Вести

Иванов му го додели мандатот на Заев

 

Претседателот Ѓорге Иванов му го врачи мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев

Иванов, на доделувањето на мандатот, не кажа ништо повеќе, освен процедуралниот дел дека „коалицијата предводена од СДСМ го предложи Зоран Заев за мандатар на новата Влада“, по што му го додели мандатот. 

Заев се заблагодари како мандатар на новата Влада и изјави дека пречките за составување на на новата Влада се отстранети. Тој ја прочита изјава во форма на гаранција што ја доставил до Иванов, во која меѓу другото се вели дека се гарантира „заштита на унитарноста, независноста, заштита на уставниот поредок и територијалната целина и заштита на државните интереси“. Заев во изјавата тврди дека процесот на носење на одлуките ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото. 

Ваквата одлука следуваше по неколкумесечен политички вакуум, кога Иванов одби да му го даде мандатот на парламентарното мнозинство, поради Платформата потпишана во Тирана, со која, според Иванов, се загрозува унитарниот карактер на државата.

Тој на 1 мај, по средбата со заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји, побара гаранции „за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија”.

По доставените гаранции, Иванов денеска реши да му го врачи мандатот на новиот мандатар.

Заев сега има рок од 20 дена да предложи состав на новата Влада и предлог-програма, а претседателот на Собранието Талат Џафери има рок од 15 дена да свика седница на која ќе се избере новиот состав на Владата.

Заев денеска за српската телевизија Н1 изјави дека до крајот на мај Македонија ќе добие нова реформска влада.