Во седиштето на Европската Унија во Брисел минатата седмица почна прилично оптимистично. Во таканаречениот супер-вторник истовремено две држави, Молдавија и Украина, отворија нови кластери во своите преговори за прием во ЕУ, а други две држави, Албанија и Црна Гора, ги затвораат последните преговарачки кластери. Овој потег се смета за најголемиот импулс по повеќе од две децении застој во проширувањето на Унијата.
Што правевме ние тој супер-вторник, ние кои не толку одамна бевме сместени во пакет со Албанија за влез во Унијата? Што правевме ние, кои наводно се сметаме за европска држава и наводно ги делиме европските вредности? Ние, со пуканките во рака, седиме на замислениот идентитетски тросед и без некој голем интерес го набљудуваме светското првенство на сопствената пропаст.
Европска капитулација
Ако добро го разбрав нашиот премиер Христијан Мицкоски, ние можеме на тој тросед да седиме и со децении, а можеме и вечно, затоа што никогаш нема да прифатиме да потпишеме капитулација. Бидејќи сме принципиелни. И, не знам зошто, всушност знам, ама така се вели, не сум воопшто изненаден од ваквиот тек на мислите на нашиот политички врв. Не сум изненаден зошто премиерот мисли дека е капитулација она што наскоро ќе го направат Црна Гора и Албанија, односно дека ќе капитулираме ако влеземе во клубот на европските земји.
Еве, ги гледаме граѓаните на тие капитулирани и понижени земји како слободно шетаат низ Европа без граници, додека ние достоинствено чекаме ред за бугарски пасоши. Или барем на граничните премини да ни заведат досиеја и да ни го мерат времето во денови и часови на нашиот престој таму.
Конечно, и таа принципиелност не значи ништо друго туку балкански инает на највисоко ниво, кој по правило се одвива во полза на сопствената штета. И ако имавме некои пријатели во светот, сега повеќе ги немаме. Кој светски државник ни дошол во посета? Кој светски државник угостил некој претставник на нашите високи политички власти? Што се случи со периметарот на Трамп? Та, конечно, ние успеавме да бидеме во кавга со сите наши соседи. Освен, можеби со Србија, во која од некои причини гледаме „постар брат“. Изгледа дека сме влезени само периметарот на Александар Вучиќ и на неговиот „српски свет“. И тоа, за среќа, во длабоката негова периферија. На маргините, како што и доликува.
Што се случи со дипломатијата? Што се случи со редефинирањето на таканаречената преговарачка рамка? Ги пречекуваме тука второстепените европски бирократи, кои не доаѓаат да разговараат, туку да ги пренесат пораките од „централата“. Останавме изолирани и неважни за светот и за сите околу нас. Територија која само со добра волја на меѓународната заедница се нарекува држава. И тоа само затоа што светот има значително поважни теми за решавање, отколку да се занимава со достоинството на луѓето што „трчаат“ по бугарски пасоши.
Слушнала ли нашата власт за зборот „компромис“ или не може да достаса до таму од преголемата бучава што самата ја создава со инфлаторното користење на тие „идентитети“ и „достоинства“? Ако се обидете да ги ставите на вага тие наводни идентитети и достоинства и да ги процените последиците за државата, а особено за идните генерации, тогаш веднаш сте стигматизирани како нечиј платеник и предавник на националните интереси. Затоа што само една партија е меродавна да проценува што е национален интерес, а што не е. А националниот интерес, гледај чудо, е само интересот на партијата на власт. Ничии други интереси не влегуваат во тој корпус. Што би се рекло, и корења ќе јадеме и вода со фекалии ќе пиеме, ама капитулација не потпишуваме.
Нема да ги ставиме Бугарите во Уставот. На крајот на краиштата, нема да има ни потреба. Како тргнало, ние сите колективно ќе влеземе во бугарскиот устав. И тоа доброволно. И тоа токму за да имаме трунка достоинство кога ќе се најдеме во далечниот свет.
Племенски политики
Значи, одлуката да не се реализираат веќе прифатените обврски од преговарачката рамка не е плод на никаква политичка идеологија, затоа што тука и не постои политичко обмислување. Ние, едноставно, сме во некое предполитичко доба и не ги фундираме нашите одлуки врз политичките принципи.
Ние работиме врз принципите на патријархатот на едно минорно балканско племе. Тоа отприлика изгледа вака: интересите на племето се интересите на патријархот. Неговата задача и одговорност е да го води племето, затоа што тој е единствен повикан тоа да го прави. Сите што мислат поинаку се непријатели. Племето функционира како корпоративна организација, каде што се знае кому каде му е местото. Не зависи успехот или неуспехот од поединецот и неговите квалитети, туку од неговиот сталеж. Само блиските околу поглаварот се висок сталеж. И тие само нему му го должат својот успех.
Значи, либералната се менува за популистичка држава. Лидерот (во случајов премиерот) се става во улога на татко на нацијата. Улогата на патријархалниот лидер е секогаш нешто да бара (поинаков ангажман од судството и обвинителството, на пример) и да произведува (да кажеме, медиумски кампањи или „народни непријатели“). Според Слободан Благоевиќ, неговата должност кон нацијата или кон целината на „народното тело“ е со неа да владее. На тој начин, лидерот се бори против шизофрената состојба на сопствената свест – го спојува неспојливото, ги укинува судирите на природините интереси во општеството, произведувајќи манијакална национална „целина“.
И уште нешто што е важно за племенското општество – тоа за да опстане се базира на измислени митови, кои полека стануваат фолклор. Нашата племенска држава го создаде тој фамозен идентитески мит. Постои само еден идентитет и државата е тука за да го брани. Никакви други идентитети нема или не се пожелни. За да го создаде тоа фамозно национално единство, морате да бидете опкружени со непријатели. Тоа, едноставно, е кохезионен фактор за секое племе. Бидејќи, евидентно, непријателите немаат што да земат од Македонија (пријателите веќе се погрижија да ги исцрпат ресурсите), тогаш, ете, посегаат по „нашиот“ идентитет. Бидејќи тој е драгоцен и од него ептен ќе се офајдат!
Вториот фолклорен мит е оној за Итар Пејо. Тој функционира како и секој лош виц. На крајот нашиот ќе ги зафркне сите. Важно е да ја турнеме топката меѓу нозете на Европската Унија, а не е важно дека во меѓувреме сме примиле пет голови. Во општествена смисла тоа се нарекува кратковидост. Што се однесува до нас, не е ниту кусогледост во прашање, туку целосно слепило пред големата слика. Не ја гледаме ниту шумата, ниту дрвото.
И? Што правевме ние тој супер-вторник? Што правеше нашата држава? Ќе ви кажам: изврши терористички акт врз своие граѓани во Гостивар. Ги потру со вода загадена со фекалии. Намерно. За да приклучиш пумпи од фекални води во градскиот водовод, тоа не може да биде ништо друго, туку намера.
И ако се прашувате зошто овој текст се вика така како што се вика, одговорот е токму тоа. Ова е текст за македонските племенски фекални води.












