Анализи

Ветувањата на Владата на Заев за отчетност, транспaрентост и антикорупција

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ќе се обврзат сите офшор-компании што инвестираат во Македонија да ги соопштат вистинските сопственици

Имињата на вистинските сопственици на инвестициите од офшор-дестинациите, точни бројки за јавниот долг и буџетарите, државата подалеку од медиумите и човековите права на прво место во кривичните постапки, ова се дел од ветувањата на новата Влада содржани во предлог-програмата во периодот од 2017 до 2020.

Со оглед дека во изминатиот период се појавија многу инвеститори од земјите познати како даночни оази, Белизе, Девствените острови, Џерси и слични државички што служат за прикривање на сопствеништвото на капиталот, новата влада ветува дека ќе предложи законски измени што ќе ги обврзат сите офшор-компании што инвестираат во Македонија да ги соопштат вистинските сопственици и да го достават целокупниот историјат.

Новата власт предводена од СДСМ ветува и дека ќе ја зголеми транспарентноста на институциите со тоа што ќе се преполови законскиот рок за одговор на барањата за пристап до информации од јавен карактер од 30 на 15 дена, рок којшто институциите често го прекршуваат со тоа што или не одговараат, како Антикорупциска комисија во случајот со имотите на бившите функционери или, пак, податоците ги доставуваат подоцна од дозволениот рок.

Во програмата нема податок дали политичките партии повторно ќе бидат обврзани да даваат одговараат на вакви прашања што се покажа како големо олеснување за партиите во однос на стекнување на имот, финансирање и воопшто трансакциите со другите правни субјекти.

Транспарентност се најавува и во поглед на завршните сметки што институциите и јавните претпријатија ќе мора да ги објавуваат на интернет, а кабинетот на идниот премиер Зоран Заев се обврзува дека ќе ја објави вистинската цифра на јавниот долг, бидејќи експертите се сомневаат оти актуелната бројка од 46 проценти од БДП е неточна.

Криењето на јавниот долг ќе биде кривично дело.

Најавен е и јавен регистар на администрацијата од кој граѓаните ќе дознаат колку точно има административци. Исто така во предвид е да се објават податоците и за луѓето што земаат плата од државата, а не работат и итно ќе добијат ангажман.

Со оглед дека Македонија е една од ретките земји во светот што нема спроведено попис, оној од 2011 беше прекинат, новата власт се обврза да спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди.

Поголема транспарентност не е возможна без слобода на медиумите, а таа, барем според напишаното, треба да се обезбеди преку неколку мерки.

Во новата владина програма стои дека ќе се намали паричната казна за навреда или за клевета со која се соочуваат медиумите. Во моментов еден медиум може да биде изложен на глоба од вкупно 27.000 евра, максимум две за новинарот, најмногу пет илјади евра за уредникот и уште 15.000 за самиот медиум.

Најавено е и дека државата ќе престане со трошење на буџетски средства во медиумите, со што се верува дека ќе се намали влијанието на власта во уредувачката политика, нешто што беше многу присутно во последниот период, најмногу кај телевизиите со национална концесија.

Дополнително ќе се предложи забрана за рекламирање на политичките партии, освен за време на изборна кампања.

Владината програма предвидува редовни дебатни емисии на програмите на јавниот сервис МРТВ. За разлика од вака срочената обврска во владината програма, СДСМ во нивните ветувања се многу поконкретни , па велат дека:

– Најмалку тројца министри, барем еднаш месечно ќе учествуваат во дебата на МРТ заедно со претставници на опозицијата

– Премиерот и министерот за финансии, во текот на постапката за носење на буџетот, ќе учествуваат во јавна дебата на МРТ заедно со лица од опозицијата и со експерти.

Новото парламентарно мнозинство и идната Влада ветуваат и подобар пристап до правдата на граѓаните со тоа што ќе се намалат судските такси, бидејќи граѓаните често се откажуваат од судската заштита поради овие трошоци.

Во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси, кои во последниот период се енормно зголемени, и тие ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување.

Новата власт планира да побара поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот, европски стандарди за заштита на пресумпцијата на невиност и казни доколку се прекршува ова право.

Поддршка ќе се бара и за законски измени со кое одобрение за следењето на комуникациите не може да даде кој било полициски службеник како што е тоа сега случај. Воедно се предвидува и да се намали периодот во кој може да трае прислушувањето.

Во областа на безбедноста на граѓаните планот е да се возобнови концептот на полицаец-позорникар на улиците во населените места.

„Тој ќе биде заштитник достапен за граѓаните и за нивните потреби. Јакнењето на довербата помеѓу полицијата и граѓаните е предуслов за безбедноста на граѓаните“, стои во програмата на идната Влада.

Околу конкретните ветувања власта ќе бара поширока поддршка и мнозинство за да се воведе специјализирано одделение во судот за постапување по предметите кои се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, расветлување на Кумановските настани од мај 2015 година и откривање на иницијаторите и позадината на целиот случај.

Идната Влада ветува целосна логистичка поддршка на обвинителските и судски инстанции во отворање и водење постапки за предметите „Сопот“, „Бродец“, смртта на Мартин Нешковски и на Никола Младенов и „Монструм“.

Планирано е темелно да се преиспита проектот „Скопје 2014, ревитализација на централното градско подрачје и на Старата скопска чаршија, а предвидени се и законски измени со кои ќе се оневозможи барокизација на Градскиот трговски центар и на старото градско јадро на скопската ул. „Македонија“.