Регион

Србија: Спомен-комплексот „Бошко Буха“ на продажба

Споменикот на 17-годишниот Бошко Буха е дел од пропаднатиот спомен-комплекс, кој го носи неговото име. Фото: Василије Матовиќ/Википедија

Српските антифашисти ги повикаа властите да ја спречат продажбата на меморијалниот комплекс „Бошко Буха“, изграден во знак на сеќавање на младите борци кои загинаа во Втората светска војна, а кој се продава, бидејќи претпријатието кое е сопственик на овие објекти, прогласи стечај.

„Сметаме дека е апсурдно да се продаде споменик кој сведочи за антифашистичката борба“, изјави Сања Петровиќ-Тодосијевиќ, член на Сојузот на антифашисти на Србија и една од иницијаторите на петицијата за спречување на продажбата на комплексот.

Петровиќ- Тодосијевиќ за БИРН нагласува дека страдањата на децата се дел од југословенското наследство од Втората светска војна, и дека тие играат важна улога во востанието против нацистичката окупација.

Споменикот, именуван по младиот партизански борец, Бошко Буха, е изграден во 1964 година во Пријепоље. Буха е убиен во четничка заседа во 1943 година, на возраст од 17 години, а постхумно е проглсен за најмлад народен херој на Југославија.

Спомен-комплексот го вклучува Музејот на пионерите и младинците на Југославија и бројни споменици, а во него се одржуваат летни школи и разни други настани за младите луѓе.

Комплексот почна да се распаѓа во 90-тите години, но историчарите и активистите продолжија да организираат едукативни патувања за децата на ова место.

Претпријатието „Путник“, кога стана сопственик на комплексот имаше намера да го одржува, но тоа отиде во стечај, поради што на 28 февруари, е закажана продажба на неговиот имот.

Антифашистите ги повикаа локалните власти и стечајната управа на „Путник“, да најдат начин да го исклучат комплексот од продажба.

„Има многу причини зошто државата треба да обрне внимание на комплексот и да најде начин да го обнови“, потенцира Петровиќ-Тодосијевиќ.

Од властите во Пријеполе, до објавувањето на овој текст, не можевме да добиеме коментар