Регион

Државната безбедност на Србија „инволвирана во убиството на Ќурувија“

Поранешниот шеф на тимот на полицијата, што спровел истрага за убиството на опозицискиот новинар, Славко Ќурувија, извршено во 1999 година, пред Специјалниот суд во Белград изјави дека истрагата заклучила оти Државната безбедност (ДБ) на Србија, била вклучена во убиството.
Пишува: Миливоје Пантовиќ / Белград

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Славко Ќурувија. Фото: Фондација „Славко Ќурувија“

Поранешниот шеф на полицискиот истражен тим, Драган Карлеуша, пред судот во Белград во петокот изјави дека ДБ го следела опозицискиот новинар, Славко Ќурувија, но дека надгледувањето запрело само неколку часа пред неговото убиство, што укажува дека ДБ била вмешана во убиството, извршено во април 1999 година.

„Сѐ укажуваше на државната безбедност, така што ја водевме истрагата во оваа насока. Исто така, забележавме дека дел од добиените информации ни беа подметнати, за да не одвлечат од правиот пат и за да ни одземат време“, рече Карлеуша.

Додаде дека освен видливиот „потпис“ на ДБ, полицијата добила информација дека автомобил паркиран во близина на местото на злосторството, имал таблички на ДБ.

„Со овој автомобил на местото на настанот, лоциравме членови на ДБ кои беа на местото на настанот. Автомобилот му беше даден на (обвинетиот) Ратко Ромиќ“, рече Карлеуша.

Според обвинението, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на ДБ го поддржал злосторството, додека тројца припадници на ДБ, Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организацијата и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник.

Тројцата обвинети членови на ДБ изјавија дека не се виновни, додека обвинетиот Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментално отслужува казна од 40 години затвор за убиство на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ и за други кривични дела, а Ромиќ и Радоњиќ во септември беа ослободени од обвинението за обид за убиство на Вук Драшковиќ, лидер на опозициска партија, извршен во 2000 година.

За време на неговото сведочење, Карлеуша рече дека информациите оти Ќурувија го убил Лука Пејовиќ, припадник на единицата за специјални операции на Министерството за внатрешни работи, биле подметнати.

„Добивме информации дека Лука Пејовиќ е убиецот, но во текот на истрагата, по проверката, сѐ беше отфрлено. Тој едноставно не беше од тој ’калибар’ за оваа работа“, рече Карлеуша.

Пејовиќ во 2000 година во Белград беше убиен од непознат напаѓач.

Ќурувија беше убиен во грб со 17 истрели, пред зградата каде што живееше во Белград, убиство за кое неговото семејство и поранешните колеги веруваат дека било мотивирано од опозицискиот став на новинарот.

Ќурувија беше отворен критичар на Милошевиќ и отворено го обвинуваше за воени злосторства и репресивно владеење.

Неколку поранешни високи припадници на службата за ДБ досега сведочеа на ова судење. И покрај различните изјави, повеќето од нив се согласија дека Ќурувија бил убиен неколку минути по повлекувањето на наредбата за повлекување на лицата што го следеле.

Тие рекоа дека ДБ го следела Ќурувија во 1999 година, бидејќи го сметала за непријател на режимот на Милошевиќ.

Од друга страна, белградски „Инсајдер“, во петокот објави дека Апелацискиот суд му наложил на Специјалниот суд во Белград, пред кој се суди случајот „Ќурувија“, повторно да одлучи и јасно да ја објасни одлуката за притвор на Радоњиќ и Ромиќ, на кои им се суди за убиство на овој новинар.

Портпаролката на Апелацискиот суд за „Инсајдер“ изјави дека судот ја уважил жалбата на бранителот на Ромиќ и Радоњиќ, на кои Специјалниот суд на 17 октомври им го продолжи притворот за 60 дена.