Регион

Сведок: Убиениот Албанец можеби бил српски соработник

Ремзи Шала (стои) во судница. Фото: БИРН

Сведокот, Шефки Бујари, кој долги години бил прв човек на селото Дуље, на рочиштето одржано на први септември, на повторното судење на Ремзи Шала пред Основниот суд во Призрен, изјави дека неколку убиства, за време на војната во Косово, особено во неговото село, можеби се случиле поради лична нетрпеливост или сомневање дека жртвите соработуваат со српските сили.

Поранешниот командант на ОВК, Ремзи Шала, е обвинет за воени злосторства, односно оти заедно со други припадници на ОВК, го киднапирал  Албанецот Хаџи Пертеши.

Според обвинението, Пертеши бил киднапиран во јуни 1998 година од неговата куќа во селото Дуље, општина Сува Река. Пертеши, кој бил измачуван по киднапирањето, подоцна бил пронајден мртов.

Бујари изјави дека за време на војната, припадниците на ОВК од селото Дуље, понекогаш биле обвинувани оти шпионираат за српските сили.

„Бев близу до лице што ме праша од каде сум, му реков дека сум од Дуље, а тој рече дека се плаши од мене. Го прашав зошто? Ми одговори: „Сите сте шпиони во Дуље“, рече Бујари.

„Го прашав за објаснување, а тој ми одговори: ‘Хаџи Пертеши’“, додаде сведокот.

Ова, според него, се случило откако Пертеши бил пронајден мртов.

Бујари објасни дека, иако во тоа време бил на чело на селото и бил свесен дека многу луѓе биле уапсени и малтретирани, „тој немал пристап до она што се случувало во таа област“ и не може да каже кој бил одговорен, бидејќи тој се борел на друго место.

Сведокот додаде дека нема сознанија или евиденција за тоа кој го убил Пертеши, ниту дали жртвите биле во судир со некого.

Шала, за време на војната, бил познат по прекарот „Црвено јаболко“. Првично беше осуден во 2019 година, за учество во незаконско притворање и убиство на Пертеши, и беше осуден на 14 години затвор.

Во жалбена постапка, Апелацискиот суд му ја намали казната на десет години затвор, заклучувајќи дека Шала е виновен само за земање на Пертеши како заложник, а не и за негово убиство.

Минатата година, Врховниот суд ги укина двете пресуди и го врати случајот на повторно судење.

Шала ги отфрли обвинувањата против него.

Arlinda Mehmeti