Вишиот суд во Белград, по две години, го потврди обвинението против петмина поранешни припадници на силите на Република Српска, кои се обвинети за убиство на 20 лица, киднапирани од воз во Штрпце во БиХ.
Пишува: Филип Рудиќ, Белград
Вишиот суд во Белград, во вторникот го потврди обвинението против петмина поранешни припадници на силите на босанските Срби, осомничени за киднапирање и масакр на 20 лица, киднапирани од воз во Штрпце, Босна и Херцеговина, за време на војната во оваа држава, во 1993 година.
Српското обвинителство за воени злосторства, во март 2015 година, подигна обвинение против Гојко Лукиќ, Љубиша Васиљевиќ, Душко Васиљевиќ, Јован Липовац и Драгана Ѓекиќ, сите поранешни припадници на вооружените сили на босанските Срби, за учество во киднапирање и убиства на цивили.
Во исто време во БиХ беа уапсени десет поранешни припадници на силите на Република Српска, чие судење започна во октомври 2015 година.
На 27 февруари 1993 година, група борци предводена од Милан Лукиќ, командант на паравоената единица „Одмаздници“, му наредиле на локалниот шеф на станицата, да го запре експресниот воз кој транзитирал од Белград кон црногорскиот приморски град Бар.
Борците присилиле 20 патници да се симнат од возот. Повеќето биле Бошњаци, што живееле во Србија и во Црна Гора. Меѓу нив имало и еден Хрват, кој патувал во Црна Гора во посета на својот син, и уште еден млад човек кој никогаш не е идентификуван.
Симнатите патници со камион биле префрлени во училиштето во селото Прелово, во близина на Вишеград. Таму биле ограбени и претепани, а потоа однесени во близина на селото Мишиќи, каде што биле убиени, а нивните тела фрлени во реката Дрина.
Посмртните останки на тројца од нив биле пронајдени во езерото Перучац, во близина на Вишеград, додека другите сé уште се водат за исчезнати.
Хашкиот трибунал го осуди Милан Лукиќ на доживотен затвор за злосторства извршени за време на војната во Вишеград, но не и за киднапирањата во Штрпце.
Сепак, судот во Црна Гора, за случајот Штрпци, на 15 години затвор го осуди поранешниот член на единицата на Лукиќ, Небојша Ранисављевиќ.
За време на неговото судење, беше докажано дека однапред постоел план за киднапирање на патниците и дека српската железница, за можноста за киднапирање, ги информирала српското министерство за внатрешни работи и војската на Југославија. Само едно лице досега е осудено за убиство на патниците.