Имаше некоја симболика во името на инвестицијата („Фреш фуд“) на таблата зад премиерот Заев, кога „ден потоа“ тој објасни што сакал да каже со интервјуто за Бгнес. Во напорот да создадеш можности за да седиш на масата (на ЕУ), а не да бидеш на менито (како фреш фуд или подгреано јадење) има важни нијанси, кои ја отсликуваат клучната разлика меѓу она што се нарекува намера, и она што значи нејзина реализација.
Ако не се согледа таа разлика, или ако свесно се игнорира, тогаш и најдобрата намера може да заврши во корист на сопствената штета и да ја потврди балканската казнена практика: петелот што прв кукурика може да биде испратен во лонец.
Интервјуто требаше да биде реализирано со истиот јазик и аргументи како во објаснувањето што Заев го даде следниот ден
Заев не е ни наивен, ни неупатен. Тој добро знае дека на граѓаните им е дозволено да се раководат од емоции, но дека избраните функционери имаат многу потешка обврска – да не подлегнуваат на емоции, туку да влечат прагматични потези што водат кон решенија, да гледаат неколку илјади милји подалеку од она што во моментот ги зоврива страстите и ги замаглува хоризонтите.
Немам дилема дека Заев имал намера да направи исчекор. Во спротивно, спокојно ќе сурфаше на емотивниот бран по бугарското вето и во безбедна зона ќе си ѕидаше патриотски рејтинг. Но, исто така, немам дилема и дека ги испушти од рака сите сидра што требаше да го држат неговиот наратив подалеку од разни видови симплификации, а кои ќе заличат на историски ревизионизам и евтино додворување кон соседите, спуштено на ниво на муабет пред „кооперација“.
Интервјуто требаше да биде реализирано со истиот јазик и аргументи како во објаснувањето што Заев го даде следниот ден. Вака, ем се најде во ситуација да не биде разбран овде, ем да не ги импресионира соседите. Во желба да ја премине таа тешка планина, се чини дека на свој грб непотребно ја презеде обврската да им го олесни патот на бугарските колеги во објаснувањето пред нивната јавност зошто ветото не е решение и како треба да се гради пријателство.
Такво преземање на товарот евентуално би имало логика, само ако било најдено или ако е на повидок сигурно решение за надминување на недоразбирањата. Но, по огласувањето на Каракачанов со негова преодна оценка за интервјуто, кој од една надмена позиција ни порача дека ако продолжиме така, можеби за една година ќе ни овозможат да почнеме преговори, прашањето е зошто Заев решил авансирано да ризикува?“
Дополнително, обидот за исчекор кажан на начин како што беше кажан во интервјуто, во бугарската јавност експресно се преведе како „задоцнето враќање на грешниот син кон прегратките на ‘мајката’“, а прокнижено како директна потврда за оправданоста на ветото. По сево ова, единствените позитивни поени сигурно ќе се прокнижат на сметка на проактивност на земјава во барањето решенија, ама кога ќе се процени штетата од вознемиреноста дома, и од однесувањето на соседите, есапот во моментов не е поволен.
За иритациите да немаат крај, кај нас дополнително се погрижија сите заинтересирани за лов во матно – кој за власт, кој за хранење на политичкото его. Разбирливо е што опозицијата се обидува да се наметне како спасител. Во недостиг од автентична понуда, повторно се пријави за првите редови во одбрана на македонскиот јазик и идентитет. Па, колку идентитети имаме? Нели македонскиот веќе „го изгубивме“ по Договорот од Преспа? Или не.
Но, оној што во оваа епизода е на пат навистина да го изгуби идентитетот на почитуван и мудар политичар, е поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски. Иако најави дека го замрзнува членството во СДСМ, практично, тој за првпат по неколку години се самоодмрзна за да упати критика до сегашниот лидер на матичната партија. Критиката би била дадена од искрени политичко-морални позиции, доколку не се темели на кратко паметење, и на потврдата дека ако нешто се критикува, не мора да значи дека критичарите се (и целосно) во право.
Го потенцирам ова, бидејќи сигурно се сеќава во времето кога тој беше тазе премиер каква ерупција од незадоволство имаше кога Република Македонија беше примена како членка на Обединетите нации (1993), но под референцата „Поранешната Југословенска Република Македонија“ (ПЈРМ), сѐ до конечно решавање на разликата околу името. Беше ли тоа шок? Беше ли тоа болно за граѓаните? Имаше ли критики дека е продадена државата, идентитетот? Секој ден ечеше од протести пред Собранието.
За иритациите да немаат крај, кај нас дополнително се погрижија сите заинтересирани за лов во матно – кој за власт, кој за хранење на политичкото его
Побара ли од партијата некој одговорност за ваквата одлука, го замрзна ли некој членството во партијата? Не. Затоа што во тој миг беше исклучително важно земјата да биде примена во семејството на народите, да не биде третирана како неоколчена територија оставена на ветрометина, особено во тие години на крвавиот распад на Југославија. Благодарение на приемот во ОН, во тие турбулентни години, земјата имаше можност до 1995 година во неа превентивно да бидат распоредени единици на УНПРОФОР (UN Protection Force), а до 1999 и на УНПРЕДЕП (UN Preventive Deployment Force), како заштита од прелевање на воените активности од поранешните републики на СФРЈ во нашата земја.
Младите генерации денес не знаат колку жестоки беа критиките против Глигоров и Црвенковски. Нивната политика беше оценета како врвен национален пораз и предавство. Тие критики денес никој не ги спомнува, туку само придобивките: генерациите родени во тие години израснаа во земја која го одбегна виорот на крвавите етнички војни во Југославија, а границите на нашата држава на мирен начин беа зацртани на картата на светот. Како што се вели, некој денес седи во сенка, затоа што некој друг претходно насадил дрво.
Во однос на стабилноста, денес не е помалку важен почетокот на нашите преговори со ЕУ. Напротив, сите влади, вклучително и на Црвенковски, носат голема одговорност што по три децении независност и една деценија позитивни препораки, тој процес сѐ уште не е започнат.
Ако за нешто Црвенковски требаше да излезе од неколкугодишната самоизолација, е да го понуди своето искуство и помош на тој пат. Како што барем се обидоа некои поранешни премиери – Георгиевски, Бучковски…
Легитимно е Црвенковски да нема желба да помогне во садењето на новото дрво. Легитимно е да не се согласува со политиките на Заев. Но, најмалку што можеше да направи е барем да покаже минимум разбирање за неговите напори.