Миладин Сувајџиќ, поранешен член на Земунскиот клан, пред судот во Белград сведочеше дека еден од водачите на кланот, „признал“ дека го убил српскиот опозициски новинар, Славко Ќурувија, во 1999 година.
Сувајџиќ, која доби статус на заштитен сведок, откако сведочеше против другите поранешни припадници на Земунскиот клан, во понеделникот пред судот во Белград изјави дека Миле Луковиќ, познат како Кум, во април 1999 година, рекол дека го убил опозицискиот новинар Ќурувија.
Полицијата во март 2003 година го уби Луковиќ, еден од лидерите на озлогласениот Земунски клан, чии членови беа осудени за убиство на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, при обидот да го уапси за наводна вмешаност во атентатот.
„По атентатот на премиерот, јас бев курир и дојдов во станот на улица „Војвода Степе“ во кој беше Миле Луковиќ Кум. Тој знаеше дека тука му е крајот и тогаш рече дека „Земунците“ го убиле Ќурувија“, ја пренесува весникот „Денес“, изјавата на Сувајџиќ.
Сувајџиќ истакна дека Луковиќ признал и неколку други убиства.
Сепак, додаде дека Луковиќ, во тоа време, бил „сосема луд и раскажувал дека извршил многубројни убиства, така што никој не го сфаќал сериозно“.
Нагласи дека во 2003 година, на полицијата ѝ кажал за овие тврдења на Луковиќ, но дека никој понатаму за тоа не го испрашувал.
Ќурувија беше застрелан 17 пати во грб пред неговиот стан во центарот на Белград, убиство за кое неговото семејство и поранешните колеги веруваат дека било мотивирано од неговото противење на тогашниот режим на југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ.
Според обвинението, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на држацната безбедност, ДБ, го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.
Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.
Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, а Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.
Марковиќ моментно отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија, во 2000 година.
Сувајџиќ пред судот додаде дека Земунскиот клан, по убиството на Ќурувија, по наредба на Душан Спасојевиќ, еден од лидерите на кланот, планирал да ги убие Курак и Ромиќ.
Како што истакна, од другите членови на кланот разбрал дека зад оваа одлука стои поранешниот командант на Единица за специјални операции (ЕСО), Милорад Улемек Легија, кој беше осуден за убиство на Зоран Ѓинѓиќ.
Планот не бил спроведен, бидејќи Легија постигнал договор со Курак, истакна Сувајџиќ.
Пред судот во понеделникот сведочеше и Родољуб Миловиќ, пензиониран началник на Управата на криминалистичката полиција. Тој бил член на полициската единица „Поскок“, која на почетокот на 2000-тите го истражувала убиството на Ќурувија.
Миловиќ потврди дека по операцијата „Сабја“, во која беа притворени лица осомничени за убиството на Ѓинѓиќ, слушнал дека Сувајџиќ на полицијата ѝ изјавил дека Лукиќ тврдел дека го убил Ќурувија.
Додаде дека полициската истрага за убиството на Ќурувија тргнала во неколку различни насоки, што довеле до „многу информации и делумни информации“, вклучувајќи и до податоци за Ромиќ и Kурак, но без докази.
Миловиќ рече дека тој разговарал со Лука Пејовиќ, припадник на ЕСО, за кого дел од сведоците наведоа дека е извршител на убиството на Славко Ќурувија, но оти Пејовиќ бил убиен пред да се сретнат повторно.
Пејовиќ беше убиен од непознат напаѓач во Белград во 2000 година.
Миловиќ додаде дека Бранка Прпа, вдовицата на Ќурувија, која била со сопругот кога го убиле, по смртта на Пејовиќ изјавила дека тој е можен сторител на убиството, но оти не е сигурна.