2020-та беше лоша година. Нема како поинаку да се опишат дванаесетте месеци што се веќе зад нас.
Повеќе од две илјади наши сограѓани починаа заразени од корона или како последица од болеста што ја предизвикува вирусот. Илјадници други, со тешки маки и веројатно со сериозни последици, ја прележаа болеста за која ниту македонските, а ниту светските наука и здравство имаа одговор.
Здравствената непогода, како впрочем и секоја поголема криза, ги потенцираше и ги искристализира основните потреби на луѓето, кои неслучајно во повеќето демократски земји се како во камен исклесани во уставите и запишани како права.
Општествата ширум светот повторно почнаа гласно да зборуваат за правото на здравствена заштита, образование, пристоен живот, пристап до информации и за правда.
Овие беа темите со кои и БИРН се занимаваше годинава.
Корозната корона
За науката, непознатиот вирус целосно го смени секојдневниот живот. Поради мерките за лична заштита, многу сфери на човековото живеење запреа, а стопанството функционираше на „лажичка“ колку да преживее, при што „лажичката“ главно се полнеше од државниот буџет, кој и самиот се „тенчи“.
БИРН изработи детални анализи за ефектите на корона-кризата врз круцијалните области од општеството и тие текстови, меѓу другото, ги покажаа со децении нерешаваните проблеми што сега излегоа на површината или се уште поакутни.
Со текстот „Ковид-тест за болното здравство“ ги нотиравме недостатоците на здравството, како што е недостигот од стручен здравствен кадар, поради големиот одлив на лекарите во странство, политички и непотистички мотивираната негативна селекција во здравствената структура, од највисоката до најниската точка, и алармирачки ниското ниво на општото здравје на граѓаните.
Кризата нè потсети и за „придружните болести“ и нашиот образовен процес.
Многу родители ја минаа пролетта работејќи од дома, паралелно играјќи ја улогата на заменски наставници. Оваа уникатна ситуација овозможи тие одблиску да видат кои се учителите на нивните деца. Се отворија прашањата за квалитетот и посветеноста на наставниците и дали општеството доволно го вреднува и го признава нивниот труд.
Потребата учењето да се префрли на интернет, преку компјутери, покажа дека дигитализацијата на нашето образование е слепа улица. Пандемијата ја разголи и тромавоста на државниот апарат, кој не успеа да се подготви и навреме да ја стартува учебната година.
Предмет на анализа ни беше и работата на медиумите во услови на криза, која настапи како последица од мерките за заштита од новиот вирус.
БИРН изработи детални анализи за ефектите на корона-кризата врз круцијалните области од општеството и тие текстови, меѓу другото, ги покажаа со децении нерешаваните проблеми што сега излегоа на површината или се уште поакутни
Укажавме на опасноста дека државната помош, спасувајќи ги медиумите, може да ги доведе во нова економска зависност од политичарите. Од кризава новинарите и редакциите најверојатно ќе излезат „повредени“ и десеткувани, меѓутоа анализата сугерира и дека на долг рок, редукцијата на медиумите во Македонија и не мора да има само негативен ефект.
„Со сосема извесна економска рецесија, со пад на бруто домашниот производ и затворање на стопанските субјекти од чие рекламирање медиумите практично живеат, може да се случи корона вирусот да го направи тоа што ниту една влада и ниту еден состав на регулаторот не се осмели да го направи – да го намали бројот на медиумите“, пишува во текстот „Короната ги активираше сите медиумски коморбидитети“.
Пандемијата јасно ја направи разликата меѓу тоа што се неопходни политики за едно општество да функционира нормално и партиската агенда и политикантството. Во тој контекст е и тезата дека здравствената криза може да доведе до принудно зреење на политичката понуда во Македонија.
Објавивме и обемна анализа за тоа како корона-кризата ги разголи и размножи проблемите во правосудството.
Темата за правосудството годинава ја разработивме од повеќе агли и во детали истраживме за негативните феномени, кои често ја прават правдата недостапна.
Правосудството под лупа
Ја истражувавме врската на обвинителите со политиката и заклучивме дека таа најдобро може да се отслика со „стокхолмскиот синдром“, во кој тие и понатаму се заробени, но развиле емоционална и идентификациска врска со агресорот, па му помагаат во остварувањето на неговите цели.
Со текстот „Стокмени за топ криминал, а гонеле дрога во грамови“ се осврнавме на досегашната работа на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Иако ова обвинителство беше формирано со големи амбиции во 2008 година, најавувано беше како антимафија-тим, кој ќе се занимава и со таканаречениот криминал на „белите јаки“, сепак, тоа не ги оправда очекувањата.
Производ на тоа големо потфрлање беше токму создавањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во 2015 година.
Годинава што измина беше и последната од мандатот на СЈО. Официјалното негово згаснување беше повод да заклучиме дека згаснатото обвинителство не успеа до крај да ја урне тврдината од заробената држава.
„Останува впечатокот дека на ниедна власт не ѝ одговара автономно, силно и независно обвинителство. СЈО, пак, независно од тоа што не успеа да ги преброди партиските сцили и харибди, остана живо сеќавање и архив на поривот за правда, епитаф кој вели ‘се обидовме’“, пишува во нашата анализа „СЈО-реквием на поривот за правда“.
Темата за правосудството годинава ја разработивме од повеќе агли и во детали истраживме за негативните феномени, кои често ја прават правдата недостапна
Отворивме и тема од судството за која малку се знае и ретко се говори, а тоа е работата на поротниците.
Нашето истражување покажа дека судиите-поротници се лесна мета за корупција и за притисоци и она што е уште пострашно – тоа е дека никој не го адресира овој проблем.
Пишувавме и дека притворот до сега често се користел како казна за „обичните“ граѓани и за ситните функционери, додека оние од врвот на пирамидата на политичкиот интерес редовно останувале недопрени, и покрај сериозните сомнежи и обвиненија за нив.
Слични се заклучоците и од нашето истражување наречено „Фотелјата најдобра заштита од решетки“.
Го истражувавме и политичкото помилување како уште еден феномен. Анализата покажа дека секогаш кога биле употребувани, политичките помилувања биле и злоупотребувани.
Годинава ја одбележа и пресудата во прв степен за случајот „Рекет“, во кој беа осудени поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и сопственикот на поранешната телевизија, 1 ТВ, Бојан Јовановски.
Со текстот „Неодговорените прашања“ за „Рекет“ ги апострофиравме сите сегменти од овој скандал што останаа неразјаснети, и покрај неговото судско финале.
Медиуми и лажни вести
БИРН и оваа година продолжи да ги третира темите поврзани со медиумите во Македонија.
Во пресрет на изборите што се случија на 15 јули, анализиравме што направи власта предводена од СДСМ и од ДУИ во делот на медиумските реформи. Насловот на нашиот текст „Три стихијни години за медиумско статус кво“ доволно кажува за нашите заклучоци.
„Македонската радио-телевизија (МРТ), и по три години не е реформирана, високо професионална и независна, спорното буџетско финансирање на мала врата се враќа во приватните медиуми, со изборните кампањи платени од буџетот се поттикнува клиентелистичкиот однос партија-медиум и нема реперкусии за државно спонзорираната пропаганда на поранешната власт, која главно се спроведуваше преку дел од националните телевизии“, стои во анализата.
Посебен акцент дадовме на соработката меѓу медиумите и политичките партии за време на изборниот процес. Нашето истражување откри дека финалната сума што државата ја платила за партиски реклами пред годинешниве избори е три милиони и 190.000 евра.
Преку посебни извештаи информиравме колку пари партиите потрошиле рекламирајќи се на националните телевизии, порталите и на билборди.
За првпат го анализиравме и делот од изборната кампања што се одвиваше на социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер. Нашето истражување покажа дека, и покрај тоа што партиите вложија сериозно внимание и енергија на твитер-кампањи, она што се случува на оваа социјална мрежа сѐ уште не влијае сериозно врз изборните резултати.
Може да се случи корона вирусот да го направи тоа што ниту една влада и ниту еден состав на регулаторот не се осмели да го направи – да го намали бројот на медиумите
Финансирањето на медиумите, исто така, ни беше и годинава во фокусот. Наше истражување откри како се консолидирала унгарската парична поддршка за одредени медиуми во Македонија, блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Појавата на вирусот корона и пандемијата што следуваше ги поттикнаа теориите на заговор што се ширеа со помош на илјадниците лажни вести низ огромниот интернет-простор. Се обидовме да ги разбиеме митовите и теориите на заговор, а го нотиравме и загрижувачкиот факт дека ширењето лажни вести еволуира како што еволуира борбата против нив:
„Како што поминуваше времето, така ‘пораките’ се менуваа. На почетокот се фокусираа на ‘лажноста’ на вирусот и на пандемијата, па на ‘непотребноста’ на маските, карантините, социјалната дистанца и на другите мерки за заштита, а откако науката направи пробив во напорите да најде вакцина, се свртеа кон ‘опасностите’ од вакцинацијата.”
Со текстот „Магарињата летаат, ама ниско“ покажавме дека исто колку лажните вести, штетни се и дезинформациите.
Преку приказната „Медиумите како стечајна маса“ раскажавме како и по кои патишта „патува“ скапата опрема од згаснатите македонски медиуми, а при крајот на годината се посветивме на прашањето што се случува со медиумските архиви, кои се витален дел од општествената меморија.
„Денес во Македонија речиси не може да се најде содржина постара од 4-5 години на веб-страниците на националните телевизии“, се вели во нашето истражување.
Награда и уште истражувања
Во април минатата година, сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“, на новинарот на Балканската истражувачка репортерска мрежа, Владо Апостолов, ја освои првата награда на конкурсот „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2019.
Годинава што измина ја одбележаа, исто така, неколку истражувања.
Нашето истражување „Државата во сценариото за десоросоизација“ трпеливо и студиозно ја разоткрива улогата на државните институции, поточно нивната злоупотреба во партиската пресметка при процесот на детронизирање на ВМРО-ДПМНЕ од децениската власт што резултираше со заробена држава.
Ја отворивме и темата на тајниот бизнис-модел со факултетски дипломи без учење.
Новите 12 месеци ги стартуваме со надеж за некаква минимум нормализација, што за новинарството ќе значи безбедно враќање во редакциите, полесен пристап до институциите и почесто излегување на терен
Истражувавме како и зошто во државава опстојуваат образовни институции, кои издаваат незаслужени дипломи – пракса што нема многу допирни точки со образованието и која, всушност, е коруптивен бизнис од кој страда целиот високообразовен систем и целото општество.
Преку неколку текста покажавме дека, и покрај позитивните законски промени, како што е наметнатата обврска финансиите на партиите да бидат јавно достапни, сепак, партиите тешко се отвораат кон јавноста.
Тестирајќи ја транспарентноста на партиите докажавме дека тие безволно и на „лажичка“ или, пак, воопшто не откриваат информации поврзани со своите пари, иако од лани тоа им е законска обврска.
Проверката на БИРН покажа и дека кај четири од шесте најголеми партии што влегоа во парламентот, годишните финансиски извештаи што им се законска обврска, или ги нема, или не се отвораат на партиските веб-страници.
Работата на новинарите сериозно се усложни годинава.
Стотиците „скајп“ или „зум“ повици тешко ја заменуваа директната интеракција со изворите, која се потпира главно на доверба.
Не беше секогаш лесно да се влезе во институциите за да се побараат одговори на прашањата што ги засегаа граѓаните, а предизвик беше и новинарската работа од терен.
Новите 12 месеци ги стартуваме со надеж за некаква минимум нормализација, што за новинарството ќе значи безбедно враќање во редакциите, полесен пристап до институциите и почесто излегување на терен.