Вести

Ревизија: Празната зграда ја нарушува ликвидноста на ЕСМ

Новиот и никогаш вселен објект на ЕСМ спроти Старата железничка станица | Фото: БИРН

Барокната зграда со скулптура на богот на громот Перун, која компанијата Електрани на Северна Македонија пред седум години ја изгради во центарот на Скопје и никогаш не се всели во неа, како и фасадата на стариот објект на ЕСМ, која почна да се обновува, па прекина, создале големи нерационални трошоци, кои влијаат врз ликвидноста на претпријатието.

Ова е еден од заклучоците што ги изнесе Државниот завод за ревизија во последниот извештај за државната компанија за производство на струја.

Во извештајот се наведени и сите трошоци што досега биле направени за објектот на ЕСМ спроти Старата железничка станица, кој не беше ставен во употреба поради технички пропусти.

Владата во 2011 година му доделила земјиште на трајно користење на претпријатието во вредност од над 800 илјади евра за да прави зграда. Тоа прво склучило договор за изградба со една компанија во 2013 (Страбаг), па кога таа не ја завршила работата, во 2016 година потпишало договор и со фирмата Озон. Двата договора чинеле 12,4 милиони евра, а поради непредвидени трошоци се зголемиле на 12,9 милиони.

Првичниот рок за изградба и вселување бил во мај 2015, па бил поместен за јуни 2017. Целата договорена сума е исплатена, а на објектот не се работи откако Министерството за транспорт и врски донело заклучок дека настанале промени во носивоста и стабилноста објектот и тој не може да се употребува.

До денес нема одговор што се планира со оваа зграда. ЕСМ не обезбедило ниту имотен лист за земјиштето што го добило од државата.

Донесена е одлука дека објектот е нефункционален | Фото: БИРН

За реконструкцијата на фасадата на управната зграда на ЕСМ и на ЕВН, на градскиот плоштад, пак, се вели дека во 2013 година бил склучен договор во вредност од 3,6 милиони евра, за таа целосно да се обнови до септември 2014 година, но тоа не се случило. Во 2018 е раскинат договорот, а до 2019 година ЕСМ исплатило нешто помалку од 400 илјади евра за објектот, плус уште 28 илјади евра што ги дало по судски спор.

Во извештајот на ревизорите, кој е на 77 страници, се наведуваат и други проблеми во работењето на претпријатието, како потрошени пари за хидроцентралите Бошков Мост и Луково Поле, кои не се изградија, недостиг од мазут во вредност од еден милион евра, нефункционални компјутерски системи итн.

Ревизорите забележале големи трошоци за адвокатски услуги во проектот за модернизација на Блок 1 во 2011 година. Проектот чинел 21 милион евра, од кои повеќе од половината биле за адвокатите што го застапувале претпријатието во арбитражна постапка.