Вести

Имотот на Трансмет: од лозја, пасишта и станови до трговски центар

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Бизнисменот Сеад Кочан, сопственик на Трансмет, е во бегство повеќе од 2 месеци

Лозја, пасишта, градежно земјиште, трговски центар, ресторани, кафулиња, супер маркети, станови, дуќани, ниви и ливади се само дел од имотот на фирмата Трансмет, што беше замрзнат по барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Сопственикот на Трансмет, бизнисменот Сеад Кочан се наоѓа во бегство повеќе од два месеци, откако му беше одреден притвор за случајот „Труст“. Според СЈО, неговата фирма Трансмет, заедно со фирмите Силекс неметали и Вато, во 2011 година, со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ во вредност од над 17 милиони евра.

Во Агенцијата за катастар за недвижности има околу 20 имотни листови кои се водат на името на „Трансмет“. На пример, во местото Бела Вода, Трансмет има пасишта од речиси 60.000 квадратни метри, на местото Тумба Русалија има градежно неизградено земјиште од 7.873 квадратни метри, а најмногу имот има во местото Калуѓерица – нива од 1.690 метри квадратни, градежно неизградено земјиште од 1457 квадрати, пасишта и земјиште од над 1800 квадрати.

Меѓу имотните листови на Трансмет има таков со намена „бензински станици“на површина од над 2000 квадрати во местото Тумба Русалија. 

Фирмата Трансмет во своја сопственост има и два станови. Едниот од над 80 квадратни метри се наоѓа на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, додека другиот, нешто поголем од првиот се наоѓа на добропознатата адреса „Димче Мирчев“ 20, спроти МВР.

Во 2014 година СДСМ објави дека во оваа зграда по еден стан имаат и синовите на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, Орце и Гоце, два стана има семејството на Гордана Јанкулоска, тука живее и бившиот министер за финансии Зоран Ставрески (станот официјално го поседува првиот братучед на Ставрески, Владимир Ефтимоски), потоа мајката на генералниот секретар во Владата, Кирил Божиновски, Иво Павлов, телохранител на Никола Груевски, како и советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Слободанка Алексовска и Бојан Лепитков, сопругот на Соња Лепиткова која работи како државен секретар во Министерството за животна средина.

Освен овој имот, Трансмет поседува огромен имот преку изградбата на новиот трговски центар „Емпорио“ во населбата Ѓорче Петров. Изградбата на овој трговски центар е јавно-приватно партнерство меѓу општината Ѓорче Петров и Трансмет. Според Агенцијата за катастар, тука Трансмет поседува ресторани, кафулиња, супермаркети, деловен простор од илјадници квадратни метри.

Беше најавено дека објектот ќе биде завршен во првата половина на 2017 година, ќе биде на шест надземни и на две подземни нивоа. Во првото, подземно ниво, приземјето и првиот кат ќе биде сместен трговскиот центар, а вториот, третиот, четвртиот и петтиот кат се наменети за деловниот центар.

Изградба на трговскиот центар „Емпорио“ | Фото: веб-страница на Трансмет

Сиот имот што е во сопственост на Трансмет, вклучително и три сметки на компанијата беа замрзнати, по барање на СЈО а со позитивен одговор од судијката на претходна постапка. Оваа мерка се презема во случаи кога државата треба да се осигура дека ќе може да си ја надомести евентуално направената штета или да го одземе противправно стекнатиот имот доколку дојде до судење и осудителна пресуда.

Од СЈО денес соопштија дека имотот на телевизијата Нова (каде што Сеад Кочан е еден од трите сопственици), не е замрзнат, но со оглед на тоа што земјиштето каде што се наоѓа телевизијата е во сопственост на Трансмет, тоа нема да смее да се оттуѓува додека не заврши постапката.