Почнува вонредниот „Фолк-фест Валандово“

Во Домот на културата, кој на присутните по обичај им го активира Павловиот рефлекс дека се дојдени да густираат 30-тина композиции од новиот „Фолк-фест Валандово“, овојпат ќе настапи само еден (под)изведувач. Слично како кога МТВ сама решава кој ќе ја претставува Македонија на Евровизија, „така некако“ се случи и ВМРО-ДПМНЕ да избира претседател во „избор“ од само еден кандидат.

Kандидатската програмска песна ќе ја изведе талентираниот Христијан Мицковски, по текст, музика и аранжман на култната група „Фамилија“, формално придружуван од оркестарот „Демократски труби“. За да нема никакви изненадувања (проблеми со тонот или техниката) ќе пее на плејбек, со 300 претходно обработени гласови на пратечките вокали, во фестивалски жаргон наречени „делегати“. 

Ме интересира дали во првиот ред ќе седи Влатко Ѓорчев или ќе се скрие во некое ќоше. Не за друго, туку затоа што токму тој пред два месеца беше многу гласен по прашaњето за демократијата и слободата во Македонија. Јавно прашуваше – каква е таа демократија и слобода, ако во над 30 општини на локалните избори имало само двајца кандидати – еден од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, и еден од коалицијата на СДСМ. Тоа значело дека владеат притисоци, страв и неслобода, штом никој трет не се кандидирал.

Сеа Влатче, шо праиме? Во ВМРО-ДПМНЕ не само што нема трет, туку нема ни втор кандидат. Додуша имаше, ама и тој „одеднаш“ се предомисли. Што можеби и прилега за некој кому презимето му е во конфликт со идентификација за храброст (Страшевски). Ќе звучам дискриминаторски, ама на ВМРО-ДПМНЕ навистина не и прилега кандидат, а уште помалку претседател со презиме кое асоцира на страв или престрашеност.

Во ВМРО-ДПМНЕ не само што нема трет, туку нема ни втор кандидат. Додуша имаше, ама и тој „одеднаш“ се предомисли

Добро, и од единствениот кандидат многумина веќе ги фаќа уплав, но искрено мислам дека партијата и не можеше да најде подобар кандидат од Мицкоски. Не е битно дали и колку време поминал во партијата. Не треба да се ситничари ни по прашањето дали процедурата за кандидирање била демократска или не. Како што мудро забележа Груевски во една прилика: „А, што е тоа демократија?“

Човек учи додека е жив. И Мицкоски не се разбира многу во демократија. Но, според професионалната биографија, прилично се разбира во машинска техника. А партијата, нели, е една огромна машинерија, па тој доаѓа како врвен мајстор за да ги затегне запчаниците и разлабавените штрафови. Но, знае многу повеќе од тоа.

Човекот докторирал на темата „Управување на манипулациони роботи со примена на fuzzy логика. „Фази“ логика значело „неопределена“ или „логика на непрецизноста“. Така што, ако некој се прашува зошто Мицкоски е единствен кандидат, нека земе предвид дека некои роботи се ставаат во манипулативен погон исклучиво со примена на логиката на непрецизност.

Антонио Милошоски може уште сто пати да рече „да не дозволиме новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да биде марионета“, но тој всушност и не разбира што значи оваа операција, колку што знае човекот кој докторирал на марионети (роботи) и тоа не било какви, туку исклучиво манипулациони. И не само тоа. Магистрирал на темата „Оптимизациона синтеза на лостови механизми“.

Кој не знае што е лост, особено партиски, и како се прави синтеза на лостовите механизми, нека го праша Мицкоски. Бидејќи знам дека мнозинството нема да го праша, издвоив неколку правила како се постигнуваа тоа: со правило за подеднаква сила (врз делегатите); со правило за максималнa отпорност – при силно натоварени конструкции се користи методот на претходно оптоварување (однапред резервирање гласови); со правило за рамнотежа на силите во конструкцијата – при создавање на новата конструкција се избегнуваат нестабилни сили и моменти кои создаваат дополнително радијално и аксијално оптоварување (елинимирање на други партиски иницијативи); со правило за избегнување на клинови ефекти – кога аголот на триење е поголем од наклонот на елементот (подмачкување на делегатите). И секако, при синтеза на лостовите механизми стремежот треба да е насочен кон синтеза на затворени кинематички синџири, преку кои се реализираат помалку загуби во погонскиот (делегатски) поток. Да, малку е компликувано за разбирање, но не и за реализирање.

И Груевски во ова не се разбира многу, но барем знае што е робот: уред кој извршува низа последователни чекори (етапи) од една задача (операција) во согласност со однапред зададена и неменлива процедура, која лесно се модифицира.

Има неколку видови роботи. Едни (т.н. папагали) кои го паметат движењето на човекот-оператор и потоа го повторуваат. Човекот-оператор најпрво рачно ја извршува саканата операција водејќи го роботот, а тој ги памти неговите движења за подоцна да може самостојно да ги повторува. Ова се нарекува и робот „послушник“, кој дејствува во согласност со запаметената информација. Кај роботите со нумеричко управување, наместо човекот да го учи роботот изведувајќи ја задачата своерачно, му ја задава задачата на роботот преку одредена програма. Има и класа на интелигентни роботи кои можат да ја препознаат и осознаат околината и успешно да извршуваат задачи без оглед на промените во околината во која се извршуваат задачите.

Каков робот преферирал Груевски? Познавачите на неговиот вкус велат дека го преферира првиот модел, со мали технички надградувања од вториот. Но, во секој случај сака манипулациони роботи. И точно знае што прави. 

Во партијата врескаат дека ова во Валандово нема врска со демократија. Па не е виновно Валандово. Слушам домаќините се подготвиле за бројните гости. Отвораат тегли со слатко од познатите валандовски смокви, прават пити со праз. Единствено не можеле да најдат смоквини листови за покривање на срамот на конгресните гости. Зима е, лисјата паднаа. Маските исто така. Само роботите го трчаат последниот круг.