Регион

Србија стравува дека Косово „неосновано“ ќе биде примено во Интерпол

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Седиштето на Интерпол. Фото: Интерпол

Обидот на Косово, да стане членка на Интерпол, предизвика стравувања во Србија, дека тоа може да доведе до распишување на меѓународни потерници за апсење на припадници на српските безбедносни сили, кои учествувале во војната во Косово во 1999 година. Меѓутоа, невладините организации сметаат дека гонењето на лицата осомничени за воени злосторства, зависи од политичката волја во Србија.

„Дури и ако Косово стане членка на Интерпол, тоа не значи дека Србија ќе мора да ги екстрадира лицата што Косово ги бара. Секоја земја членка решава што ќе прави во однос на меѓународните потерници распишани од Генералниот секретаријат на Интерпол“, вели Саша Ѓорѓевиќ, од Белградскиот центар за безбедносна политика.

Ѓорѓевиќ истакна дека не постојат санкции за неекстрадирање на лицата кои се на „црвената потерница“ на Интерпол и оти екстрадицијата во голема мера зависи од меѓусебната доверба.

Додаде дека кандидатурата на Косово за членство во Интерпол, во Србија се „политизира“ и дека се нудат неколку стручни аргументи против неговото членство.

Косовскиот министер за надворешни работи, Енвер Хоџај, во средата изјави дека Косово лобира за поддршка на барањето за прием во Интерпол, на седницата на Генералното собрание на ова тело, што треба да се одржи во септември.

„Постојат голем број земји кои не го признале Косово, но изразија желба да го поддржат неговото членство“, рече Хоџај.

Косово досега двапати неуспешно аплицираше за членство во Интерпол, последен пат во ноември 2016 година.

Сепак, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, рече дека овој пат постои можност Косово да стане членка на Интерпол.

„Освен Косово, се пријавија и Палестина и Соломоновите острови. Како да се каже ‘гласајте за Палестина, но не и за Косово’“, објасни Дачиќ за весникот „Денес“.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи на Србија, Билјана Поповиќ-Ивковиќ, изрази загриженост дека „поранешните терористи од Ослободителната војска на Косово“ ќе ‘произведат’ лажни сведоци против српските полициски службеници, со цел распишување на меѓународни потерници.

Приштинските власти побараа апсење на 57 граѓани на Србија, за наводни воени злосторства извршени за време на конфликтот кон крајот на деведесеттите години, иако овие потерници не можат да бидат реализирани надвор од границите на Косово.

Од друга страна, Србија има активни потерници за апсење на поранешни герилци на ОВК, кои ги сомничи за воени злосторства, за кои Приштина смета дека се политички мотивирани.

Апсењето на поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај, во јануари во Франција, врз основа на налог издаден од Србија, предизвика бес во Косово, иако на крајот тој не беше екстрадиран во Белград.

Немања Стјепановиќ, од Фондот за хуманитарно право, со седиште во Белград, за БИРН изјави дека Србија и Косово мора да го решат прашањето за кривично гонење на осомничените за воени злосторства, во рамките на преговорите во Брисел, кои се одржуваат со посредство на ЕУ.

„Србија мора да ги признае институциите (на Косово) и нивните барања, вклучувајќи ги и оние кои поминуваат преку Интерпол“, рече Стјепановиќ.

Интерпол, во 2015 година, врз основа на наводите дека извршиле воени злосторства над цивили, издаде „црвена потерница“ по поранешниот српски генерал и пратеник, Момир Стојановиќ и по 16 други лица, кои за време на војната во Косово, биле припадници на српските сили.

Црвената потерница, најблиска до меѓународниот налог за апсење, беше распишана по барање на Мисијата на ООН во Косово.

Сепак, Србија овие налози целосно ги игнорира, нагласува Стјепановиќ.

Додаде дека секое потенцијално гонење, зависи од ставот на Србија, а не од тоа дали Косово ќе стане членка на Интерпол или не.

„Се плашам дека Србија, без оглед на исходот, ќе продолжи да ги крие осомничените за воени злосторства во Косово“, заклучува Стјепановиќ.