Судот во Ваљево го рехабилитираше четничкиот командант Никола Калабиќ, кого комунистичките власти го прогласија за воен злосторник и кој недолго по Втората светска војна почина во мистериозни околности.
Вишиот суд во Ваљево, го рехабилитираше во петок четничкиот командант, Никола Калабиќ, со што ја поништи пресудата на комунистичките власти од 1946 година, со која Калабиќ беше прогласен за „народен непријател“.
Од Вишото обвинителство во Ваљево, за агенцијата Бета изјавија дека тие „сигурно ќе се жалат“ до Апелацискиот суд во Белград.
Барањето за рехабилитација на Калабиќ, го поднесе неговата внука, Весна Калабиќ, во 2012 година.
Таа изјави дека тој не бил воен злосторник и дека бил жртва на сменетите југословенски идеолошки околности.
Тој беше убиен „заради политички, национални, и пред сѐ, идеолошки причини“, изјави Весна Калабиќ.
Четниците, за време на Втората светска војна, во која беа поразени од партизаните предводени од Јосип Броз Тито, ги претставуваа српските ројалистички интереси.
Српските медиуми објавија дека внуката на Калабиќ, на судот му доставила изјава од Мијаило Даниловиќ, пензиониран свештеник од Горњи Милановац, во која се наведува дека Калабиќ го убила ОЗНА, на 19 јануари 1946 година, во една пештера во кањонот на реката Градац, крај Ваљево.
Судскиот процес за рехабилитацијата на Никола Калабиќ, траеше пет години. Вишото јавно обвинителство, во текот на процесот, се противеше на неговата рехабилитација, повикувајќи се на законските одредби според кои лицата, кои Државната комисија за истражување на злосторствата во Втората светска војна ги прогласила за воени злосторници, не можат да бидат прогласени за невини.
Калабиќ беше командант на Горската гарда на југословенската војска во татковината.
Според некои историски извори, тој бил еден од четничките лидери кои на 26 ноември 1943 година склучиле формален договор за соработка со претставникот на германската воена команда за Југоисточна Европа, генерал-потполковник Ханс Фелбер.
Во септември 1946 година во градот Мионица, Србија, е донесена судска пресуда со која Калабиќ е прогласен за „народен непријател“, а неговиот имот е конфискуван.
Неговите останки никогаш не беа пронајдени, поради што 65 години официјално се водеше како исчезнато лице. Беше прогласен за мртов во 2011 година од страна на Основниот суд во Ваљево.