Порталот и неделникот „Република“ добија нов газда. Фирмата со седиште во Белизе, „Иресине Лимитед“ излезе од сопствеништвото на „Република“ и сега сопственик и директор е лицето Доне Доневски.
Доневски и досега беше директор на провладиниот медиум „Република“, но за него јавноста малку е запознаена. Во телефонски разговор, тој потврди дека е новиот газда на медиумот, но ни рече сите останати прашања околу сопствеништвото да ги пратиме по електронска пошта. Тој не ни одговори на прашањата што му ги испративме, а подоцна не одговараше ниту на телефонските повици.
Оттаму, неизвесно останува од кого Доневски го купил медиумот, кога фирмата „Иресине лимитед“ е лоцирана на Белизе, каде што сопствеништвото е скриено. Не е позната ниту сумата на купопродажбата.
Адресата во Белизе води кон познати бизнисмени блиски до власта
Република работи со загуба
Според податоците од Централниот регистар, „Република“ има големи приходи, но и расходи. Во 2013 година, приходите што ги остварил медиумот изнесувале над 600 илјади евра, додека во 2014 година, околу 400 илјади евра.
Минатата година, приходите на медиумот паднале на околу 300 илјади евра, а расходите изнесувале 390 илјади евра.
Неделникот и порталот „Република“ беа едни од првите кои во јавноста се поврзаа со Белизе и со криењето на сопствеништвото во оф-шор држави. Сепак, преку адресата на која беше лоцирана „Иресине лимитед“ (основачот на Прва Република ДООЕЛ), може да се дојде до други фирми поврзани со бивши и актуелни политичари и бизнисмени.
На адресата во Белизе сити (каде што беше лоцирано сопствеништвото на „Република“), на 1 ½ „Мајлс нортен хајвеј“ е регистрирана уште една компанија која инвестираше во Македонија. Станува збор за фирмата „Базики лимитед“ која до 2012 година беше сопственик на фирмата „Искра ММ“, подоцна преименувана во „Комплекс Александрија ДООЕЛ“.
Преку многуте промени на сопствеништвата во оф-шор држави, сега актуелен сопственик на Александрија ДООЕЛ (од јануари 2016) е земјоделскиот комбинат Пелагонија АД Битола. Како членови на неизвршниот одбор на директори во ЗК Пелагонија се јавуваат бизнисменот Орце Камчев, заедно со директорот на оф-шор компанијата „Ексико“ – Тодор Мирчевски, како и бизнисменот Цветан Панделески, татко на Дејан Панделески, кумашинот на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Порталот и неделникот „Република“ и порталот „Нетпрес“, два медиума кои важат за блиски до владејачките структури и за гласноговорници на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, ја криеја сопственоста во оф-шор држави.
Сопствеништвото на Република се криеше на Белизе, додека она на „Нетпрес“, преку фирмата „Финзи“, се крие во Албани, САД. Директорот на „Финзи“, Коста Крпач, кој беше сведок во Специјалното јавно обвинителство, во април годинава се самоуби во својот дом во Скопје. Оттогаш, не е назначен нов директор на оваа фирма, бидејќи за да се направи тоа, треба да се појават и потпишат вистинските газди на оф-шор компанијата „Финзи ЛЛЦ“ од САД.