Вести

Двајца судии поднесоа оставки од Судскиот совет

Судски совет | Фото: БИРН

Додека претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, и уште двајца членови, попладнево пред полната сала со новинари говореа за два проблема со кои се соочува Советот, во архивата на ова тело стигнаа две оставки.

Едната од апелацискиот судија Зоран Герасимовски и другата од врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова.

Портпаролката на Советот, Гордана Дувњак потврди дека оставките се поднесени денеска.

Герасимовски, за БИРН, рече дека нема да ја коментира оставката, но дека Советот како тело е „нефункционално“ и дека постои „огромна нетрпеливост“ што не може да се надмине.

Судијката Радевска-Стефкова не одговори на нашите барања за коментар. Таа, заедно со Герасимовски, е член на Советот нецели осум месеци, а избрани се, со гласови на судиите, со мандат од по шест години.

Додека траеше брифингот на Георгиев оставките „патувале“ во архивата | Фото: БИРН

Судиите Герасимовски и Радевска-Стефкова гласаа против одлуката за незаконското разрешување на Дамева од претседателската функција.

Овој епилог следува по едномесечниот јавен судир меѓу две неформални крила во рамките на Советот.

Сè почна да станува видливо на 26 април, со брзопотезното разрешување на поранешната претседателка Весна Дамева. Таа поднесе и тужба до Управниот суд и кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување до Скопското обвинителство.

На тоа следуваа седници без присуство на јавноста, на која Дамева беше повторно разрешена, па со мнозинство гласови беше избран нов претседател, Сашко Георгиев.

Но, изборот на Георгиев не ги запре скандалозните изјави и однесувања, кои се претворија во лична пресметка меѓу двете фракции. Дотаму што во интервју, холандскиот амбасадор Јан Коп го оцени ова тело што избира, унапредува и разрешува судии како нелегитимно.  Коп, меѓу другото, рече дека поради состојбите во Советот, Холандија ставила во мирување голем проект.

Осум членови во Советот ги избираа самите судии на непосредно гласање. Тројца членови избира Собранието, а двајца предлага претседателот на државата. Членови без право на глас се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.

За оставките на двајцата членови се очекува да се расправа на првата следна седница на Советот.

Во меѓувреме, обврските на Советот за избор и унапредување судии се ставени во мирување. Се чека Советот да профункционира.