Да го преживееме и овој економски бум

Колумна на Сашо Кокаланов

Владата најави дека следната 2019 година ќе биде година на економски бум! Ние што читаме стрипови, знаеме што значат звучните ефекти како бум, трас, бенг, ѕвек, шљас…

Да се надеваме дека ќе го преживееме и овој бум и дека тресокот ќе помине со што помалку последици и скршеници.

Се зборува и за некаков економски раст. Мислам дека и ваквите најави не се сосема без основа. Ова го поткрепувам со фактот дека најголемите бизнисмени конечно излегоа од притвор. Стварно беше глупо да бараме нови инвеститори по светов со Љубе Бошковски, Зорица Апостолска и Бардул Даути, а домашни проверени и докажани инвеститори да ни скапуваат в затвор.

Толку сме затруени со политика, што никој не гледа на амнестијата како на економска мерка. Отвори Твитер и сите дрват нешто за политика и правда. Дајте да се свртиме малку кон економијата. Џабе ќе ни се сите придобивки од независната пратеничка група и од двотретинското мнозинство ако бумнеме на планот на економијата.

А нема економски развој без ефикасна администрација. Затоа, мора да радува што администрацијата е сè поефикасна и поефикасна. На пример, даночното решение за ДДВ распослано на вкупно една страна од еден лист хартија за кое се пријавив лани во законскиот рок до 15 јануари, се изготвуваше до 1 август, значи цели седум месеци, но затоа благодарение на реформите, беше доставено до моето поштенско сандаче експресно, само два месеца откако било изготвено, веќе на 1 октомври, што ќе се согласите е многу побрзо отколку времето потребно да се изготви. Напредуваме!

Притоа, човек не може да не биде пресреќен зашто решението, иако е изготвено на 1 август, а доставено на 1 октомври, е со важност од 1 јануари, што значи економскиот бум за мене веќе дојде, и тоа ретроактивно.

Толку добро ни оди на економски план што најцентарската општина на главниот град нема пари за две читалници, па мора да затвори една од нив. Славко Јаневски и Ацо Шопов сега седат на некое облаче на небото и го чекаат исходот, кој од нив двајца ќе испадне. Засега, повеќе шанси има Славко да остане, а Ацо да бумне од облачето наземји, но ако изгубат економска рамнотежа на облачето, може да бумнат и двајцата.

Нам со задоцнетите даночни решенија ќе ни е многу полесно да ѝ бумнеме на државата пари за ретроактивни даноци, кога знаеме дека тие ќе одат за благородни цели каква што е доживотната пензија на Ѓорге Иванов

Ама, зар градоначалникот е виновен што ова е година на економијата, а економски едно пајак-возило од ПОЦ вади повеќе пари дневно од сто читалници годишно. Впрочем, и анкетите на крајот од годината покажаа дека 45 отсто од граѓаните на Македонија прочитале една или ниедна книга во цела 2018 година (културен барометар). Од друга страна, секој совесен возач во главниот град барем двапати месечно заборава да го пушти својот регистарски број на порака до ПОЦ, а дури тројца од четворица возачи во Скопје во 2018 година пуштиле четири трепкачи мислејќи дека ќе ја завршат својата работа пред десното предно тркало да заглави во лисици.

И сега, во што според вас треба да инвестира општината? Во нови пајак-возила или во нови читалници?

Сепак, не е сè бумнато во Македонија како економијата. Има работи за кои со сигурност може да се очекува дека ќе претрпат позитивни промени во претстојната 2019 година.

Една од нив секако е промената на претседателската функција, која, ако независните пратеници не го сменат Уставот со некој амандман, та да овозможат трет или евентуално доживотен мандат, веќе нема да ја извршува лицето Хорхе. Ова само по себе е голем исчекор напред за државата, па и нам со задоцнетите даночни решенија ќе ни е многу полесно да ѝ бумнеме на државата пари за ретроактивни даноци кога знаеме дека тие ќе одат за благородни цели каква што е доживотната пензија на Ѓорге Иванов.

Да се надеваме дека економскиот бум нема да нè погоди толку да не може да издржиме две доживотни пензии, со оглед на тоа дека веќе десет години издвојуваме за Бранко Црвенковски и тие пари се меѓу подобро вложените расходи на даночните обврзници.

Помеѓу Славко и Ацо некако ќе се решиме за еден од нив, но ве молам не нè ставајте пред избор помеѓу Б.Ц. и Хорхе. Подобро дајте уште некој данок да плаќаме. Еве ако треба и тој ретроактивно.

Колку и да ви изгледа бумбастична, долга и непремостлива 2019, гледајте повеќе вести, следете политички дебати, прес-конференции, парламент, читајте соопштенија, плаќајте сметки и даноци и таа ќе летне за час, исто како и претходната

Преживувањето на економскиот бум и претседателските избори не се единствениот предизвик во 2019. Нè очекуваат и други крупни поместувања. Веќе во јануари има шанси да ја заокружиме Преспа, а во февруари и да влеземе во НАТО. Што за нас, секако, е многу подобро отколку за самата НАТО.

И тоа не е сè. Ако на изборите избегнеме мртви, а реформите продолжат со несмален интензитет, во јуни има шанси да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, на есен е реално да се очекува концерт на Здравко Чолиќ, за кој однапред може да се предвиди дека ќе биде културен настан на годината, а веќе кон крајот на есента и на почетокот на зимата ќе почнеме да размислуваме за економскиот бум во 2020.

На толку многу предизвици и бумови, кои толку драматично зависат од нив, стварно нема смисла да се фрла пизма врз граѓаните дека ништо не читаат. И таа една книга што треба да се прочита годинава е луксуз.

Но, не грижете се. Колку и да ви изгледа бумбастична, долга и непремостлива 2019, гледајте повеќе вести, следете политички дебати, прес-конференции, парламент, читајте соопштенија, плаќајте сметки и даноци и таа ќе летне за час, исто како и претходната.

П.С.

Денеска да ти бил свети Игнат, ден за кој се верува дека е одлучувачки за тоа што ќе ви се случува во текот на целата година. Имено, постоело верување дека она што ќе го правите денеска, ќе го правите целата година. Ај јас што немам кисмет – немам, ќе треба да пишувам колумни цела година… Ама вас ве жалам повеќе, на толку убави книги, вие на празников решивте да прочитате колумна.