Регион

Фашистички извици на концертот на Томпсон

На концертот на хрватскиот националистички пеач, Марко Перковиќ Томпсон, одржан во Мостар, во знак на поддршка на поранешните функционери на босанските Хрвати, беа скандирани фашистички слогани.

Пишува: Свен Милекиќ, Мостар

[cincopa AYHAL_dEyHBM]

Околу 8.000 луѓе, во четвртокот вечер, на концертот на Томпсон кој се одржа на стадионот на фудбалскиот клуб Зрињски, во Мостар, го скандираа профашистичкиот усташки слоган „За дом спремни“.

Концертот во овој град, кој во голема мера е поделен меѓу Хрватите и Бошњаците, е организиран во знак на поддршка на шестмината поранешни генерали и политичари на босанските Хрвати, лидери на самопрогласената воена Хрватска Република Херцег-Босна, кои пред Хашкиот трибунал чекаат изрекување на конечната пресуда по обвиненија за воени злосторства извршени над Бошњаците, во периодот помеѓу 1992 и 1994 година.

Хашкиот трибунал во 2013 година ги осуди на вкупно 111 години затвор, а нивниот предмет во моментов се наоѓа во жалбена постапка.

На концертот, главно, присуствуваше помлада публика, од 15 до 25 годишна возраст, од цела Босна и Херцеговина, но и од соседна Хрватска.

Најавувачот на концертот изјави дека овој настан е организиран во знак на поддршка на недолжно затворените Хрвати и на „сите неправедно осудени хрватски бранители на ХВО“, Хрватскиот совет на одбраната, вооружените сили на Херцег-Босна.

Пред бината стоеја шест празни столчиња со имињата на шестмината поранешни претставници на Херцег-Босна, Јадранко Прлиќ, Бруно Стојиќ, Слободан Праљко, Миливој Петковиќ, Валентин Ќориќ и Берислав Пусиќ.

Концертот беше отворен со изведба на хрватската химна, која беше отпеана од една девојка, а на концертот настапија и други групи и пеачи, со народни и патриотски песни, од кои голем дел ја славеа Херцег-Босна.

Најголема ѕвезда на концертот беше Томпсон, кој го затвори настанот.

И покрај тоа што не ја отпеа „Чавоглаве“ од 1991 година, која е една од неговите најконтроверзни песни, во која се спомнува усташкиот извик „За дом спремни“, публиката, во неколку наврати, самоиницијативно ја пееше.

„Со овој собир искажавме убавина и љубов. Сакаме да ги охрабриме затворениците, да ги охрабриме нашите бранители и нашиот народ во Херцеговина, Хрватска, Босна…Тоа е пораката на собирот, љубовта“, изјави Томпсон.

„Нашите бранители кои се неправедно процесирани, нека ја почувствуваат силата на љубовта на (оваа) вечерта“, порача Томпсон.

Тој, заедно со останатите, концертот го затвори со песната „Убава си“, во која се слави Херцег-Босна.

Организаторот на концертот, Хрватското народно собрание, односно партиите на босанските Хрвати, како и здружението „ Хрватско срце на надежта“,невладина организација која ги промовира Хрватите во БиХ, им забрани на медиумите да комуницираат со публиката во првите редови. На медиумите им беше забрането и да го напуштат просторот пред бината, кој беше резервиран за нив.

На концертот беа запалени неколку факели, а полицијата извести дека немало инциденти, при тоа не спомнувајќи го скандирањето на извикот „За дом спремни“. Некои посетители носеа маици од ХОС, паравоени хрватски одбрамбени сили, на кои се наоѓаше и нивниот грб со натписот „За дом спремни“, лого кое хрватската држава официјално го призна.

Неколку невладини организации и некои политички партии побараа концертот да се забрани, повикувајќи се на фактот дека концертите на Томпсон се забранети во Европа, затоа што тој се поврзува со усташкиот режим и со славење на Херцег-Босна, но властите на Мостар ја отфрлија оваа иницијатива.

Во 2009 година, со изведбата на песните „Јасеновац“ и „Градишка стара” (имиња на усташки логори), во кои се слават усташите, предизвикаа незадоволство во Хрватска и во регионот.

На концертот на Томпсон, одржан во 2015 година, по повод прославата на 20 годишнината од хрватската воена операција „Бура“ од 1995 година, беа присутни околу 80.000 луѓе, од кои многумина извикуваа „Убиј го Србинот“ и „За дом спремни“.

Објавено и на Балканска транзициска правда