Анализи

Охрид го „брани“ УНЕСКО-статусот со рекорди во дивоградби

Бесправните градби се проблем во Охрид со децении | Фото: БИРН

Охрид е општината во која биле регистрирани најголем број дивоградби во Македонија во 2017 година, вкупно 68, покажува последното соопштение на Државниот завод за статистика. Тоа е втора година по ред, и трета во последните четири, како Охрид се наоѓа на врвот на листата според бројот на бесправно изградени објекти. И во претходните години тој беше меѓу првите, заедно со општините Чаир, Куманово, Карпош, Струмица и други.Градежниот хаос е една од повеќето причини поради кои Комитетот за светско наследство на УНЕСКО предупреди дека Охрид може да биде отстранет од листата на светската организација. Владата пред четири месеци свечено објави дека статусот на Охрид како град на УНЕСКО веќе не е загрозен, затоа што таа се откажала од проектите на претходната влада/власт?, како експресниот пат до Пештани и скијачкиот центар на Галичица.

Активистите за заштита на Охрид и на езерото уште тогаш предупредија дека овој став на Владата е избрзан, а оттогаш постојано бараат од неа да го исполни и остатокот од долгата листа задачи што УНЕСКО ѝ ги испорача на државата. Меѓу нив е и барањето за целосен мораториум за градба, кое, како што велат, не се почитува.

Неславен натпревар со Чаир, Карпош и со Куманово

Има многу работа за да се задржи статусот на град на УНЕСКО | Фото: БИРН

Податоците што Заводот за статистика ги објави минатата недела покажуваат дека во Охрид во 2017 година биле регистрирани 68 дивоградби, повеќе од која било друга општина во земјата. Во 2016 година рекордот бил 99 бесправни објекти, и повторно го држел Охрид, исто како и во 2014 година, кога според статистичките податоци оваа општина регистрирала 109 дивоградби.

Пред една деценија бројот на дивоизградени објекти исто така бил висок во Охрид, на пример 100 во 2010 и 154 во 2009 година, но тогаш Чаир бил убедлив победник со 157, односно 203 случаи. Во 2012 и 2013 година титулата на Охрид му ја одзел Карпош, а во 2015 – Куманово.

Најголем број од дивоградбите во Охрид од 2011 до 2017 година биле времени објекти, вкупно 121. Но во овој период биле евидентирани и 60 бесправно изградени станбени објекти, 25 деловни објекти и 57 доградби и надградби.

Истите години во општината Струга бројот на регистрирани дивоградби се движел од 19 до 43, што е некаде на средината на табелата, покажуваат податоците од Заводот за статистика.

Историја на уништувањето од 1998 година

Сателитски снимки ја покажуваат градежната експанзија околу езерото | Фото: Google Earth

Охрид и езерото се на листата на УНЕСКО од 1979 година како комбинирано светско наследство (и природно и културно), една од само 35 такви локации во светот и седум во Европа.

Уште по првата мисија за процена што во 1998 година ја направил тим од УНЕСКО и од неговите советодавни тела ИКОМОС и ИУЦН, било заклучено дека вредностите поради кои регионот бил ставен на листата на светско наследство биле нарушени. Овој тим оценил дека во 1979 година Охрид и Струга биле добро зачувани стари градови во речиси недопрена природа, но дека тоа многу се сменило.

„Огромното зголемување на градежните активности и на населувањето сериозно ја сменило првичната рамнотежа на регионот. На пример градот Струга се зголемил за десет нови населби“, стои во извештајот од пред две децении.

Тимот на УНЕСКО оценил дека иако властите вложуваат голем труд за да ги заштитат природното и културното наследство, економскиот и демографскиот притисок претставуваат голема закана. Тој дал препораки да се изготват планови за управување со регионот, за тој подобро да се заштити.

Колку тоа е исполнето покажуваат историските сателитски снимки на Гугл, на кои се гледа дека од 2002 година до денес постојано се зголемувал бројот на градбите покрај езерото, што е особено забележливо во реоните на Студенчишта, Лагадин и Струга. Освен тоа, со законски измени што во 2015 ги иницираше охридскиот пратеник Александар Николовски, им се овозможи на сопствениците на дивоградби во заштитениот појас од 50 метри покрај езерото да ги легализираат без проценка за влијанието врз животната средина. Но тоа важи само за куќите за семејно домување. Аргументот беше дека тие стоеле таму по повеќе од 30 години.

Општината Охрид знае дека ќе мора да го реши урбанистичкиот хаос. Задачата што таа ја има според препораките на УНЕСКО е да донесе урбанистички планови за 19 урбани целини во старото градско јадро и дополнително да изработи планови за целото крајбрежје.

„Не е прашање дали ќе можеме да го спроведеме тоа, бидејќи ќе мораме. Сепак, станува збор за голема обврска и ние побаравме помош од Министерството за транспорт и врски. Тешко е сето тоа да се исполни за една година, но важно е да покажеме видлив напредок до следниот извештај“, вели Антонио Гавриловски од Општина Охрид.

Непочнатото запрено, но пругата не може да се мрдне

Студенчишкото блато е клучно за зачувување на езерото | Фото: БИРН

Извештаите на УНЕСКО се менуваа, па преминаа од тоа дека „Владата прави напори да го заштити регионот, но притисокот на населението е преголем“, на тоа дека токму Владата е таа што ги загрозува вредностите поради кои Охрид и езерото се прогласени за светско наследство. Тоа се навести со неуспешната авантура на Субрата Рој за хотел на вода, а влезе во официјалните дописи со изградбата на комплексот на Плаошник и со откривањето на плановите за изградба на експресен пат од Охрид до Пештани и за скијачки центар на Галичица.

Токму скијачкиот центар и експресниот пат беа причина прашањето за Охрид да се разгледува на двете последни годишни сесии на Комитетот за светско наследство, во Истанбул и во Краков, од каде што стигна долгиот список задачи.

Веднаш се исполни тоа што беше најлесно – сегашната Влада ги откажа плановите за изградба на патот и на зимскиот центар. Владата исто така се задолжи да ја ревидира техничката документација за автопатската делница од Требеништа до Струга, која е дел од проектот за автопатот Кичево-Охрид. Патот во овој дел поминува многу блиску до езерото.

За една од препораките Владата на УНЕСКО му одговори дека не може да ја исполни, а тоа е итно да почне да бара алтернативна рута за пругата Кичево-Лин, која е дел од коридорот 8 и треба да ги поврзува Македонија и Албанија. Станува збор за проект замислен одамна, за кој се подготвува документација со помош на Европската унија. Светската организација бара оваа пруга да не поминува во близина на езерскиот брег, затоа што пограничната област била една од најзачуваните на целото езеро.

Но, во Владиниот одговор се вели дека рутата не може да се смени, бидејќи нема теренски услови, односно пругата би била премногу стрмна ако поминува по некоја друга патека. Освен тоа, бидејќи трасата е договорена со меѓудржавен договор со Албанија, за какви било измени ќе мора да се праша и албанската страна. Од Владата сметаат дека со соодветни планови за контрола на бучавата, ерозијата, отпадот, ризикот од излевање опасни материи и од пожари, проектот ќе може да се спроведе.

И Музејот на вода е потенцијален проблем

Ќе се испитуваат материјалите користени за премачкување на столбовите | Фото: Музеј Охрид

Музејот на вода во Градиште, кој го направи претходната влада пред 10 години, исто така предизвикува загриженост кај УНЕСКО. Бидејќи дрвените столбови на кои е поставена платформата морале да се премачкаат со хемикалии за да не се оштетуваат во водата, светската организација е загрижена за тоа какви последици ова може да има врз рибите што се мрестат под колибите. Во одговорот од македонските власти се вели дека за ова уште при изградбата била направена студија според која проектот нема значајно влијание врз околината. Сепак, Хидробиолошкиот завод од Охрид ќе биде задолжен за да ја испита водата на ова место.

„Досега не сме ја имале таа задача, а сега го чекаме задолжението од Комисијата за УНЕСКО и ќе извршиме физичко-хемиска и биолошка анализа на водата во тој реон. Однапред не можеме да кажеме дали има штетно влијание или не“, вели Елизабета Вељаноска Сарафилоска, директорка на Хидробиолошкиот завод.

Друга обврска е дека, како и секаде во државата, треба да се воведе интегрирано управување со отпад, односно да се направи регионален центар каде што отпадот ќе се собира, селектира и рециклира. Во југозападниот регион овој процес е закочен, бидејќи градоначалниците се во остра кавга кај кого да не биде регионалната депонија. Според планот таа треба да се направи во Дебарца, но нејзините жители на референдум се изјаснија против таа одлука.

„Постои национална стратегија за управување со отпад и веруваме дека заедно со Владата ќе најдеме решение за овој проблем“, вели Антонио Гавриловски од Општина Охрид.

Меѓу другите задолженија, останува и обврската реката Сатеска да се врати во старото корито и да се пренасочи директно кон Црн Дрим, наместо да се влева во езерото, бидејќи е еден од неговите најголеми загадувачи со талог, фосфор и азот.

Поради сите овие причини, охридските активисти постојано ја прозиваат Владата дека избрзала со заклучокотдека веќе не постои опасност охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство.

„Трајното зачувување на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион е сложен процес. Тој не се состои само од откажување од планирани патишта, ресорти и други мегапроекти. Тоа е долготраен процес кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност кои мора да се изградат на сите нивоа“, велат од „Охрид СОС“.

Владините претставници, пак, на тоа одговараат дека со тоа што се зафатиле да ги решаваат проблемите, наместо да ги зголемуваат, и што се обврзале на целосна соработка со УНЕСКО за охридскиот регион, придонеле за да се заштити статусот.