Анализи

Владината реконструкција ќе натежне на директорска страна

Процесот на кадровско проветрување премиерот Заев го најави уште во февруари | Фото: Flickr на Влада на РМ

Девет позиции во Владата, од кои повеќето заменик-министерски, како и 30 отсто директорски места од кои 15 „крупни“ директорски имиња, ќе бидат зафатени со бранот на најавената реконструкција, дознава БИРН од извори во владеачкото мнозинство.

Ваквите бројки и проценти лично ги најавил премиерот Заев пред своите сопартијци. Од СДСМ потенцираат дека покрај консултациите со партнерите, при именувањето на нови кадри ќе се раководат од интерните анализи, но и од критиките за пропусти или несодветни решенија во кадровската политика, како и забелешките за недоволна битка против корупцијата и криминалот.

Процесот на кадровско проветрување премиерот Заев го најави уште во февруари, а беше инициран од потребата за проширување на парламентарното мнозинство, потребата за пополнување на испразнетите места, но и промена или рокада на кадрите кои досега не ја оправдале довербата, или не можеле да го дадат својот максимум на одредена позиција.

Заев синоќа ги завршил последните разговори со идните коалициски партнери, и веќе е извесно дека на новото парламентарно мнозинство ќе му се придружат тројцата пратеници од скопското крило на „Беса“ предводена од Африм Гаши и двајцата пратеници на ДПА предводена од Мендух Тачи. Партиските тела на ДПА и Беса сега и официјално ќе расправаат за принципите и основите на соработка во владината коалиција.

По еден министер за Беса и за ДПА

И СДСМ, и ДУИ, отстапуваат по една од нивните министерски позициии во корист на новите партнери. Како што дознава БИРН, ДПА ја добива позицијата министер без ресор задолжен за странски инвестиции, која во првиот владиниот состав ѝ припадна на ДУИ, а остана кадровски непополнета уште откако Рамиз Мерко се кандидираше и беше избран за градоначалник на Струга.

Како кандидат за оваа министерска позиција од редовите на ДПА неофицијално се спомнува Бардуљ Даути. Toj беше пратеник на ДПА во парламентот, но откако лани во септември беше кандидиран за градоначалник на Тетово, си поднесе оставка на пратеничкото место.

И Беса добива една министерска функција, а како што дознаваме, партијата ги преферирала ресорите култура или образование. Според владини извори, најверојатно кадар на Беса ќе раководи со Министерството за култура. Ресорот образование влегува во фокусот на интерес на коалицискиот партнер ДУИ, односно, можно е СДСМ и ДУИ да направат рокада во раководењето на ресорите образование и правда.

Министерот за правда Билен Саљији на 20 март си поднесе оставка функцијата, како што рече – поради разнишаната доверба во судството, односно одлуката за преквалификување на обвинението во „случајот Алмир“, но тој се уште не е разрешен. Во време кога се очекуваат темелни судски реформи, кадровското решение во ресорот правда се смета за едно од клучните.

Заев синоќа ги завршил последните разговори со идните коалициски партнери, и веќе е извесно дека на новото парламентарно мнозинство ќе му се придружат тројцата пратеници од скопското крило на „Беса“ предводено од Африм Гаши и двајцата пратеници на ДПА предводена од Мендух Тачи

Социјалдемократите се уште немаат одговор дали сегашната министерка за образование, и професорка од Правниот факултет на УКИМ, Рената Дескоска, би го прифатила тој предвизвик, односно рокада од еден ресор во друг.

За можна трампа на овие два ресора се разговарало и на седницата на Централното претседателство на ДУИ. Била анализирана работата на министрите, замениците и државните секретари. Дел добиле критики, дел пофалби, но дискрециското право за одлучување кои функционери ќе останат во Владата му било доверено на партискиот лидер Али Ахмети.

Како кадар кој би можел да се збогува со министерската позиција, партиски извори засега неофицијално го посочуваат министерот за економија Крешник Бектеши. Не му припишуваат грешки, туку забелешки дека „не се снашол најдобро“.

Пополнување и на другите ешалони

Заев синоќа ги завршил последните разговори со идните коалициски партнери | Фото: Flickr на Влада на РМ

Останува СДСМ, ДУИ и новите партнери деновиве да се координираат и околу поделбата на позициите заменици-министри и државни секретари. Извесно е дека СДСМ ќе го препушти заменик-министерското место во здравството на друга партија, бидејќи на нејзин предлог е министерот кој раководи со тој ресор.

Актуелниот заменик-министер Гоце Чакаровски најверојатно ќе остане во истиот ресор, но на друга позиција. Ќе има нова распределба и на функциите што имаше Алијанса за Албанците која ја напушти Владата, но нејзините кадри до денес не се разрешени од раководните позиции.

Тоа се тројцата заменици-министри во ресорите надворешни работи, транспорт, и труд и социјална политика – Арта Tочи, Мехмет Ремзи и Елми Азири, како и државниот секратар во правда, Зулфи Адили. Досега не беше демантирана информацијата дека заменик-министерското место во МНР ќе го добие Андреј Жерновски, кому му била ветена функција откако на локалните избори се откажа да се кандидира за втор мандат во Општина Центар.

А поради понуда „само“ на заменик -министерска позиција, а не на конкретен ресор, тетовското крило на Беса предводено од Билал Касами веќе ги напушти разговорите за влез во владината коалиција. Ваквиот чин партијата го образложи со забелешка дека процесот на преговори трае повеќе од четири месеци без конкретен епилог.

Не сакаме Движењето Беса да остане заложник на техничките калкулации на парламентарното мнозинство“, соопшти партијата. Со тоа двајцата пратеници од крилото на Касами остануваат конструктивна опозиција, но не е исклучено и тие да се приклучат кон мнозинството, доколку тековниот судски процес за името, логото и печатот на партијата го добие крилото на Гаши.

Директорите под лупа

И додека промените во Владата ќе бидат повеќе симболични, поголем рез се очекува во фазата што ќе следи потоа – смена на директори кои не ги дале очекуваните резултати. Како што дознаваме од владини извори, подолг период под лупа се директорските резултати, а анализата покажала дека смената може да зафати и до 30 отсто од директорските позиции.

Ќе бидат сменети оние раководители кај кои бил констатиран недоволен ангажман и пропусти, но и кај оние кои не направиле грешки, но не направиле ниту исчекор во работата на институцијата, па рефлектираат непродуктивност и подолгорочно статус-кво…

Ако не е ништо подобрено, тоа не значи дека комплетно ќе им се заблагодариме за нивните услуги, туку можеби ќе ги поставиме на други позиции каде ќе цениме дека ќе можат подобро да одговорат на барањата. Секогаш ќе ги уважуваме капацитетот, експертизата на личноста и впечатокот што го оставаат во јавноста“, изјави неодамна премиерот Заев.

Поради потреба од консултации меѓу коалициските партнери, за промените во владините ешалони ќе се разговара по завршувањето на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија. Смената на директорите ќе следува во друга фаза, и ќе се реализира откако ќе завршат сите започнати анализи

Според партиски извори, на списокот за разрешување се имиња на 15 директори на значајни институции, меѓу кои и на „значајни фондови“, клиники, претпријатија…

Некои од нив ќе бидат разрешени и поради конфликт на интереси, односно сомнеж дека претходната позиција од која дошле на актуелната, може да се смета за проблематична при спроведување на одредени реформи во клучни сфери. Во тој контекст се спомнува и една од раководните позиции во Телеком.

Поради потреба од консултации меѓу коалициските партнери, за промените во владините ешалони ќе се разговара по завршувањето на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија. Смената на директорите ќе следува во друга фаза, и ќе се реализира откако ќе завршат сите започнати анализи.

Партиски извори тврдат дека очекуваат тие смени да предизвикаат незадоволство, но сметаат дека на сите им било дадено доволно време да покажат резултати и да ги коригираат грешките. Тврдат дека премиерот нема да отстапи од планираниот рез, и поради домашните критики, но и поради надворешни забелешки за некои несоодветни кадровски решенија, како и поради перцепцијата дека „прогледувањето низ прсти“ на такви кадровски решенија ја отапува битката против непотизмот, криминалот и корупцијата.