Вести

Тон марихуана, два тони „проблеми“ за правдата


Иста слика како и на 29 септември 2021 година. Празно обвинителско столче и одложено судење за 10 минути.

Цели две години по спектакуларната акција на МВР, во која беше објавено дека полицијата запленила 1,3 тон марихуана, а Обвинителството тврди дека е коноп, судењето никако да почне.

На денешното рочиште, исто како и лани во септември, повторно не дојде скопскиот јавен обвинител Гаврил Ристовски.

Од Скопското обвинителство, за БИРН, отсуството на обвинителот го правдаат со тоа што „Вишото обвинителство го вратило предметот на постапување во Обвинителството за гонење организиран криминал“.

Тоа беше и причината поради која долго не можеше да се закаже судење.

Судијката Оља Ристова прочита дека уште пред минатото рочиште, на 28 септември лани ја известила в.д. шефицата на Скопското обвинителство да назначи јавен обвинител во предметот.

Во судницата утрово не беше ниту обвинетиот Израелец Менахем Коен. Судот преку Министерството за правда побарало преку замолница да му се врачи покана.

Судскиот доставувач трипати го барал, но не го нашол на адресата, по што, поканата му ја оставил пред вратата.

Утрово дојдоа и обвинетиот Ненад Јованов, неговиот адвокат и адвокатката Иванка Јакимовска што ја застапува обвинетата фирма. Присутни беа и двајца сведоци.

Поканетата Лидија Савиќ од Министерство за здравство што ја води меѓуресорската комисија за контрола на производството на канабис за медицински цели, исто така не дојде.

„Неуредна достава. За следното рочиште да ѝ се достави нова, и на неа да пишува задолжително присуство, следи приведување“, рече судијката. 

Обвинетиот Јованов, во разговор за БИРН, по судењето, кажа дека по толку време, запленетата материја е неупотреблива. Објасни дека според нивното вештачење не станува збор за марихуана и дека „грешката“ на полицијата му нанесува штета на бизнисот.

Во меѓувреме, српскиот бизнисмен Љубомир Самарџиќ ја купи фирмата што е обвинета во предметот.

Истрагата за запленетиот 1,3 тон марихуана ја почна кавадаречкото обвинителство, продолжи во Обвинителството за гонење организиран криминал, а сега ја води Скопското обвинителство.

Следното рочиште е закажано за шест месеци, односно за 6 октомври.