Регион

Фотографии од логорот Јасеновац кои говорат за повоената реалност

Колекција на фотографии од концентрациониот логор Јасеновац, фотографирани по Втората светска војна, ги оспоруваат неподдржаните тврдења дека комунистите во овој логор убиле голем број затвореници.

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

[cincopa AgFA69d9pfhB]

Во вторникот вечер, во Загреб беше промовирана книга која содржи 758 фотографии направени во концентрациониот логор Јасеновац, помеѓу 1945 и 1947 година.

На фотографиите се гледаат објекти во логорот и селото Јасеновац, уништени од припадниците на усташкото профашистичко движење, кое раководело со овој логор.

Усташите, во април 1945 година, намерно ги уништиле логорот и селото, повлекувајќи се пред налетот на партизанските сили.

Повеќето историчари се согласуваат дека логорот бил уништен за да се прикријат масовните злосторства извршени во него.

Авторот на оваа книга, која првично беше објавена кон крајот на 2016 година, од страна на Меморијалниот центар Јасеновац, е историчарот и кустос во Меморијалниот центар, Ѓорѓе Миховиловиќ.

Тој на едно место ги собира сите фотографии што ги има Меморијалниот центар, и оние од Државниот архив на Хрватска во Загреб, од Архивот на Југославија во Белград и од Aрхивот на Босна и Херцеговина.

Миховиловиќ за БИРН изјави дека фотографиите ги добил од “постојните државни и јавни институции, и дека ниту една не била скриена”.

Тој ги класифицирал и категоризирал фотографиите, создавајќи “еден вид на алатка за другите истражувачи, кои во иднина би сакале да ги анализираат фотографиите, со која би им помогнал да видат што можат внатре да најдат“.

Како што објаснува, во неговата книга има неколку фотографии од уништениот логор, кои, во досега објавените книги, ретко можеле да се видат.

„Ова е најголемиот придонес на оваа книга”, вели тој.

Повеќето од фотографиите се снимени од Југословенската државна комисија за злосторствата на окупаторот и нивните домашни помагачи, додека некои се добиени преку приватни врски, како што е фотографијата на Сергеј Николиќ, чиј татко, Никола Николиќ, го преживеал овој логор.

На презентацијата на книгата, новинарите Саша Косановиќ и Тихомир Понош, и историчарите Наташа Матаушиќ и Милан Радановиќ, ја истакна важноста на книгата во отфрлањето на научно неподдржаните тврдења дека Јасеновац бил работен логор, при што се минимизира бројот на жртви и се наведува дека комунистите помеѓу 1945 и 1951 година, убиле повеќе луѓе од усташите.

Ова тврдење беше поддржано со документарниот филм „Јасеновац – вистината”, од 2016 година, на контроверзниот хрватски режисер, Јаков Седлар.

Матаушиќ укажа дека фотографиите во новата книга покажуваат оти тврдењето, дека концентрациониот логор во Јасеновац го формирале комунистите, откако го победиле усташкиот режим, се невистинити.

“Се согласувам со тоа (дека тука немало комунистички логор), бидејќи овие фотографии докажуваат оти тука логор не можел да постои, затоа што во тој случај, ова место не би им било достапно на цивилите и фотографите … Секој кој знае како да ги прочита фотографиите, од нив ќе може да прочита повеќе отколку во некој текст. Повоен логор не постоел“, рече Матаушиќ.

Според истражувањето на Меморијалниот центар Јасеновац, досега се идентификувани и именувани 83.145 жртви кои настрадале во овој логор – 47.627 Срби, 13.116 Евреи, 16.173 Роми и одреден број на антифашисти, иако оваа бројка и денес не е конечна.