Регион

Специјализираното обвинителство го повика Лахи Брахимај на разговор

Дие Морина, Приштина

Брахимај, заедно со внукот Рамуш Харадинај и Идриз Балај беа ослободени од вина од Хашкиот трибунал во 2012

Лахи Брахимај, поранешен висок офицер на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и вујко на косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, беше повикан на разговор од страна на Специјализираното обвинителство во Хаг, шест години откако друг меѓународен суд го ослободи од обвиненијата.

Поранешниот висок припадник на ОВК, Лахи Брахимај, за БИРН во понеделникот вечер изјави дека Специјализираното обвинителство во Хаг, кое ги истражува злосторствата извршени во Косово за време и по војната, го повикало на разговор.

„Да, ме повикаа“, рече Брахимај, додавајќи дека ќе одговори на поканата за разговор.

„Не сакам да кажам кога добив повик или кога ќе одам да дадам исказ, но можам да потврдам дека ќе одам“, нагласи тој.

На прашањето, дали е повикан како сведок или осомничен, тој одговори: „Како еден од лидерите на ОВК“.

За време на војната во Косово, Брахимај беше официјално лице во Генералштабот на ОВК.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во ноември 2012 година, во обновена судската постапка, го ослободи од вината, заедно со Рамуш Харадинај и Идриз Балај.

Обвинителите тврдеа дека тие, во логор на ОВК во Јабланица, во 1998 година, измачувале и убиле Срби и Албанци, за кои се сметало оти соработуваат со Србија.

Хашкиот трибунал првично, во 2008 година, ги ослободи Харадинај и Балај од сите обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото, но Брахимај го осуди на шест години затвор за суров третман и тортура.

Жалбениот совет во 2010 година заклучи дека сведоците биле заплашувани и дека обвинителството не добило можност да сослуша двајца потенцијално клучни сведоци, поради што случајот го врати на делумно повторно судење.

Брахимај е последен во серијата поранешни припадници на ОВК што Специјализираното обвинителство на Косово ги повика на разговор.

Сепак, ова обвинителство, со седиште во Хаг, допрва треба да поднесе обвиненија.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од правниот систем на Косово, но со седиште во Холандија.

Се очекува тие да спроведат истраги и да им судат на осомничени лица за злосторства извршени за време и по војната во Косово, 1998-2000 година.