцидентот, кој се случи во присуство на полицијата „претставува пример за разгорување на национална омраза и заплашување на припадниците на српското национално малцинство … и обид да се ревидира историјата и велича усташкото движење и неговите обележја”.

Министерството очекува дека извршителите на делото ќе бидат казнети во согласност со законот и оти „во духот на зачувување и понатамошно развивање на билатералните односи” меѓу двете земји, хрватската полиција во иднина ќе ги спречува ваквите собири.

Пленковиќ во саботата изјави: „Јас, воопшто, не би обрнувал внимание на тоа”, додавајќи дека се работи „за маргинална партија, која долги години одржува ваков вид на протести”.

A-ХСП, во февруари, во центарот на Загреб, организираше марш во знак на поддршка на претседателот на САД, Доналд Трамп, при што беше истакнато знамето на германските неонацисти, што Амбасадата на САД во Хрватска го осуди.

Лидерот на оваа партија, Дражен Келеминец, е познат по својот став дека поздравот „За дом спремни“ е традиционален хрватски поздрав, како што изјави и за БИРН, иако ова историски не е докажано.

Објавено и на Балканска транзициска правда