Останато

Во Црна Гора ќе биде одбележана годишнина од депортацијата на Бошњаците

Црногорски активисти за човекови права, на 25-годишнината од депортацијата на бошњачките бегалци, кои подоцна биле убиени, повторно ги повикаа властите да ги казнат одговорните и на жртвите да им подигнат споменик.

Пишува: Душица Томовиќ, Подгорица

Плакат со фотографиите не депортираните бегалци

Три невладини организации од Црна Гора, на 25 мај ќе положат венци пред зградата на полицијата во Херцег Нови, која се смета за одговорна за срамната депортација на бошњачките бегалци во 1992 година, кои подоцна биле убиени.

Над 60 Бошњаци и неколку Срби, таа година незаконски биле уапсени и приведени во полициската станица, од каде што на 25 и 27 мај 1992 година, со автобуси биле депортирани во Република Српска.

По депортирање, повеќето Бошњаци биле убиени; нивните останки до денес не се пронајдени.

Девет поранешни полицајци, обвинети за депортацијата, во ноември 2012 година беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства. Имено, Вишиот суд во Подгорица пресуди дека иако апсењата биле незаконски, тие не претставуваат воено злосторство и дека деветмината полицајци, во конфликтот во Босна и Херцеговина, не се ставиле на ниту една од завојуваните страни.

Невладините организации остро го критикуваа овој судски процес, не само поради одлуката на судот обвинетите да бидат ослободени, туку и поради неуспехот на обвинителството да го покрене прашањето за командна одговорност во случаите на воени злосторства.

„Поминаа 25 години од војната во Босна и Херцеговина, правдата сѐ уште не е задоволена, а проекцијата на заборавот е сеприсутна“, соопшти Центарот за женско и мировно образование „Анима“, една од трите невладини организации што ќе учествуваат во одбележувањето на овој настан.

Оваа организација, заедно со невладините организации „Акција за човекови права“ и „Центар за граѓанско образование“, ги повика властите да изградат споменик за жртвите во Херцег Нови и да утврдат датум кој ќе биде одбележуван како Ден на сеќавањето за жртвите.

„Уште еднаш предупредуваме на постоењето на политика на неказнување на воените злосторства и на неуспехот да се утврди одговорноста“, вели „Анима“.

Досега обвинителство покрена вкупно шест случаи за воени злосторства извршени над цивилното население. Во 2016 година не дојде до нови апсење, поднесување обвиненија или пресуди, во врска со овој или со некој нов случај.

Со години, на Црна Гора ѝ се упатуваат критики дека не вложува сериозни напори во справувањето со воените злосторства, иако обвинителството вети дека во 2017 година, ќе иницира нови истраги.

Во последниот годишен извештај на ЕУ за напредокот на Црна Гора, објавен во ноември 2016 година, се вели дека напредокот во процесирањето на воените злосторства е спор.

И покрај некои позитивни случувања, се вели во извештајот, обвинителството треба да покаже проактивен пристап во следењето на наводите за извршени воени злосторства.