Вести

Апелација потврди: Притвор за Сеад Кочан

Протести пред судот за слобода на Сеад Кочан | Фото: ТВ Нова

Апелацискиот суд во Скопје потврди дека бизнисменот Сеад Кочан треба да оди во притвор поради опасност од бегство. Советот од тројца судии, Лилјана Ивановска Шопова, Јани Нича и Африм Фидани одлучиле делумно да ја прифатат жалбата на адвокатот на Кочан, Никола Додевски, па ги отфрлиле двете други мерки поради кои се бараше притвор за него – влијание на сведоци и можност за повторување на делото. 

„Решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје I Скопје со кое против осомничениот е определена мерка притвор е потврдено по однос на околноста опасност од бегство. Истовремено советот одлучи дека останатите причини поради кои била определена мерка притвор не се исполнети“, се вели во соопштението на судот.

Ова значи дека мерката притвор за Кочан е правосилна и треба да се изврши откако странките и официјално ќе го добијат решението. 

Одлуката беше донесена и покрај предупредувањата на ВМРО ДПМНЕ до судиите “дека не смеат да подлегнат под притисок и незаконски да потврдат притвор.” Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека истрагата за Кочан е обид за замолчување на ТВ Нова.

На соопшението одговори и СДСМ со тврдење дека ВМРО-ДПМНЕ застанува во заштита на Кочан. Со одговор се јави и Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое демантираше било каква поврзаност меѓу нив и социјадемократите.

„СЈО е формирано со Закон за кој во Собранието гласаа вкупно 111 пратеници, вклучително и пратениците од партијата ВМРО-ДПМНЕ“, потсетуваат од СЈО.

Пред Апелацискиот суд, непосредно пред да биде објавена одлуката, се одржа протест за поддршка на Кочан со транспаренти „Заев преку СЈО ги убива медиумите“, а се скандираше „Слобода за Сеад“. Меѓу присутните имаше работници со елеци „Трансмет“, преставници на Бошњачката заедница и вработени во телевизијата Нова, која што е во сопственост на Кочан.

„Ако на некој не му се допаѓа како известуваме за Катица Јанева и СЈО, тоа не значи дека треба да следува реванш. Ние и понатаму критички ќе известуваме за СЈО“, рече главната уредничка Билјана Василева Трендафилова, додавајќи дека „телевизијата Нова била трн во око на Заев и на СЈО“.

Кои се судиите кои одлучуваа за притворот на Кочан?

Тројцата судии утврдиле дека мерката притвор е основана поради опасноста од бегство

Со Советот од тројца судии раководеше претседателката на Апелацискиот суд, Лилјана Ивановска Шопова која функцијата ја презеде во ноември 2015 година, откако година и пол претходно раководеше со судот како в.д. претседател.

Шопова е позната по тоа што го водеше случајот „Шпион“ а во еден наврат одлучи битолскиот градоначалник Владимир Талевски да остане во куќен притвор за случајот „Транспортер“. Апелација тогаш ја одби жалбата на Талевски кој бараше да биде ослободен додека трае кривичната постапка.

Шопова го одби барањето на СЈО за изземање на судијката Лилјана Петровска која се споменува во бомбите (во врска со „сваровски“ судството). Специјалните обвинители бараа да се изземе за да има непристрасно судење за првото обвинение што беше поднесено.

Судијата Јани Нича, пак, беше во советот на Кривичниот суд кога на битолскиот градоначалник Владимир Талевски му беше изречена мерка домашен притвор за случајот „Транспортер“. Истиот судија, подоцна премина во Апелацискиот суд и во септември минатата година како дел од советот, одлучи на битолскиот градоначалник да му се укине мерката домашен притвор.

На јавната расправа за притворот на Кочан на која заседаваа тројцата судии присуствуваа голем број новинари, а фотографирањето на судиите беше забрането. Адвокатот на Кочан, Никола Додевски повеќе од еден час објаснуваше зошто притворот за Кочан е неоснован и упорно тврдеше дека тој не е во бегство, туку на службен пат.

Адвокатот Никола Додевски и неговиот тим тврдеа дека притворот за Кочан е неоснован и е атак врз слободата на медиумите

Додевски постојано го нарекуваше својот клиент како „сопственик на телевизија,“ а не како овластено лице на „Трансмет“, функција за која во случајот „Труст“ на СЈО, Кочан се сомничи за злоупотреба на службената положба односно дека со лажна документација добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од над 17 милиони евра.

„Зошто бараат притвор само за него, а не и за останатите? Бараат притвор за сопственик на медиум и тоа според Конвенцијата за заштита на човековите права го нарушува правото на слободно информирање. Нема друго објаснување зошто бараат притвор“, рече Додевски.

Тој додаде дека „не го интересира тоа што некој (мислејќи на советот при Кривичниот суд кој му одреди притвор на Кочан) напишал дека жалбата не го одложува извршувањето на мерката.

„Вие сте тука да го исправите тоа. Кочан не може да е во бегство со неправосилно решение“, им рече Додевски на тројцата судии, алудирајќи на тоа дека одлуката за притвор не стапува во сила сè додека не се произнесе второстепениот суд.

Наспроти Додевски, кој говореше повеќе од еден час, Гаврил Бубевски, обвинителот од СЈО своето образложение го даде во 5 минути.

„Сеад Кочан избега и 7-8 дена не се јавил и не се знае каде е. Кога осомничениот е во бегство, првостепеното решение за притвор е веднаш извршно. Ајде тогаш, пуштете еден сериски убиец и оставете го 48 часа додека да одлучи Апелација, нека си дозаврши работа, па после ставете го во притвор“, рече тој.

СЈО на 28 февруари годинава отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „ВАТО“за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Според СЈО, ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат имотна корист од над 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.