Регион

Военo медицински установи „ги опструираат постапките за воени злосторства“

Фондот за хуманитарно право (ФХП), со седиште во Белград, соопшти дека две воени болници, придонеле за одложување на судски постапки кои се водат за воени злосторства, со издавање на потврди дека поради здравствени причини, осомничените не можеле да присуствуваат на сослушувањата.

Филип Рудиќ, Белград

Воено медицинската академија во Белград. Фото: vma.mod.gov.rs

ФХП во четврток ги обвини белградската Воено медицинска академија и Воената болница во Ниш, за смислена опструкција на постапките за воени злосторства.

„Неминовен впечаток е дека зад опструкциите стојат лекарите на воено медицинските установи, чии евентуални злоупотреби, кои всушност претставуваат кривично дело, никој не ги проверува“, стои во соопштението на ФХП.

Како пример, во нивното соопштение се наведуваат постапките во кои обвинети се двајца припадници на Војската на Србија, Павле Гавриловиќ и Ранко Козлина, кои се товарат дека во март 1999 година, за време на нападот на косовското село Трње, учествувале во убиство на најмалку 27 лица, меѓу кои и едно четиригодишно момче.

Расправата, која беше закажана на 13 септември, беше одложена, бидејќи адвокатите на Гавриловиќ и на Козлина, приложија потврди, за едниот од Воено медицинската академија во Белград, а за вториот од Воената болница во Ниш, за да го оправдаат отсуството на нивните клиенти.

„Сѐ укажува на организирана опструкција на постапката“, вели за БИРН, Марина Кљајиќ, од ФХП.

Воено медицинската академија, ВМА, ги отфрли наводите на ФХП, велејќи дека оваа болница сите пациенти ги третира во согласност со протоколите и добрата медицинска практика.

„Самата инсинуација е навредлива за сите вработени во ВМА, кои помогале, а и денес им помагаат на десетици илјади пациенти, без разлика на нивната националност, верска припадност или дали учествувале во војната“, велат од ВМА за БИРН.

Од Воената болница во Ниш, не добивме одговор на нашето барање за коментар.

На главниот претрес во 2016 година, во постапката што се води против Гавриловиќ, претседателката на судскиот совет констатира дека „многу често се случува тој да биде хоспитализиран, да биде во болница два или три дена пред претресот, а неговото лечење да се завршува по откажување на претресот“.

Истата работа, вели ФХП, се случува и во случајот против Козлина, во кој судскиот совет го одби барањето на обвинителството, на обвинетиот да му се одреди мерка притвор, како „предвремено“.

ФХП соопшти дека нивните рочишта, врз основа на медицинска евиденција, се одложуваат уште од самиот почеток на процесот во 2014 година и дека во изминатите две и пол години се одржани само 9 претреси.

Се споменува и случајот со поранешниот генерал на Војската на Република Српска (ВРС), Новак Ѓукиќ, кој е обвинет дека дал наредбата за артилериски напад на босанскиот град Тузла, кој резултираше со масакр, во кој минатонеделното рочиште, врз иста основа, беше одложено.

„Ѓукиќ беше хоспитализиран на шести, за да не се појави на осми и верувам дека го пуштиле на девети“, вели Кљајиќ.

ФХП укажува дека се работи за „смислена опструкција на одбраната, со соучество на воените медицински установи“ и го повика судот, со одредување на притвор на обвинетите, да го обезбеди нивното присуство во судницата.

„На тој начин, ќе се избегне исмејувањето на жртвите, кои редовно ги следат судењата во овој предмет, но и ќе се исполни законската обврска за судење во разумен рок“, нагласуваат од ФХП.