Регион

Се повторува судењето на Драгиша Блануша за киднапирање на Милошевиќ

На поранешниот управник на Централниот затвор во Белград, Драгиша Блануша, повторно ќе му се суди по обвинението, дека во 2001 година, го киднапирал поранешниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, и го предал во Хаг.

Филип Рудиќ, Белград

Слободан Милошевиќ во судница во Хаг. Фото: МКТЈ

Апелацискиот суд во Белград, во саботата ја укина првостепената пресуда со која поранешниот управник на Централниот затвор (ЦЗ) во Белград, Драгиша Блануша, беше ослободен од обвиненијата дека во 2001 година, го киднапирал Милошевиќ и овозможил негов трансфер во Хашкиот трибунал, и наложи негово повторно судење.

Судот ја усвои жалбата на семејството на Милошевиќ, со образложение дека пресудата на првостепениот суд „содржи битни повреди на одредбите од кривичната постапка“, пишуваат медиумите во Србија.

Според обвинението, поднесено од Милошевиќ и неговата сопруга Мирјана Марковиќ, Блануша на 28 јуни 2001 година, на непознати лица им дозволил да го одведат Милошевиќ од затворот во Белград и преку Босна и Херцеговина, да го префрлат во Хаг.

Откако Милошевиќ бил префрлен во Хашкиот трибунал, тогашниот министер за правда, Владан Батиќ, го разрешил Бланиша од местото управник на ЦЗ.

Милошевиќ, кому му се судеше за воени злосторства извршени во поранешна Југославија, на 11 март 2006 година почина во Хаг, но неговата сопруга го продолжи процесот против Блануша.

Блануша, со првостепената пресуда, донесена во март оваа година, беше ослободен.

Повторно ќе му се суди и по обвинението дека незаконски објавил фотографии од Милошевиќ и доверливи информации за разговорите на поранешниот претседател со неговите адвокати и со неговото семејство, додека бил во ЦЗ во Белград.

Марковиќ го обвини Блануша и за неовластено објавување на книгата „Го чував Милошевиќ“, во која тој открива детали за времето што поранешниот претседател го поминал во притвор.

Последните 14 години Мирјана Марковиќ се наоѓа во егзил во Русија.

Србија распиша потерница по неа, но Москва одбива да ја екстрадира во Белград, каде што треба да се соочи со обвиненија.

Објавено и на Балканска тразнициска правда