Премиерот Зоран Заев нема чувство дека ексразузнавачот Зоран Верушевски го поштедил Сашо Мијалков за време на неодамнешното сведочење во рамките на случајот „Таргет-Тврдина“. Вака Заев денеска им одговори новинарите пред судската зграда откако внатре во судот сведочеше за нелегалното прислушување.
Верушевски, пред две недели, како главни виновници за прислушувањето ги посочи експремиерот Никола Груевски и пониските ешалони на УБК и го изостави Мијалков, кој во тоа време управуваше со тајната полиција. Тој го кажа сето ова, иако никој во судницата не бараше такво нешто од него.
За разлика од Верушевски, Заев денеска во судницата не навлезе во детали за тоа кој е највиновен за прислушувањето и не го спомна името на Мијалков, кој беше присутен во салата. Сепак, надвор од судницата пред новинарите потенцираше дека за него, покрај Груевски и Гордана Јанкуловска, одговорност има и Мијалков.
Внатре, пак, во судот, исто како Верушевски, премиерот сведочеше дека материјалите му биле предавани на СДСМ, а не на ексразузнавачот како поединец. Како што кажа Заев, кога станал прв човек на партијата во јуни 2013 година, Верушевски од позиција на претседател на партиската Комисија за безбедност го информирал дека партијата поседува прислушувани разговори, транскрипти и СМС-пораки.
Надвор од судницата пред новинарите потенцираше дека за него, покрај Груевски и Гордана Јанкуловска, одговорност има и Мијалков
Тој, во сведочењето, неколкупати ја потенцираше партиската функција што Верушевски ја имал во тој период.
„Претседател на партиската комисија за безбедност беше професор доктор Зоран Верушевски“, одговори Заев на обвинителското прашање, меѓутоа не можеше да се сети кој освен ексразузнавачот учествувал во таа специфична комисија.
„Кога станав претседател на СДСМ бев информиран дека партијата преку Комисијата за безбедност поседува материјали од незаконското следење“, прецизираше премиерот.
Спротивно на исказите на овие двајца, Ѓорги Лазаревски – човекот што помагал да се вадат материјалите од УБК, лани сведочеше дека одбрал да му ги дава прислушуваните разговори на Верушевски зашто „тој бил професионалец, не бил конвенционален припадник на партијата и работел сам“.
Голем дел од денешното сведочење Заев веќе на некој начин го кажал во јавноста и единствено ново беше тоа што за првпат објави дека пред да ги пушта „бомбите“, дури четирипати се видел со тогашниот премиер Никола Груевски.
На средбите му кажал дека има прислушувани разговори, но Груевски не му верувал и се шегувал со тоа. За да го убеди, му ја раскажал „бомбата“ за тоа како Груевски наводно купувал плац на Водно, а тие материјали подоцна Заев и ги објави на една од прес-конференциите.
И денеска премиерот повтори дека 20.000 луѓе биле прислушувани, со додавка дека дел биле директно таргетирани, а дел се „залепиле“ на прислушуваните лица. Понатаму кажа дека најмногу добил прислушувани разговори на опозиционери, на прво место од Бранко Црвенковски, па потоа лично негови.
Според него, втори по „слушаност“ биле новинарите, па потоа професори и НВО-активистите, претставниците на верските заедници и на албанските партии, но и претставници на тогашната власт.
На средбите му кажал дека има прислушувани разговори, но Груевски не му верувал и се шегувал со тоа. За да го убеди, му ја раскажал „бомбата“ за тоа како Груевски наводно купувал плац на Водно
Денеска тој откри дека СДСМ во тоа време поседувал отприлика околу милион одделни комуникации во форма на телефонски разговори, транскрипти и СМС-пораки. На прашање на обвинителот од поранешното СЈО, Трајче Пеливанов, тој одговори дека се приклучува на кривичниот прогон, меѓутоа рече дека не бара обесштетување за тоа што личнo бил следен.
Одбраната на Сашо Мијалков и на другите осомничени во случајот „Таргет-Тврдина“ побараа одложување на рочиштето за да може да се подготват и тие да му поставуваат прашања на премиерот, меѓутоа судот тоа не го дозволи. Двапати им беше предложено да искористат пауза за да се консултираат и на крајот одбраната на осомничените се откажа од поставување прашања.
Досега, кога сведочеа Ѓорѓи Лазаревски и Верушевски, судот дозволи на посебно рочиште да им се поставуваат прашања.
Сепак, ако адвокатите се откажаа од прашања, Јанкулоска го праша Заев дали имало периоди во кои тој и партијата не добивале материјали. Премиерот потврдно одговори, меѓутоа веројатно насетувајќи ја намерата на прашањето, додаде дека кога бил убеден дека за некој случај нема доволно разговори или има голема временска празнина меѓу разговорите на иста тема, тогаш не објавувал „политичка бомба“.
„Таков пример е случајот со затворањето на А1 телевизија“, објасни Заев.