Државна матура за возрасните

Ако кантарот е расипан, барем ти биди исправен – вели една народна поговорка. Одлуката на синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) да го стави протестот во мирување е исправна одлука во последен момент, во време кога државниот буџетски кантар е бајаги расипан.

Никој не ги оспорува причините за незадоволството во ДИЦ. Секако дека платите што ги добивале не се одраз за соодветен третман на обемот и комплексноста на нивната работа. Глувоста на надлежните околу нивните барања за зголемување на платите, од една страна, а од друга – брзопотезното наоѓање средства за зголемени функционерски, пратенички, директорски, градоначалнички и други плати за 78 проценти (по сила на одлука на Уставниот суд), секако дека дополнително го зголемува револтот.

Ако има финансии за одмрзнати и зголемени плати на околу 1.600 носители на разни функции, зошто да нема и за нив – 29 на број. Но, тоа незадоволство не е ендемско: го има и кај тие што нѐ лекуваат, негуваат, образоваат, чуваат, бранат, хранат…

Ставањето на протестот во мирување, всушност, беше единствената разумна опција, во време кога ДИЦ се соочи со објективен проблем. Едно е да се инсистира на истрајност во протестот во јануари, февруари или во март, сосема друго во мај, кога со тоа се доведува во прашање одржувањето на матурските испити на крајот од месецот.

Луѓето од ДИЦ се само дел од армијата незадоволни од разни категории, секоја од нив со легитимни забелешки, кога се споредуваат образовните квалификации или обемот и сложеноста на работа – со „висината“ на платата

Јасно е зошто се обидоа прашањето да го решат под притисок на испитните рокови: по мај доаѓа јуни, читај – почеток на летото, кога сите нешта се одвиваат со намален обем и интензитет, и многу потешко е да се води дијалог за права кога надлежните ќе се разбегаат по одмори. Во календарот на нашата пракса, тоа значи одложување на дијалогот за последниот квартал од годината. 

Како и да е, споредбата – како може да нема пари за 29 луѓе, а да има за 1.000 и кусур раководни лица, никако не смееше да заврши со блокада на испитот на над 70.000 матуранти. Не затоа што 70.000 е повеќе од 29, туку заради одговорноста.

Ставањето на протестот во мирување не е знак на слабост. Со тоа не му прават „услуга“ на МОН или на Владата, туку процесот на полагање на државната матура го спасуваат од експерименти и интервенции, кои може да ја нарушат или да фрлат сомнеж врз неговата валидност. Тоа е и единствениот исправен начин на луѓето од ДИЦ да го потврдат интегритетот, но и професионалната одговорност, која извира и се влева кај тие за кои е намената – средношколците.

А пораката на средношколците беше јасна: правото на штрајк е уставно загарантирано, ама, исто така, и правото на образование.

И ним им е сосема јасно дека „кантарот“ за одмерување на платите во јавниот сектор одамна е расипан. Иако многупати се најавуваше негово баждарење, за да нема дисбаланси од кои сите ќе бидат незадоволни, вклучително и корекција на коефициентите за пресметка, дискусијата сѐ уште вергла во место.  

Премиерот е незадоволен што раководители на регулаторни тела добиваат поголеми плати од платите на првите тројца функционери во земјава, ама тоа незадоволство тлее од горе до долу, на сите нивоа, и по вертикала и по хоризонтала. Луѓето од ДИЦ се само дел од армијата незадоволни од разни категории, секоја од нив со легитимни забелешки, кога се споредуваат образовните квалификации или обемот и сложеноста на работа – со „висината“ на платата.

На децата им должиме едно големо извинување и многу поголемо разбирање за проблемите со кои се соочуваат или потешко се справуваат денес

Сето тоа најмалку треба да се прекрши врз учениците и образовниот процес. Ако некој прилично трпеше во изминатите години, тоа беа токму учениците. Прво, пандемијата им диктираше дали ќе учат онлајн или офлајн, а во еден подолг период и драматично им ја ускрати социјалната интеракција. За жал, не без последици.

Некои изгубија родители, некои добија последици по психичкото здравје. Изгубија и часови кога наставниците штрајкуваа за повисоки плати, и уште повеќе под секојдневната канонада од закани за поставени бомби. Да го изгубат и терминот за полагање државна матура ќе беше „малку многу“, особено во еден многу сензитивен период, кога нивното секојдневие се соочи и со страв за можни домино-ефекти од свирепиот чин во белградското училиште.

Зар беше малку сето ова, врз сѐ уште кревките плеќи на оние што ги прогласуваме за наша иднина? И премногу е. Ако се подвлече црта, по сето она на што беа изложени изминативе години (надвор од екстерните причини), на децата им должиме едно големо извинување и многу поголемо разбирање за проблемите со кои се соочуваат или потешко се справуваат денес.

Дел од тие причини, во голема мера, се последица од неоправданото отсуство на возрасните и нема бегање од таа одговорност. Таа одговорност не е еднозначна, бидејќи не е само институционална, туку и родителска.

Воспитната компонента почнува дома, а се надградува низ образовниот процес. Ниедна „страна“ не смее да потфрли во него. Во спротивно, не средношколците, туку најпрвин возрасните ќе треба да полагаат државна матура.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија