Исполнето ветување

Македонија може да се гордее – спроведе фер и демократски изборен процес во првиот претседателски круг, што доликува на консолидирана демократија каква што треба да стане и земјава, и еднаш засекогаш да излезе од категоријата цикличен хибрид.

Тоа е битно, бидејќи не треба се заборави што е главна карактеристика за цикличен хибрид: земја во која редовните промени во владејачките елити не носат значајни структурни промени, каде што во партиите доминираат лидери што постојано ги политизираат и ги заробуваат слабите институции или накусо кажано – тоа е комбинацијата на политички плурализам и површни институционални промени.

А на секои четири години, одново се најавуваат промени, кои потоа не се случуваат. Деновиве, функционери на СДСМ објаснуваат дека за лошиот резултат од првиот претседателски круг ќе правеле темелни анализи, за да ги утврдат причините. Овде-онде, некој ќе изусти дека дел од причините бил лош кадровски избор и – толку.

Но, оваа приказна реално датира од пред шест години, уште кога Заев најавуваше дека ќе заигра метлата. Ни во неговите мандати, ни потоа, метлата не заигра суштински. Не мора да прават длабока анализа, доволно е да се потсетат што ветија кога пред седум години дојдоа на власт.

Ветија крај на хибридот и режимот, ветија структурни реформи, ветија европско здравство и образование, ставање на правосудството на независни шини, стоп за партизацијата на администрацијата, стоп за криминалот и корупцијата, големи капитални и странски инвестиции, враќање на украдените пари во буџетот – нели бројчаникот требаше да заврти…

Лет во место

Ако беше „речено-сторено“, СДСМ сега ќе немаше потреба од чудење што Стево Пендаровски стана првата жртва на нивните нереализирани ветувања. Секако, имаше и тој свој придонес за резултатот, повеќе поради необјаснив молк во важни моменти, кога можеше да се обрати пред Собранието, бидејќи Уставот му овозможува обраќање „најмалку еднаш годишно“, што значи многу повеќе од редовното еднаш, со новогодишната елка во заднина.

Брзањето да го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик, на денот кога граѓански организации буквално го молеа да не става потпис, можеби ќе го даде и одговорот – зошто, како што тој очекуваше – не апсорбирал гласови од граѓанскиот сектор, кој во 2016 година беше важен погон за промените, но и за победата на Пендаровски во 2019 година.

Пендаровски со вето не би можел да спречи измените на Кривичниот законик повторно да бидат донесени, но ќе покажеше категоричен став против

Неговото објаснување за измените дека имало усогласување со европската Директива во делот за замрзнување и конфискација на имотна корист стекната со криминал, беше неуверливо покритие. Бргу стигнаа критиките и од Европската комисија, и од Стејт департментот, за контроверзните измени со кои застареа многу предмети на СЈО, а армија лица беа амнестирани.

Точно е и дека Пендаровски со вето не би можел да спречи измените повторно да бидат донесени, но ќе покажеше категоричен став против. Можеби тоа ќе предизвикаше и поинаков исход. Не добивме шанса да дознаеме. Наместо тоа, во одбрана на измените ги праша обвинителите и судиите – малку ли ви беа осум години, што правевте досега? На 24 април, голем дел од граѓаните решија преку Пендаровски истото да го прашаат СДСМ – а вие што правевте осум години, досега?

Ете таа цена денес ја плаќа. Ја плаќа и цената што остави „негови“ предлози за членови на Судскиот совет да бидат оние за кои ќе се договори мнозинството што треба да ги изгласа, и што во некои случаи не инсистирал на усогласен пристап во надворешната политика за никој да не прави импровизации, кои потоа ќе мора ги да брани, дури и кога нема веродостојни аргументи.

УЧК во членка на НАТО

Аурата на претседател, кој силно се залага за европска интеграција, бара многу повеќе од реторика, бара инсистирање на европско однесување и укажување кога такво нешто не се случува.

Па, кога Али Ахмети од скопскиот плоштад скандираше „УЧК, УЧК, УЧК“, во земја членка на НАТО, во присуство на несудениот „европски претседател“ и бивш „претседател на половина свет“, но и пред маса луѓе што го повторуваа неговиот восклик, требаше ли актуелниот претседател да се јави со остра осуда на реторика од пред две децении, која никако не може да придонесе за јакнење на меѓунационалните односи.

Кога Ахмети од скопскиот плоштад скандираше „УЧК, УЧК, УЧК“, требаше ли актуелниот претседател да се јави со остра осуда на реторика од пред две децении?

Нема цена по која тоа треба да се премолчи. За човек кој имаше храброст да прифати кандидатура во најлош период за СДСМ, полошо од губење гласови е губење на образот. На човек кој не учествувал во никакви афери, тендери и матни зделки, и во пораз образот му останува највредното од сѐ.

На крајот, животот ниту завршува, ниту почнува од избори. Тие се само една станица од траекторијата на која граѓаните решаваат на кого да му ја дадат довербата. Оние што се сега во водство за победа, треба да запомнат дека таа доверба е брзо менлива и минлива, ако политичарите не ги исполнат очекувањата на граѓаните.

Кога во 2017 година, СДСМ дојде на власт, од најголемата опозициска партија беа исплашени дека „овие ќе останат две децении на власт“. СДСМ по еден исклучително динамичен и продуктивен период од една година, набргу, чекор по чекор, грешка по грешка, почна да ја уверува опозицијата дека воопшто не треба да стравува оти оваа власт ќе трае долго. И единствено тоа ветување се потруди да го исполни.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија

***

*Пo објавувањето на колумната тимот за комуникации на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се јави со реакција која ви је пренесуваме во целост:

Во врска со Вашата колумна објавена на 26 април 2024 година со наслов „Исполнето ветување“ се наведува дека „кога Али Ахмети од скопскиот плоштад скандираше ‘УЧК, УЧК, УЧК’, во земја членка на НАТО, во присуство на несудениот ‘европски претседател’ и бивш ‘претседател на половина свет’, но и пред маса луѓе што го повторуваа неговиот восклик, требаше ли актуелниот претседател да се јави со остра осуда на реторика од пред две децении, која никако не може да придонесе за јакнење на меѓунационалните односи“.

Ве информираме дека претседателот Стево Пендаровски имаше реакција на 22 април (понеделник) во која апелираше до ДУИ и до ВМРО-ДПМНЕ да не се крева тензијата на меѓунационална основа за тоа кој е поголем патриот, а, темата за тоа кој победил во 2001 година, конечно да се остави на страна.

„Оставете ги тие работи што било 2001 година. Затоа уште еднаш апелирам да ја оставиме таа тема на страна. Овде сме сите во заедничка куќа, да живееме како една сложна фамилија и заеднички да си ги решиме проблемите. Во таа 2001 година немаше победник. Сите бевме губитници, а Македонија најголем“, истакна Пендаровски во Демир Хисар.

Во колумната исто така се наведува дека „Нема цена по која тоа треба да се премолчи. За човек кој имаше храброст да прифати кандидатура во најлош период за СДСМ, полошо од губење гласови е губење на образот. На човек кој не учествувал во никакви афери, тендери и матни зделки, и во пораз образот му останува највредното од сè“.

Користењето на дисквалификации базирани врз неточни информации е неприфатливо, особено кога доаѓа од долгогодишен новинар со кого претседателот Пендаровски имал коректна соработка сиве овие години.

*Одговор на Катерина Блажевска:

Почитувани од тимот за комуникации „Нашиот претседател – Стево“, во вашата реакција наведувате дека „претседателот Стево Пендаровски имал реакција на 22 април, во која апелирал до ДУИ и до ВМРО-ДПМНЕ да не се крева тензијата на меѓунационална основа за тоа кој е поголем патриот, а, темата за тоа кој победил во 2001 година, конечно да се остави на страна“.

Но, токму во вашето соопштение од 22 април (од обраќањето на Пендаровски во Демир Хисар), се наведува дека таква изјава дал „кандидатот за претседател Стево Пендаровски“, а не „претседателот на државата Стево Пендаровски“, што се две различни улоги.

Второ, јас пишувам за потребата од „остра осуда“ на конкретен чин, вие посочувате дека „апелирал“ до две партии, што е млак и несоодветен и одговор на посочената реторика и потенцијалните ризици од истата.

Трето, неразбирливо е зошто моите квалификации за претседателот Пендаровски („како човек кој не учествувал во никакви афери, тендери и матни зделки, и во пораз образот му останува највредното од сè“), од ваша страна се доживеани како „дисквалификации базирани врз неточни информации“.

Останувам на ставот дека образот е поважен од сѐ, секако и од изборните резултати, но не можам да влијаам врз начинот на кој истиот бил „протолкуван“.