Анализи

Се зголемува бројот на следени и прислушувани граѓани

Во последните две години, по налог на Јавен обвинител, биле следени или прислушувани околу 400 граѓани. Законот предвидува доказите да се уништат по пресудата или по истрагата, доколку не се подигне обвинение, но досега ниту судот ниту Јавното обвинителство тоа не го сториле.

Од податоците добиени од Јавното обвинителство, се гледа дека од година в година се зголемува бројот на случаи на следени граѓани, нивно тајно снимање или набљудување, претрес на дом и тајно пребарување низ средствата за комуникација.

Посебните истражни мерки (ПИМ) траеле најчесто од 4 до 8 месеци. Само во десетина проценти од случите на следење и прислушување не било покренато обвинение туку постапката била запрена поради немање доволно докази.

Во 2011 година биле следени и снимани 94 лица. Во 2012 година, биле издадени наредби за посебни истражни мерки против 124 лица во 41 случај, а во 2014 година Јавниот обвинител издал наредби за посебни истражни мерки против 219 лица, што е најголема бројка од примената на оваа мерка од 2008 година досега.

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски во извештај за примена на посебните истражни мерки за 2014 година констатира дека секоја година се зголемува бројот на луѓе врз кои се применуваат мерките за следење, прислушување, тајно снимање или пребарување низ нивните средства за комуникација „затоа што бил зголемен бројот на истрагите“.

Гледано според кривични дела, тајно се следеле комуникациите на граѓаните за кои имало сомневања за: неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, злоупотреба на службената должност и овластување, примање поткуп, противзаконито посредување, давање поткуп, изнуда, шпионажа, оддавање државна тајна, здружување заради непријателска дејност, загрозување на територијалната целина, велепредавство, убиство, разбојништво, спречување на докажување, трговија со луѓе, криумчарење мигранти, злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор, злосторничко здружување и незаконито влијаење врз сведоци.

Снимање, следење, пребарувања на компјутери

Минатата година со мерката следење и снимање во дом, деловен простор или возило биле опфатени 58 луѓе, во 6 случаи, од кои 43 познати и 15 непознати / Фото: Alper Çuğun/Flickr

Според извештајот на Јавниот обвинител во 2014 година, посебните истражни мерки опфаќале: тајно снимање, следење, набљудување, пребарување на дом или канцеларии, средства за комуникација и пребарување во компјутерски системи.

Во 2014 биле следени и снимани телефонските разговори и други електронски комуникации во 48 случаи, во кој биле опфатени 183 лица со утврден идентитет и 19 непознати. Во 33 од 48-те случаи биле следени и снимани комуникациите околу 4 месеци, а во 15 случаи полицијата следела и снимала по 8 месеци. За 14 од тајно следените случаи било поднесено обвинение, во 12 случаи постапката била запрена, бидејќи не биле обезбедени доволно докази. Другите случаи како нерешени биле префрлени во оваа година или посебните истражна мерка сѐ уште биле во тек.

Минатата година со мерката следење и снимање во дом, деловен простор или возило биле опфатени 58 луѓе, во 6 случаи, од кои 43 познати и 15 непознати. Во 4 од овие случаи, ПИ мерките траеле 4 месеци, а во 2 случаи 8 месеца. За еден случај било поднесено обвинение, во еден случај постапката била запрена поради немање докази, а 4 случаи чекаат на решавање.

159 лица поделени во 37 случаи во 2014 година биле тајно следени и снимани со технички средства надвор од нивниот дом или деловен простор. По следење и снимање во период од 4 до 8 месеци, во 11 случаи било поднесено обвинение, за 3 случаи била запрена постапката, а другите предмети се во работа во Јавното обвинителство.

Оваа ПИ мерка била применета во случаи на неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, злоупотреба на службената должност и овластување, примање поткуп, противзаконито посредување, изнуда, шпионажа и оддавање државна тајна.

Таен увид и пребарување во компјутерски систем бил направен во 2 случаја во кои биле опфатени 36 лица. Нивните компјутери биле пребарувани 4 месеци, а се барале докази за злоупотреба на службената должност и за злосторничко здружување.

Полицијата по налог на обвинителот вршела таен увид во остварени телефонски и други електронски комуникации, во еден случај направила симилиран откуп на предмети и има поднесено обвинение за продажба на дрога.

За 20 лица полицијата по наредба на обвинителот , применила симулирано давање и примање поткуп, но обвинение има само за 2 случаи. Обидите да се даде или да се прими поткуп траеле од 4 до 8 месеци.

Во 4 случаи биле користени лица со прикриен идентитет за следење и собирање информации за дрога и трговија со луѓе, но само во 2 случаја биле собрани докази и било покренато обвинение.

На обвинителот му биле на располагање, но не ги искористил во 2014 година посебните истражни мерки контролирана испорака и превоз на лица и предмети, отворање симулирана банкарска сметка , или симулирано регистрирање правни лица или користење постојни правни лица за собирање податоци.

Доказите од ПИ мерки не се уништени

Посебните истражни мерки ги спроведува полицијата. Обвинителството наведува дека полицијата не им фактурирала за направените трошоци за спроведување на ПИ мерките, па оттука, финансиски не го оптоваруваат Јавното обвинителство / Фото: БИРН

Според извештајот на Обвинителството, не бил регистриран случај судија да го одбие барањето за издавање наредба за ПИ мерки.

„Загрижувачки е трендот според кој судовите се целосно усогласени со полицијата, со стапка на одобрување од 100%, Основниот суд Скопје 1 за ниедно барање не се произнесол дека е несоодветно. Се поставуваат прашања за експертизата на судиите да ги оценуваат потенцијалните безбедносни ризици и основи на сомнение, но постои и загриженост за независноста и непристрасноста на судската власт, констатираше неодамна истражувачкиот центар „Аналитика“ во студијата „Надзор на следењето на комуникациите во Македонија“.

Употребата на ПИМ често е критикувана. Посебно, откако на телевизиите и на „Јутјуб“ каналот се појавија снимки направени со наредба за посебни истражни мерки во случаите „Кампања“ против Љубе Бошкоски и „Пуч“ и „Примање поткуп“ против Зоран Заев.

Одбраната на Заев бара овие снимки кои веќе излегоа во јавност да не се користат во постапката, бидејќи се „контаминирани“.

Воедно, одбраната во „Пуч“ укажа и на една сериозна неправилност во постапката, тврдејќи дека наредбите за ПИМ требало да ги издаде судија на Врховниот суд, бидејќи станува збор за кривични дела против државата, а не судија на Основниот суд Скопје 1. На барањето на одбраната да се издвојат доказите собрани со ПИМ сѐ уште се чека одлука од Советот за оценка на обвинението.

Посебните истражни мерки ги спроведува полицијата. Обвинителството наведува дека полицијата не им фактурирала за направените трошоци за спроведување на ПИ мерките, па оттука, финансиски не го оптоваруваат Јавното обвинителство.

Законот предвидува доказите собрани со ПИМ да се уништат по правосилноста на пресудата или по завршување на истрагата, доколку не се подигне обвинение, но досега ниту судот ниту Јавното обвинителство не ги уништило овие докази.