Регион

Вулин повторно ги пофали ослободените воени злосторници

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, одговори на критиките кои му ги упати американскиот амбасадор во Белград, бидејќи јавно пофали двајца осудени воени злосторници.

Филип Рудиќ, Белград

Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин. Фото: Милош Мишков/Бета

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, во средата ги отфрли критиките на американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот, кој рече дека поддршката што Вулин им ја дал на осудените за воени злосторства, Владимир Лазаревиќ и Никола Шаиновиќ, може да ги поткопа напорите за подобрување на имиџот на Србија.

„Се чудам што амбасадорот не гледа можност за поткопување на имиџот и закана за односите во тоа што обвинетиот од Хаг, Анте Готовина, е советник во Владата на Хрватска или во ослободувањето на Ориќ”, рече Вулин.

Да потсетиме, Готовина и Ориќ беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства извршени врз Срби.

Амбасадорот на САД упати критики до Вулин, откако српскиот министер за одбрана, минатата сабота, одржа говор на средбата на поранешните старешини на Третата армија на Војската на Југославија (ВЈ).

На настанот присуствуваа и осудените за воени злосторства, Владимир Лазаревиќ, поранешен командант на Приштинскиот корпус на ВЈ и Никола Шаиновиќ, поранешен заменик премиер на Сојузна Република Југославија, кои, по отслужување на казната, се вратија во Србија.

Вулин, за време на својот говор, истакна дека Србија повеќе нема да се срами од оние кои ја „бранеле”, оти тоа време исчезнало, а дошло времето за „тивка гордост”.

Во извештајот на Асошиетед прес, во врска со овој настан, кој беше објавен и во влијателниот американски весник „Вашингтон пост”, меѓу другото се вели дека забелешките на Вулин „го илустрираат порастот на инатот на Србија кон Западот”.

Како одговор на овој текст, партијата на Вулин, Движење на социјалистите, соопшти дека тоа е „прозивка на американско гласило кое ги пропагира злосторничките акции на НАТО.”

Амбасадорот Скот, текстот во „Вашингтон пост” го објави на својата Твитер страница, со коментар дека повеќемесечната работа на подобрувањето на имиџот на Србија во САД, “може да биде поткопана со една изјава.”

Во својот одговор до Скот, Вулун нагласува дека Србија „не ги предизвикала војните” во поранешна Југославија и дека поранешниот генерал, Лазаревиќ, сега е „слободен човек”.

„Треба ли да го фалам (НАТО) бомбардирањето и да барам оправдување за отцепувањето на КиМ? Не знам војска која што би се откажала и засрамила од генералот Лазаревиќ, а јас сигурно нема“, рече Вулин.

Ова не е првпат српските власти да ги фалат воените злосторници.

Поранешниот полковник на ЈНА, Веселин Шљиванчанин, кого Хашкиот трибунал го осуди за масакрот во Вуковар во 1991 година, држеше говори на настани организирани од владејачката Српската напредна партија, на претседателот Александар Вучиќ.

Во петок, во Белград, најавена е и промоција на книгата на Шљиванчанин „Во служба на татковината”, што наиде на осуда меѓу активистите на невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права.

„Во деновите на експанзија на славењето на воените злосторници (Лазаревиќ и Шаиновиќ) од страна на државниот врв … институциите на државата Србија, односно на градот Белград, уште еднаш отстапуваат простор на осуден воен злосторник”, се вели во соопштението на Младинската иницијатива за човекови права.

Инаку, на Владимир Лазаревиќ, кој по издржувањето на казната се врати во Србија, му беше приредено херојско добредојде.