Првата награда беше доделена на Борис Георгиевски за текстовите во рамките на серијалот на БИРН „Досие Телеком“, а втората за истражувањето и базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“. Новинарката на ТВ Телма, Билјана Николовска е најдобар млад истражувачки новинар
Новинарот Борис Георгиевски, автор на серија истражувања во рамките на циклусот на БИРН „Досие Телеком“ објавени на Призма, е добитник на првата награда на Европската Унија за истражувачко новинарство за 2015 година. БИРН ја доби и втората награда со истражувањето и базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“. Годинава за првпат се додели и наградата за најдобар млад истражувачки новинар, која ја понесе Билјана Николовска, новинарка на ТВ Телма за серијалот „Од невработени до затвореници: Како системот амнестираше 15 илјади здравствени осигуреници“.
Во рамките првонаграденото истражување, серијалот „Досие Телеком“, се обработуваат резултатите од обемниот доказен материјал кој е дел од постапката што пред судот во Њујорк се води против поранешните водечки луѓе на Маѓар телеком обвинети за поткупување на владини функционери во Македонија. Истражувањето фрли нова светлина на процесот на приватизацијата на Македонски Телекомуникации и на случувањата кои му претходеле.
„Скопје 2014 под лупа“ е обемно истражување кое има за цел да овозможи увид во трошењето на јавни пари за контраверзното менување на ликот на Скопје.
Основата на истражувањето е интерактивната онлајн база на податоци „Скопје 2014 под лупа“ која ги содржи сите договори, набавки, имиња на фирми и автори како и инвеститори од проектот и ја утврдува крајната цена на проектот Скопје 2014. Базата [http://skopje2014.prizma.birn.eu.com/], која е достапна на македонски и на англиски јазик, покрај сумираните податоци, овозможува едноставно вкрстување на податоците од страна на корисникот со цел да се прават длабински истражувања на трошењето на јавните пари за проектот.
Истражувачкиот проект „Скопје 2014 под лупа“ годинава ја доби и престижната награда за истражувачко новинарство „Никола Младенов“.
Погледнете го обраќањето на првонаградениот новинар Борис Георгиевски: