Регион

БиХ: Поднесено обвинение за убиство на 45 цивили

БиХ: Поднесено обвинение за убиство на 45 цивили

Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинение против девет лица, за учество во нападот на селото Новосеоци, општина Соколац, од 21 до 22 септември 1992 година, кога биле убиени 45 бошњачки цивили.

Милан Тупајиќ, Драгомир Обрадовиќ наречен Драган, Момчило Пајиќ наречен Паја, Алекса Гордиќ наречен Ацо, Миладин Гашевиќ наречен Ќирко, Момир Кезуновиќ наречен Кеза, Бранислав Кезуновиќ наречен Мики, Жеjко Гашевиќ наречен Гашо и Јадранко Шука, се обвинети за злосторствата во Новосеоци.

Тие се товарат за учество во заеднички злосторнички потфат и напад врз селото Новосеоци, како официјални лица на цивилната власт и команданти и припадници на 2-та романска моторизирана бригада на Војската на Република Српска.

Кога силите влегле во селото, наводно била убиена една постара жена, а потоа биле погубени 44 мажи и момчиња, од кои најмладиот имал 14 години.

„Нападот врз селото Новосеоци се случил на 21-22 септември 1992 година, кога при влез на војската во селото била убиена старицата Д.К. По ова,  жените и децата биле одвоени од мажите, за жените и децата да бидат поведени во автобус, со цел да бидат транспортирани во Сараево“, се вели во соопштението на обвинителството.

Според обвинителството, Тупајиќ и останатите, заедно со други војници, ги превезле заробените мажи, Бошњаци, со воени камиони до депонијата на Иван поље кај Соколац, каде ги убиле со автоматско оружје. Еден од членовите на ВРС, во секој преживеан, испукал по еден куршум.

„На тоа место биле убиени 44 цивили, вклучувајќи голем број стари лица, најмладата жртва имала 14, а најстарата 85 години. За време на ексхумацијата на жртвите, во 2000 година, беа пронајдени останки на 43 лица, како и голем број зрна и куршуми во телата на убиените жртви, што ја докажува суровоста на убиствата“, соопшти Обвинителството.

Локалните жители, како што се наведува, претходно го предале оружјето и им ја изразиле својата лојалност на локалните власти во Соколац.

По убиствата, на 30 септември 1992 година, џамијата во Новосеоци била урната, а нејзините остатоци фрлени во депонијата каде што жртвите биле погубени.

Во обвинението се наведува дека жртвите биле убиени во рамките на широко распространет и систематски напад на Територијалната одбрана (ТО), ВРС и полицијата, врз бошњачкото цивилно население во областа на Соколац и околните области.

Обвинителството, како што се додава, за злосторствата во Новосеоци спроведува истрага и против осомничениот, Радислав Крстиќ.

Тој, како поранешен командант на Дринскиот корпус на ВРС, беше осуден од Хашкиот трибунал на 35 години затвор, за геноцидот извршен во јули 1995 година во Сребреница.

Обвинителството најави дека се започнати активности, кои вклучуваат лоцирање и екстрадирање на уште еден осомничен, кој моментално живее во Канада.

Обвинението е проследено до Судот на БиХ на потврда.