Регион

СДБ Србија “ги обучувала српските сили во Хрватска”

Одбраната на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ, го оспори сведочењето на сведокот, кој изјави дека во 1991 година, во Книн, го видел Станишиќ и дека Белград ги обучувал локалните српски сили.

Пишува: Радоша Милутиновиќ, Белград

Станишиќ и Симатовиќ во судница. Фото: ММКТ

На повтореното судење на двајцата поранешни шефови на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, во четврток сведочеше заштитениот сведок на обвинителството, РФЈ-135, кој изјави дека во пролетта 1991 година, пред да избие војната, го видел Станишиќ во Книн.

Ова го негираше адвокатот на одбраната, Вејн Џордаш.

„Не сте го виделе Станишиќ во Книн”, сугерираше во текот на вкрстеното испрашување, бранителот Џордаш.

Но, сведокот, кој тогаш како член на Сојузниот СДБ бил во Книн, во обид да го спречи конфликтот меѓу Србите од Краина и хрватските власти, остана при својата изјава.

„Го видов”, одговори тој.

Станишиќ и неговиот заменик Симатовиќ, се обвинети дека биле учесници во здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на Босна и Херцеговина, кои потоа би биле припоени кон обединета српска држава.

Тие се обвинети за прогон врз расна, верска и политичка основа, за убиства, депортација и присилен трансфер на цивили од хрватска и од бошњачка националност.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.

Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Во текот на вкрстеното испрашување, бранителот на Станишиќ предочи дека сведокот, во неговата прва изјава дадена пред Хашкиот трибунал во 2004 година, вели дека „Станишиќ лично не го видел во Книн, но дека слушнал оти тој доаѓа повремено, за да учествува во обуката на офицерите од САО (Српската автономна област) Краина“.

Но РФЈ-153, уште еднаш потврди дека го видел Станишиќ два пати во Книн.

Адвокатот Џордаш го праша сведокот што, за време на неговиот престој во Хрватска, му зборувале соговорниците од хрватските власти за СДБ Србија.

„Ни рекоа дека знаат оти Србија е присутна во Краина. Заменикот министер за внатрешни работи, Вице Вукојевиќ, не зборуваше за присуството на СДБ, туку за присуството на Србија на теренот во Краина“, одговори РФЈ-153.

Коментирајќи ја неговата изјава дека СДБ Србија во кампот во Голубиќи, во близина на Книн, спроведувала обука, „со цел создавање на СДБ САО Краина”, бранителот го праша сведокот дали тврди дека „Станишиќ и СДБ Србија ја обучувале локалната милиција”.

РФЈ-153 одговори негативно, наведувајќи дека „полицијата не била во надлежност на СДБ”.

Бранителот на Станишиќ истакна дека сведокот во првата изјава од 2004 година, не спомнал дека во летото 1991 година, во местото Бел манастир, во источна Славонија, дејствувале единиците „Френкиевци” и „Аркановци”, кои, според обвинението, биле под контрола на СДБ Србија.

РФЈ-153 рече дека, сепак, на теренот дошол до информации за присуството на овие формации.

Нагласи дека на терен биле Радован Стојичиќ од Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, како и обвинетиот Симатовиќ, и дека тоа не можело да се случи без одобрение од Белград.

Судењето на Станишиќ и на Симатовиќ продолжува во вторник.

Објавено и на Балканска транзициска правда.