Регион

Србија ќе бара екстрадиција на Томор Морина

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

Од Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ) на Србија, за БИРН потврдија дека Морина е осомничен за учество во воени злосторства над цивилното население во областа на Ѓаковица, извршени од јануари до јуни 1999 година.

Морина беше уапсен во средата во Северна Македонија врз основа на потерница издадена од Србија.

„Морина Томор е обвинет дека заедно со 10 припадници на таканаречената ОВК, на таканаречената воена полиција на групата ‘Ципат’ во периодот од 30.01 до средината на јуни 1999 година, во општина Ѓаковица, над цивилното население вршел убиства, му нанесувал сериозни телесни повреди, како и дека над цивилите вршел тортура, нечовечки третман, незаконско приведување и грабежи на нивниот имот, со што го сторил кривичното дело-воено злосторство над цивилното население“, изјавија од ТРЗ.

Министерството за правда на Србија за БИРН потврди дека се „официјално известени за апсењето на Томор Морина од страна на властите на Северна Македонија“ и дека ќе испратат барање за екстрадиција.

Македонските власти досега не дадоа никакво соопштение за овој случај.

Косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли, упати критики поради апсењето и нагласи дека очекува Северна Македонија наскоро да го ослободи Морина.

„Политичките налози за апсење на борците за слобода на ОВК кои доаѓаат од Србија немаат смисла, ниту пак имаат правна основа, тие постојат од политички причини“, напиша вчера Пацоли на Фејсбук.

„Ние веруваме дека Морина ќе биде ослободен и дека наскоро ќе му се врати на своето семејство. Косово и Северна Македонија се блиски пријатели и партнери и ќе го решат ова прашање како партнери“, додаде тој.