Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, изрази незадоволство, откако Министерството за одбрана на БиХ, побара толкување за правото на претседателот на Република Српска (РС), да им се обрати на припадниците на вооружените сили на оваа држава.
Пишува: Даниел Ковачевиќ, Бања Лука
Младен Иваниќ, српски член на Претседателството на БиХ, во средата изјави дека правото на политичкиот лидер на босанските Срби, да им се обрати на српските припадници на вооружените сили на БиХ, не е спорно.
Реакцијата на Иваниќ доаѓа откако Министерството за одбрана на БиХ, од Претседателството побара изјаснување во врска со планираното обраќање на претседателот на РС, Милорад Додик, кон припадниците на Третиот пешадиски полк, за време на прославата на Денот на Третиот пешадиски полк на 12 мај.
Овој полк беше формиран од редовите на сега веќе расформираната Војска на Република Српска (ВРС) и во најголем дел тој е составен од војници кои доаѓаат од овој ентитет.
„Не го разбирам значењето на ставањето под знак прашалник на работите што нормално одеа од формирањето на вооружените сили“, рече Иваниќ.
Тој посочи дека претседателот на РС „мора да има право да им се обрати на војниците кои ја продолжуваат традицијата на ВРС“.
Министерството за одбрана го одобри планот за одбележување на Денот на Третиот пешадиски полк, вклучително и планираниот говор на Додик, но за ова бара мислење и од членовите на Претседателството.
„Имајќи ги предвид уставните и законски надлежности на Претседателството на Босна и Херцеговина во вршењето на врховната командна контрола над вооружените сили на БиХ и фактот дека се работи за специфична воена церемонија, како и фактот дека со протоколот за церемонијата се бара обраќање на лице кое не е во синџирот на команда и контрола над вооружените сили на БиХ, молиме за став на Претседателството на Босна и Херцеговина“, стои во дописот на Министерството за одбрана.
Некои веруваат дека планираното обраќање на Додик е проблематично прашање, бидејќи тој нема надлежност над вооружените сили, ниту пак е дел од синџирот на команда, но и поради тоа што Додик, во повеќе наврати, го доведе во прашање постоењето на Босна и Херцеговина како држава и ја оспори легитимноста на нејзините институции.
„Очигледно, вооружените сили на БиХ не се вооружени сили на сите во Босна и Херцеговина“, изјави Додик за медиумите во средата.
Дописот на Министерството доаѓа по спорот во јануари, до кој дојде кога припадниците на Третиот пешадиски полк, беа построени во Бања Лука, за време на прославата на Денот на РС на 9 јануари, чие одбележување на овој датум, Уставниот суд на БиХ го прогласи за неуставно.
По прославата, бошњачките и српските политичари се расправаа околу тоа дали рапортирањето на припадниците на Третиот пешадиски полк, пред српскиот член на Претседателството, значело дека овие војници учествувале во спорната прослава или не.
Сепак, Третиот пешадиски полк, не учествуваше во парадата во Бања Лука, која се одржа по постројувањето.
Експертите сметаат дека Министерството побарало мислење од Претседателството, бидејќи Денот на Третиот пешадиски полк се прославува кога и Денот на ВРС, која беше формирана на 12 мај 1992 година, и постоеше сѐ до 1 јануари 2006 година, кога беше интегрирана во вооружените сили на Босна и Херцеговина.
Додик во средата рече дека РС во иднина ќе го прославува наследството на ВРС одделно од Денот на Третиот пешадиски полк, на 12 мај.
„Не барам никаква милостина, особено не од државното ниво на БиХ. Во иднина, Денот на ВРС ќе го одбележуваме на посебен начин, надвор од касарните“, рече тој.