Регион

Спомениците посветени на војната во БиХ, предмет на спор

Пишува: Џана Брканиќ – Сараево

Во зависност од националноста на носителите на локалните власти во Босна и Херцеговина, на некои жртви од војната во оваа држава им се дозволува да подигнат споменици, а на други не, а немањето на државен закон за споменици, создава дополнителни тензии.

Меморијалниот центар во Поточари крај Сребреница. Фото: Бета

Меморијалниот центар во Поточари крај Сребреница. Фото: Бета

Здруженијата на жртви на сите три конститутивни народи во БиХ, се соочуваат со истиот проблем.

Ако се малцинство во општината каде што тие сакаат да подигнат спомен-плоча или споменик, тоа нема да им биде дозволено.

Најнови примери за иницијативи за подигање на споменици, кои локалните власти не ги одобриле, се иницијативата за изградба на меморијален центар во Жепа во општина Рогатица, за изградба на споменик на убиените деца во Приједор, спомен-плоча во улица „Добровољачка“ во Сараево и предлогот за полагање на цвеќе и палење на свеќи пред поранешното Четврто основно училиште во Мостар.

Не постои закон на државно ниво или во ентитетот Федерација Босна и Херцеговина, ФБиХ, со кој се уредува изградбата на споменици. Во ентитетот Република Српска, РС, пак, постои закон според кој спомен обележја можат да се постават, само доколку се од големо значење за локалната заедница.

Оваа одлука во РС ја носат општинските власти надлежни за борците и воените инвалиди, а во соработка со боречките здруженија, што практично значи дека Србите секогаш одлучуваат дали здруженијата на бошњачките жртви ќе можат да подигнат споменици или не.

Спомениците поврзани со војната веќе долго време се спорно прашање во поранешна Југославија.

Некои споменици, едноставно, се изградени без дозвола. Здружението за општествени истражувања и комуникации, смета дека 90 проценти од спомениците се изградени без дозвола.

Спорна изградба на меморијален центар

Во селото Жепа во РС, припадниците на исламската заедница сакаат да изградат меморијален центар во кругот на тамошната џамија, во знак на сеќавање на цивилните и воените жртви на војната.

Тие велат дека не им треба дозвола, бидејќи ќе градат на локација која ѝ припаѓа на локалната џамија, информирајќи дека веќе ги положиле темелите.

„Немаме апсолутно никаква намера да бараме дозвола, бидејќи сметаме дека од институциите на РС не ни треба такво нешто. Дозвола добивме во моментот кога над овие луѓе беа извршени злосторства“, изјави локалниот имам, Един Шљивар.

Сепак, здружението на борци од Пале, РС, упати забелешки, нагласувајќи дека не е испочитувана процедурата.

Михајло Параѓина, претседател на ова здружение, вели дека втора причина за противењето е тоа што властите во Сараево не дозволуваат поставување на спомен-плоча во улица „Добровољачка“, каде што биле убиени припадници на Југословенската народна армија, додека се извлекувале од Сараево, во мај 1992 година, како и на други локации во градот.

Параѓина тврди дека треба да има реципроцитет кога станува збор за поставување на спомениците, во цела Босна и Херцеговина.

„Сите народи имаат право да поставуваат споменици, тоа не може да се оспори. Сепак, властите во Федерацијата не ги прифаќаат (барањата на) српските жртви, негирајќи им ги ова право, додека во некои места во Република Српска имате споменици на жртвите од несрпска националност“, вели тој.

Сараевската општина Центар, на чија територија се наоѓа улицата „Добровољачка“, не одговори на прашањето на БИРН дали може да се постави спомен-плоча.

Од Здружението на логорски затвореници на Татковинската војна во БиХ, велат дека со години имаат проблеми со поставување споменици во ФБиХ.

„Не добивме дозвола од полицијата во Јабланица да поставиме венци и цвеќе пред музејот, каде што (за време на војната) беа притворени Хрвати“, вели претседателот на здружението, Анѓелко Квесиќ.

„Не добивме ниту дозвола да положиме цвеќе и да запалиме свеќи пред (поранешното) Четвртото основно училиште во Мостар (во кое, исто така, биле притворени затвореници), во кое денес се наоѓа општинскиот суд“, додаде Квесиќ.

Марин Задриќ, претседател на Општинскиот суд во Мостар, негираше дека ја спречил комеморацијата, велејќи дека од здружението не го контактирале и оти не бил известен кога собирот ќе се одржи.

„Немам надлежност да давам дозволи или да одбивам одржување на јавни собири, полагање на венци или поставување на спомен-плочи. До тоа и се држам. Моето лично мислење за тоа, е строго лично прашање. Немам намера да зборувам за тоа“, рече Задриќ.

Блокирана иницијативата за споменик на децата од Приедор

Приедор, кој се наоѓа во РС, е уште едно место во кое здруженијата на жртвите се борат за поставување на споменик.

Здружението на родители, кое сака да изгради споменик во чест на бошњачките деца убиени во Приедор во периодот 1992-1995, собра 1.175 потписи, за подршка на нивната иницијатива.

Според статутот на градот, потребни се 500 потписи за на дневен ред на седница на градскиот совет да се стави предлог за изградба на споменик, но властите досега не направиле ништо, вели Фикрет Бачиќ од Здружението на родители.

„Градските власти одбиваат да обезбедат средства и да доделат локација за изградба на споменик. Испратив барање, едно од многуте такви, да ми се одговори зошто не ги испочитувале процедурите утврдени со статутот на градот“, вели Бачиќ.

Градоначалникот на Приедор, Марко Павиќ, не одговори на барањето на БИРН да даде коментар во врска со предложениот споменик.

Едвин Канка Чудиќ од Здружението за општествени истражувања и коминикации, за сегашната ситуација ја обвинува сложената политичка ситуација во земјата, каде лидерите на етничките групи постојано ги користат сите расположливи средства за блокирање на иницијативите на другите етнички групи.

„Она што го имаме во реалноста во Босна и Херцеговина е политика на негирањето, наместо политика на сеќавањата. Ова значи дека секоја етничка група се соочуваа само со оние делови од историјата што и се пријатни“, вели Чудиќ.

„Тие поставуваат споменици за своите жртви, игнорирајќи ги страдањето на другите“.

Чудиќ верува дека можно решение би било усвојување на закон на државно ниво за критериумите за изградба на споменик.

Сеад Јакуповиќ, претседател на Општинското собрание во Приедор, се согласува дека законот може да ја разјасни ситуацијата.

„Ние ќе го решиме овој проблем во Приедор, со или без закон, но би било добро ако можеме да кажеме оти тоа е направено во согласност со законот“, вели Јакуповиќ.

За овој закон се водела дискусија, но малку е веројатно тој да биде донесен во изборна година, кога политичките лидери собираат поени на етничка основа.

Сепак, многу од оние чии обиди за изградба на споменици биле оспорени, велат дека не се противат на поставувањето на споменици во чест на жртвите од други националности.

„Немам ништо против спомениците, без оглед на тоа кои биле жртвите. Не знам зошто некој би имал проблем со меморијални центри и споменици на кој било народ во Босна и Херцеговина“, вели имамот Шљивар од Жепа.

„Овие споменици треба да не учат и да бидат еден вид на предупредување за она што се случува кога разумот престанува да функционира“.