Вести

СЈО тргна против среброљупците

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истражни постапки за 3 случаи, од кои најголемиот случај се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Во трите случаи осомничени се дваесетина лица, од кои дел за перење пари, а дел за злоупотреба на службената положба. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е осомничен во два, од трите случаи. 

Случај „Талир“

Според СЈО, првоосомничениот Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, од 2009 до 2015 година, прифатил незаконски средства за финансирање на партијата во вредност од 4,9 милиони евра, покажала предистражната постапка на СЈО. Овие пари, наместо да ги врати во буџетот како што налага законот, ги искористил за незаконско финансирање на партијата. Предистражната постапка покажала дека 14-те осомничени со парите купувале недвижен имот, биле подмирувани тековни обврски на партијата, а се трошело и за хотелски и ресторански услуги. 

Со овие средства, биле склучени 78 договори за купување недвижен имот, а дел од овој имот не се користел за партиски, туку за приватни цели. СЈО до судот поднел 12 барања за замрзнување на имотот за кој постои сомнеж дека е купен со нелегално стекнати пари.

За парите кои биле донирани на партијата на незаконски начин, биле користени различни начини за да се „исперат“, односно легално да се внесат во партијата. Па така, дел од осомничените ваквите донации ги прикажувале како легални уплати преку жиро сметка, односно како донации за партијата. Дел од уплатниците биле напишани со ист ракопис, а уплатите биле уплатувани во рок од 20 до 30 секунди. Според пресметките на СЈО направени за секоја година одделно, во некои денови се донирале од 12 илјади до 30 илјади евра на овој начин, во обид средствата легално да се внесат во партијата, под превезот „членарини“ и „донации“.

За овој случај, сослушани биле над 260 сведоци, испратени биле 230 барања до институции и анализирани биле 11.886 уплатници од физички лица до партијата. Под истрага е и објектот каде што се наоѓа седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и се бара замрзнување и на овој имот.

Осомничени лица: Никола Груевски, генералните секретари на партијата, потписниците на сметката, директорот на центарот за комуникации на партијата (11 лица од кои 9 извршители и 2 помагачи)

Дела за кои се сомничат: Перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување

Оштетување на буџетот: Над 4 милиони евра

Случај „Тревник“

Три лица изградиле три викенд куќи во Зелениково, а дури откако ги изградиле, добиле одобрение за градба.

Па така, градбата почнала во 2011 година, а одобрението за градба било добиено две години подоцна, откако викенд куќите веќе биле изградени.

Случај „Траекторија“

Во случајот „Траекторија“ осомничени се 4 лица кои во втората половина на 2012 и 2013 непочитувајќи ги одредбите до Законот за јавни набавки склучиле договор со преферирана фирма, иако имало понудувач со поевтина цена за изградба на автопатот Миладиновци – Штип. 

Првоосомничено лице: Никола Груевски

Оштетување на буџетот: 155 милиони евра