Актуелно

Случај „Друмарина“: Со лажни фискални до 100.000 евра

СЈО тврди дека не патувала, имала сместување во Скопје

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска отвори нови седум истражни постапки, меѓу кои е и случајот „Друмарина“ кој се однесува на поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.

Според СЈО во периодот од јуни 2012 до декември 2015, пратеничката во Собранието приложила 843 фискални сметки кои наводно ги зела одејќи на релација од својот дом во Струмица до Скопје, меѓутоа обвинителството има докази дека таа имала сместување во главниот град и дека нејзиното возило поминало 100.000 километри помалку отколку што требало да има изминато ако навистина секој работен ден патувала.

СЈО пресметало дека на овој начин Бонева направила измама што го чинела Собранието некаде околу 100.000 евра.

Бонева за БИРН денеска изјави дека „СЈО се приклучува на политички мотивираниот линч кон мене со лажни и неосновани обвинувања и натаму нема да коментирам истраги на орган кој по закон нема право да отвора истраги“.

Патните трошоци на пратеничката веќе неколку години се тема што ја обработуваат медиумите.

Центарот за истражувачко новинарство СКУП откри дека во 2014 година Парламентот ѝ исплатил на Бонева, која тогаш беше пратеничка, речиси 23.000 евра за патни трошоци што ги направила во периодот од мај 2013 до септември 2014, патувајќи секој работен ден од родната Струмица до Скопје.

Додека, пак, Алсат-М во 2016 објави дека експратеничката, тогаш како член на Државната изборна комисија (ДИК) за првите шест месеци од годината зела 12.000 евра на име на патни трошоци, покрај платата од околу илјада евра.

Истата сума, според Телевизија 24, ја зела и наредната година.

Бонева беше дел и од скандалот кој го разотрки американскиот амбасадор Џес Бејли, по кој таа и останатите членови на ДИК поднесоа оставки. Членовите на ДИК во период од 18 месеци си поделиле 30 плати, односно 12 плати бонус кои вкупно изнесуваат околу 12.000 евра.

Тие си поделиле три плати плус за закажаните, а неодржани избори во април минатата година, пет плати бонус зеле за предвремените парламентарни избори и уште четири за неодамна завршени локални избори, што значи дека секој од членовите на ДИК, вклучително и Бонева, зеле по околу 12.000 евра надвор од личниот доход.

Дополнителните 12 плати Владата и премиерот Зоран Заев ги оцени како законска, меѓутоа неморална.

Синовите на Бонева имаат станови во Скопје

Во 2014 година СДСМ откри дека двата сина на Силвана Бонева имаат по еден стан во новата зграда спроти Министерството за внатрешни работи (МВР) во Скопје на адреса „Димче Мирчев“ бр. 20, исто како и нејзината сопартијка и ексминистерка Гордана Јанкулоска и уште неколку тогашни функционери.

Бонева ниту пред три години како пратеничка, ниту, пак, во моментов како член на ДИК во оставка не ги пријавила двата стана во Скопје со оправдување дека синовите не живеат заедно со неа, работат надвор од државава, иако во имотните листови на двата стана сѐ уште стои дека резидентната адреса на синовите им е во Струмица, на истото место кадешто живее и самата Бонева.

Дополнително, таа во анкетните листови пријавила заштедата на синовите од 375 евра, но не и нивните станови.

Тогашниот портпарол на СДСМ, Петре Шилегов информираше дека двата стана се купени на ист ден во јули 2013 година и дека заедно чинат околу 360.000 евра, а од друга страна Бонева никогаш не кажа колку нејзините синови платиле за становите во зградата што ја правеше фирмата на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец, „Адора инженеринг“.

Шеесетгодишниот Чифлиганец водеше две фирми под брендот „Адора“ и во една од нив партнер му беше познатата офшор-компанија „Ексико“, покажа истражувањето на БИРН во 2015 година.

Во рамките на процесот на обелоденувањето на таканаречените политички „бомби“ тогашната опозиција објави снимен прислушуван разговор меѓу Јанкулоска и ексминистерот за финансии Зоран Ставрески од кој се дозна дека и Ставрески поседува стан во истата зграда, меѓутоа станот е запишан на име на неговиот прв братучед.

Партиското соседство на Боневи