По осум години заедничко владеење, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, иако најавија дека ќе ги започнат разговорите за формирање на новата влада, ставовите околу тоа прво ги изнесоа преку медиумите, се стекнува впечаток дека двете партии кои освоија нaјмногу гласови во двата политичко-етнички кампуси веќе ги затвориле вратите за коалицирање, судејќи според условите што си поставуваат меѓусебно.
ВМРО- ДПМНЕ е децидна: СЈО нема да постои, а ДУИ го мисли спротивното. „Независно дали ќе се формира нова влада и кој ќе ја формира, што и да се случи, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ’За подобра Македонија’ нема да преговараат ниту пак, ќе дозволат промена на уставниот поредок со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО“, се вели во соопштението на партијата на Груевски.
За ДУИ пак, токму продолжениот мандат на СЈО, двојазичноста и евроатлантските интеграции се клучните барања, од кои, како што велат, нема да отстапат. Партискиот портпарол Бујар Османи, изјави дека тоа се предусловите за да се продолжат разговорите за другите точки. „Не мислам дека овие барања загрозуваат некоја од политичките партии. Нема да отстапиме ниту од расветлувањето на судските монтирани случаи, точка која е дел од заедничката албанска Платформа“, смета Османи.
Причините поради кои ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа албанскиот јазик да биде втор службен јазик, според оваа партија се темелат на заложбата за унитарна држава и заштита на уставниот поредок. Но, од партијата на Ахмети велат дека бараат употребата на албанскиот јазик, рамноправен на македонскиот, да биде во согласност со Охридскиот договор и со Уставот, затоа што го обединува општеството.
Можно е ДУИ да прифати нови избори
Али Ахмети понуди 5 опции, меѓу кои и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, широка влада, нови избори или одење во опозиција.
Четворицата потпретседатели на партијата на Ахмети: Изет Меџити, Теута Арифи, Невзат Бејта и Садула Дураку, како и речиси целото раководство на ДУИ, се противат на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на изборите ја платија цената за досегашната коалиција. Некој поартикулиран глас кој се залага за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во ДУИ речиси нема, но треба да се има предвид дека и според Статут на партијата, и фактички, клучот за одлуката е единствено во рацете на лидерот Ахмети.
Невзат Бејта беше прв кој најави дека коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ е малку веројатна. „Не сум сретнал ниеден Албанец кој се залага за коалиција со Груевски и ВМРО“, изјави Бејта, навестувајќи дека ДУИ конечно се преиспитува.
Некој поартикулиран глас кој се залага за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во ДУИ речиси нема, но треба да се има предвид дека и според Статут на партијата, и фактички, клучот за одлуката е единствено во рацете на лидерот Ахмети
Што велат аналитичарите? Илбер Села, професор на Тетовскиот универзитет, смета дека на која страна ќе оди ДУИ – зависи од подготвеноста на македонските партии да ја прифатат Платформата потпишана од албанските лидери.
„Опција на ДУИ треба да биде волјата на Албанците за црвените линии и барањата на нејзини гласачи. Ако ниедна од македонските страни, ВМРО или СДСМ, не ги прифаќа клучните точки, ќе се оди на широка влада, која ќе има одговорност да ги спроведе извештајот на Прибе, препораките на Европската комисија, финализирањето на Охридскиот договор, како и продолжувањето на мандатот на СЈО, пролонгирање на локалните избори за 6 месеци и организирање локални и парламентарни избори во ноември“, коментира Села.
Политичкиот аналитичар Алберт Хани вели дека „ВМРО-ДПМНЕ почна да го ублажува етноцентристичкиот речник, фокусирајќи се на државни, а не на етнички интереси, и зборувајќи за заеднички точки, а не за етнички поделби, како што беше во кампањата. Ова го толкувам со тоа дека тие се координирани и реално се очекува дека овие две партии ќе ги консолидираат ставовите и ќе ја ублажат реториката пред да заврши рокот за формирање влада“.
Тој смета дека иако се работи за два политички ентитета за кои има сомневања за поврзаност во организиран криминал, во преговорите не треба да се изостави продолжувањето на мандатот на СЈО.
Алберт Хани анализира дека можна е политичка влада, но и други опции како инклузивна, експертска, концентрациона или техничка влада. „Ако не успее сценариото за заеднички точки, тогаш можно е ВМРО-ДПМНЕ да му го предаде мандатот на СДСМ, што потоа може да се инструментализира во полза на етноцентристичка агенда, а тоа подразбира нови избори“, размислува Хани.
БЕСА и Алијансата на Албанците отворени за СДСМ
Додека ДУИ не ја исклучува коалиџијата со ВМРО-ДПМНЕ, двете најголеми политички групации на Албанците: БЕСА и Алијансата на Албанците се решителни дека со Груевски и ВМРО не прифаќаат владина коалиција. Зекирија Ибрахими, потпретседател на БЕСА, вели дека ако СДСМ покаже подготвеност да разговара за точките од Платформата, ќе седнат да разговараат со нив.
Ибрахими смета дека Македонија може да биде функционална држава ако ги затвори етничките прашања како што се „Официјализирање на албанскиот јазик со посебен закон и економска еднаквост, која треба да се регулира со Законот за распределување на буџетот и со други институционални механизми. Се залагаме за СЈО, но и за Специјален суд или еден посебен оддел во рамките на Кривичниот суд, а битно прашање е и интеграцијата во НАТО и европската перспектива на земјата“.
Генералниот секретар на Движењето за реформи – ДПА, Арбен Таравари, ги набројува прашањата кои се клучни за отворање на разговорите со СДСМ. „Со СДСМ можеме да седнеме ако се изнајде заеднички јазик за двојазичноста, за СЈО и за децентрализацијата на власта“.
Можна ли е влада без ДУИ?
Али Пајазити, професор на Универитетот на Југоисточна Европа, констатира дека БЕСА и Алијансата ја добија довербата да бидат заштитници на албанската кауза. „БЕСА се повеќе убедени дека би останале во опозиција, додека Алијансата кокетира и нема баш артикулиран став околу нејзината идна позиција. Нивната политика е порадикална од таа на ДУИ, но проблемот е во тоа колку ќе растат политички за да ги реализираат нивните заложби за редефинирање и федерализација“.
Издавачот на весникот ЛАЈМ, Фејзи Хајдари, смета дека ДУИ во ниедна комбинација не треба да биде дел од власта. „Албанските опозициски партии треба да застанат зад БЕСА и да формираат опозициски блок со 10 пратеници. Овој блок, како реален претставник на албанските гласови, треба да започне преговори со СДСМ за формирање на новата влада. Тие треба да ја поканат ДУИ со свои пратеници да ја поддржи владината коалиција, која би ги прифатила барањата на Албанците, но без да им се овозможи на ДУИ да бидат дел од власта. Ако ДУИ не прифаќа, треба да се остави да прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“, коментира Хајдари.
Според него, опозициските албански партии не треба да прифатат влада помеѓу СДСМ и ДУИ, затоа што тоа ќе биде рехабилитација за грешките што ги направила таа Партија. Издавачот на ЛАЈМ вели дека ако ДУИ се во владата, ќе ги спречат истрагите за казнување на режимот за сите афери последниве години, а ако ДУИ влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, албанските опозициски партии не треба да бидат дел од ова газење на волјата на Албанците.
Албанските партии прв пат во историјата на плурализмот, имајќи го клучот за формирање на новата влада, се обидуваат да го искористат политичкиот момент за да испорачаат што повеќе барања.