Вести

„Република“ доби нов газда од Унгарија

Во порталот Република, кој до пред две години имаше газди од Белизе влегува фирма со унгарски капитал. Друштвото за услуги Адинамик Медиа ДООЕЛ Скопје, му се приклучува на досегашниот сопственик Доне Доневски и станува нов газда на веб-порталот.

Седиштето на оваа фирма, чиј газда е Унгарец, според податоците од Централниот регистар, се наоѓа на истата адреса со телевизијата Нова на бизнисменот Сеад Кочан, на булеварот Киро Глигоров 4. Фирмата Адинамик Медиа е формирана во септември минатата година со паричен влог од 180.000 евра, а сопственик е извесна Агнеш Адамик од Будимпешта.

Eдноставното пребарување на Google за да видиме кое е ова лице кое влегува во медиумскиот бизнис не вроди со плод, бидејќи очигледно ова име е често застапено во Унгарија. Сепак, очигледна е поврзаноста на фирмата на Адамик и телевизијата на Сеад Кочан бидејќи тие се наоѓаат на иста адреса. Телевизијата Нова од неодамна остана без вработени поради лошата финансиска ситуација, а засега не е познато дека е најден купувач, иако истата беше нудена на продажба. 

Инаку, сопственик од Унгарија минатата година доби и телевизија „Алфа“, кога извесен Петер Шац од Будимпешта стана еден од сопствениците на македонската телевизија со национална концесија, па оттаму се отвора прашањето кој е интересот на Унгарците да инвестираат во македонски медиуми.

Неделникот и порталот Република беа едни од првите кои во јавноста се поврзаа со Белизе и со криењето на сопствеништвото во оф-шор држави. Република, преку фирмата Иресине Лимитед која се јавуваше како сопственик, пак, водеше кон други компании блиски до поранешните владејачки структури, вклучително и до најпознатиот македонски оф-шор, Ексико.

Во јули 2016 година од сопствеништвото на медиумот излезе фирмата од Белизе и како единствен газда се јавуваше Доне Доневски, лице кое не е експонирано во јавноста. Во 2017 година се затвори неделникот Република, без работа остана претежно техничкиот кадар, како и маркетинг службата на весникот, а во функција остана единствено веб-порталот.