Буда и заблуда

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Добро е што е отстранет споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето. Но, недозволиво е тој да замине „само“ како локациска дивоградба, бесправно поставена од страна на претходната градска власт. „Само“ тоа ли е проблемот? За жал, надвор од ваквиот легалистички пристап, има други, поважни и поголеми причини, зошто Ќосето треба да биде тргнат од јавниот простор.

Дури и да не бил дивоградба, дури и да бил поставен со сите законски одобренија, требаше јасно да се каже зошто тој мора да замине. Да се одржи јавен час, општествена лекција дека количеството потрошена бронза за негова монументализација и одвоената квадратура за постаментот се сосема безначајни во споредба со опасната инструментализација на историјата, со цел преку тој лик да се изгради култура на најцрни пресметки, поделби, одмазди, тензии и погубни национализми.

Токму заради тоа, многу поважно од отстранувањето на споменикот, е отстранувањето на пораките што тој ги рефлектира. А тие не се отстранети. Доказ за тоа е разочарувачкото обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Иако е скандалозно, условно речено, помал проблем е што во жарот на политичка борба потегот на неговите опоненти го изедначи со уништувањето на светско културно наследство од страна на ИСИС и талибанците.

Многу голем проблем е кога тоа го говори еден универзитетски професор, кога со неподнослива леснотија на политичка неодговорност, и со очигледно сомнителни знаење од историјата, ламентира по „личностите кои оставиле трага“. Кога го говори ова, дали Мицкоски навистина знае каква трага оставил Ќосето, освен крвава, во многу случаи братоубиствена, а во еден случај и буквално братоубиствена.

Притоа, Мицкоски уште подемагошки вели дека работа на историчарите е да ја оценуваат и вреднуваат улогата на овие херои. Па, нека ги праша. Еве, неговиот партиски колега, професорот Владо Поповски, во еден ТВ-настап многу јасно го опиша ликот и делото на контроверзниот лик Ќосето, неслучајно, познат под прекарот „Касапот“.

Дали Мицкоски навистина знае каква трага оставил Ќосето, освен крвава, во многу случаи братоубиствена, а во еден случај и буквално братоубиствена

Но, не сум сигурна дека Мицкоски ги прашал историчарите. Барем не оние кои историјата не ја толкуваат преку инструментализирано прилагодување за сомнителните потреби на нечија актуелна политика. Веројатно и затоа лесно ветува дека „ќе дојде ден кога овој споменик ќе биде поставен на местото на коешто заслужува“. Да, заслужува, но на буништето на историјата.

Можеби за Мицкоски не е проблем да издејствува законска локација за споменикот, но со таквата најава себеси се легитимира како личност која лажно се претставува како двигател на какви било промени во партијата, особено на ќосевскиот менталитет кој неа ја доведе на столбот на срамот, откако еклатантно беше манифестиран на 27 април 2017 година во парламентот.

Ако тој менталитет не се промени, што ќе менува Мицкоски? Светилките во Белата палата? Како ќе се промени системот на вредности во општеството, ако новите  генерации се трујат со симболот на ножевите и крвавите елиминации, а не со вредности што спојуваат и го унапредуваат животот?

Затоа, отстранувањето на споменикот не смееше да биде само технички зафат спроведен од градските власти. Тоа мораше да биде комплексен, повеќеслоен чин на јавен час за општествена поука. За жал, можноста да се одржи оваа важна општествена лекција завчера беше пропуштена. Имам разбирање за практичните причини споменикот да биде отстранет ноќе, во време кога нема фреквенција на луѓе и возила, за да не се блокира сообраќајот.

Но, неколкучасовна сообраќајна блокада е многу помала штета, наспроти децениска блокада на државата доколку не се расчисти со политичките манипулации, кои преку вакви квази историски „херои“ се обидуваат да ја вратат општествената текстура на Македонија на практиките во некои  минати времиња, потпрени на Ќосевата стратегија од три збора: заплаши, убиј и владеј!

Единствен од ВМРО-ДПМНЕ кој досега укажа на последиците од слични аспекти, беше Владимир Пешевски, кој преку отворено писмо со кое му се обрати на идниот, тогаш сѐ уште неизбран претседател на партијата.

„Кога сме кај историјата, би те советувал да не го негуваш премногу култот кон методите на ВМРО од почетокот на 20 век. Имам огромна почит за тие патриоти од првите денови на ВМРО, но таквото однесување и борба приличела на тоа време. Денес борбата за Македонија се одвива на поинаков начин. Кога имаме сопствена држава, најдобриот начин да бидеш патриот е да бидеш чесен, исполнителен и професионалец во сопствената работа. Величај ги тие вредности. Ако успееме заеднички да изградиме едно толерантно општество, фокусирано на заедничката иднина, нашите граѓани од сите политички убедувања ќе бидат многу посреќни, отколку ако само нивната политичка опција е на власт во едно несредено општество“, порача Пешевски.

Отстранувањето на споменикот не смееше да биде само технички зафат спроведен од градските власти. Тоа мораше да биде комплексен, повеќеслоен чин на јавен час за општествена поука

Ова е драгоцен совет за партијата, и мудрите сигурно ќе го ценат и применат. Оние кои имаат дефицит на лични способности да ја разберат пораката, ќе продолжуваат да поставуваат прашања од типот: „Која е разликата помеѓу Мула Омар, талибанскиот лидер кој даде наредба за уривање на статуата на Буда и наредбата на СДСМ да се урне споменикот на Ќосето? Која е разликата меѓу Ал Багдади, еден од лидерите на ИСИЛ кој даде наредба за уништување на древната Палмира и наредба на СДСМ за уривање на споменикот на Ќосето? Разлика нема! Целта е рушење на идејата за Македонија со сопствена историја“. За жал, ова се последните пораки од ВМРО-ДПМНЕ.

Тешко на македонската историја, ако се потпира и се гордее на делата на Ќосето, и ако тој треба да биде наш еквивалент на Буда. Очигледно, македонското општество има многу поголеми проблеми од еден промашен и дислоциран споменик. Тоа длабоко допира до сржта на образованието, таму каде што зад параванот на разни кембриџ-експерименти, орото го водат содржини со стереотипи од секаков вид, со толкувања од „историчари“ во политиката и со политички набавки од историјата, со чудни лекции по граѓанско општество во објаснувањата за поимот лојален граѓанин итн.

Ако ваквите содржини не се демонтираат од образовниот систем, тогаш секое ќосе ќе може да биде прогласено за историска вредност, деценискиот национализам ќе си обезбеди нов континуитет, а поделбите и сеењето на патолошка омраза ќе станат дневен благослов „од Буда“ на патот до целосното образовно и културно девастирање на нашата „палмира“…

Ако Владата не ги засука ракавите на овој план, никаква вредност не би имала очекуваната препорака од ЕУ, доколку во општество нема јасна стратегија и акција за вредностите и делата за кои се залагаме.