Флеш Вести28/04/2017 20:34

За 10 дена Заев очекува Иванов да го даде мандатот

Лидерот на СДСМ Зоран Заев очекува утре, или најдоцна до вторник, Трајко Велјаноски да му го предаде кабинетот на новиот претседател на Собранието Талат Џафери. На емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, Заев рече дека очекува во рок од 10 дена претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот на парламентарното мнозинство.

„Мора да го даде мандатот, нема друго. Или ако не го дава, нека го каже излезот, не може вака, не го давам мандатот, како децата, не ја давам играчката“, рече Заев.

Тој се сомнева дека зад вчерашните инциденти во Собранието стои полицијата и пред сè директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кого го нарече „бандит“.

„Јас очекував дека по изборот на Џафери за претседател на Собранието ќе тргнат пратеници на пратеници, можеби обезбедувањето, можеби и МВР ќе се вклучи, ама не верував дека ќе ја пуштат намерно толпата. Во еден момент, буквално се отворија вратите, знаеме и од кого. Имаше луѓе кои координираа и даваа упатства, се поздравуваа маскираните лица со униформираните полицајци“, рече Заев.

Тој повтори дека целта на вчерашните инциденти било да се извршат убиства, не само нему, туку и на повеќе други пратеници. Дел од маскираните лица, според неговите сознанија, биле полицајци.   

„За еден дел верувам дека беа полицајци, се качуваа и упатуваа, знаеја одма каде е прес-салата. Тоа беше точно прганизирано и осмислено. Ги видовме и познатите лица од здруженијата Ќосето, Тодор Александров, а дел беа полицијајци. Им го гледав жарот, злобата во очите, очекуваа да падне еден живот, па потоа и други“, рече Заев, поздравувајќи го потегот на Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ кој застанал во одбрана на пратениците од СДСМ и ДУИ.

Тој рече и дека СДСМ проверува колкав број од лицата што вчера учествуваа во инцидентите се помилувани од претседателот Иванов. 

По интервјуто на Заев, во истото студио интервју дава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Заев уште еднаш го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да седнат на дуел.

„Зошто не дојде вечерва заедно да седнеме? Јас го повикувам Груевски, имам многу што да го прашам во негово присуство. Зошто човекот после мене доаѓа? Сега знам, ќе ме чека да заминам, за тој да влезе во телевизијата, тој не сака да ме види“.