Во Кривичниот суд Скопје 1 во тек е рочиште за насилство во општина Центар за кое се обвинети поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и други. Пред судот се уште врие од камери и новинари, на влезот е огромна гужва. На денешното судење обвинителката Фатиме Фетаи е претставник на СЈО, а судијка е Татјана Михајлова В.Д. претседателка на кривичниот суд.
Утринава Никола Груевски се појавил во 9 и 30 додека Миле Јанакиески и Рангелова пристигнаа подоцна. Во судницата се присутни 14 обвинети и 4 адвокати и Фатиме Фетаи. Во првиот ред седат Груевски, Јанакиески со адвокатите и обвинителката Фетаи. Адвокати се Никола Додевски, Боро Тасевски, Петар Василев и Сања Алексиќ.
Груевски не зборува со никого, не е дозволено да се фотографира и седи со поглед вперен во земја. Тој одби да се фотографира на обвинителна клупа, па фоторепортерите само влегоа и излегоа. Останатите обвинети се во вториот ред, а зад нив се дваесетина новинари кои ја следат седницата.
Во салата не е дозволено да се користат мобилни телефони, освен за експремиерот Груевски и пратеничката Рангелова кои се постојано со некого на линија. Меѓу новинарите се коментира односот на судијката Михајлова која остава впечаток на непријателски настроена кон СЈО откако на прашањето на Фетаи „Што е ова“ ја опомена дека мора да се однесува кон судот со должна почит и да внимава на речникот.
Прашањето на Фетаи доаѓа откако судијката бараше СЈО да се произнесат по доказите. Фатиме Фетаи реагираше дека добила покана за главна расправа „Поканата за денес не се однесува на рочиште за оценување на докази туку за главна расправа јас бев спремна да започнам со главна расправа, а ги наведов и сведоците кои се во голем број. Го известувам судот дека матерјалните докази се во СЈО и не ги носам со себе да се произнесам по нив“ рече Фетаи. По ваквото објаснување судијката рече дека Фетаи требало да ги носи доказите и дека за тоа „не и треба камион“.
Подоцна на прашање на Фетаи дали може да добие збор следуваше кратко не. Во еден момент судијката побара од Фетаи да се приближи по што обвинетите почнаа да се смеат. Фетаи побарала од судијката да реагира на што Михајлова само одговари дека и таа следела како во последниот ред се смеат, па не реагирала, мислејќи на новинарите.
Инаку СЈО побара од судот бидејќи има загрозен сведок да дозволи на посебен начин да учествува во постапката. Барањето на СЈО е сведокот, да сведочи преку видео со изменет изглед и глас бидејќи се плаши за својата безбедност. Додевски, адвокатот на обвинетите не го прифати ова барање со тврдење дека е незаконско. Тој исто така не ги прифаќа ЦД со снимките бидејќи станува збор за незаконски прислушуваи разговори. Кога почна образложението околу снимките новинарите беа исклучени од јавната расправа.